
1. Интернет-културниот феномен познат како „nick-name“ бездруго претставува неизбежен дел од електронската комуникација. Неговата масовна оприсутнетост по речиси сите „брда и долини“ на www пространствата прави од него еден толку вообичаен (до степен на невидливост) сегмент од опкружувањето и со самото тоа како да ја обесмислува потребата од било какво негово проблематизирање. Можеби токму таа „нормалност“ на неговото користење успеа да ми го привлече вниманието и да побуди неколку не баш едноставни прашања.
2. „Nick-name“ во превод значи прекар, а се користи како псевдоним под кој се претставуваат корисницие на интернет форумите, блоговите, chat програмите и т.н. Во огромен број случаи, ми се чини повеќе од 90%, станува збор за имиња што не соответствуваат на нивните вистински имиња. Она што од прва паѓа во очи е прашањето – која е причината за заменувањето на личното име со псевдоним? Уште позбунувачки е фактот дека не станува збор за проста потреба од сокривање на идентитетот – поголемиот дел од личностите што стојат зад прекарите воопшто не се обидуваат да го направат тоа. Примањето на прекар попрво е прифатено како своевиден адет, чин кој го пропратува станувањето дел од едно друштво – природно е да имаш nick, сите имаат. Во овој текст ќе предложам неколку мои куси размислувања на оваа тема.
3. Не можам веднаш да не се сетам на една епизода од првата книга на Библијата, во која сеуште неогревовениот Адам, по Божји благослов, им дава имиња на живите созданија. Адам, свештеникот Божји на земјата, преку тоа дејствие ја пројавува својата, од Бога дарувана власт над сето создание. Самиот чин, пак, на примање на името е чин на смирение и положување завет на послушание кон неговиот дарител. Од друга страна, во Црквата доста често се практикува давањето на нови имиња на нејзините членови. Црковното имедарувење е изрично светотеаински чин и ги прати сите премини од еден во друг начин на живеење во Црквата. Во современата црковна практика присутни се две имедарувања – првото е она при крштевањето, а второто при замонашувањето. Но во минатото на Црквата постоела практика името да се менува при секоја промена на службата во неа – при хиротониите, па (ако не се лажам) дури и при хиротесиите. Примањето на новото име претставувало потврда на посветеноста и послушанието кон Црквата на примателот, како носител на определена функција во неа. Важно е да се подвлече дека даденото име секогаш го претставува целиот човек, го определува како уникална и единствена личност пред Бога и пред созданието.
4. Да се вратиме сега на nick-name-от. Би поставил неколку прашања и проблеми кои се однесуваат на неговото користење во комуникацијата воопшто. Како прво – дали прекарот го претставува и воопшто може да го претстави целиот човек, или пак претставува само определен аспект на неговата личност? Ми изгледа повеќе од очигледно дека прекарот ја парцијализира личноста, излоира некој нејзин дел и го поистоветува со целата личност. Тоа можа да биде извршено по желба на самата личност, но и по желба на средината во која таа се наоѓа. Така, на пример, определена особина, настан, или дел од „имиџот“ на една личност дава повод самата таа да се сведе на таа особина, настан или „имиџ“. Училиштето и „друштвата“ се типични примери за средини во кои речиси неминовно се добиваат прекари. Така еден од соучениците си го добива името Комарецот (оти бил слаб), друг Фластерот (оти на сите „им се лепел“), а трет Фанта (оти носел капче на кое со крупни букви бил испишан истоимениот бренд бојадисана зашеќерена водичка). Не ретко се случува авторот на прекарот да е самиот негов носител. Вториов случај е доста интересен. Тука тој самиот издвојува нешто од себеси, со кое сака да се и претстави на својата околина. Најчесто тоа се прекари кои треба на некој начин да ја погодат фрекфенцијата на определено друштво, да го претстават својот носител како негов успешно интегриран член.
Токму вторава појава е типична за интернет прекарите. Паѓа во очи униформноста на ваквиот начин себепретставување. Нејзини видливи икони во вон-виртуелниот свет би биле изгледот (на пр. начинот на облекување), естетиката (на пр. стилот на слушаната музика) и т.н. Тука проблемот не е во изборот, туку напротив – во тежбата кон ограничување на само еден избор, сведување на целиот микрокосмичен човек на само еден негов аспект. Ако Бог нè создал како целовити личности, преполни со содржини, чие бескрајно богатство е запечатено и оиконето во едното име, каква е тогаш смислата на нејзиното минимализирање во нејзиниот прекар?
5. Второто нешто што ми паѓа во очи е потребата на друштвата од потврдување на припадноста на членот преку негово (пре)именување. Ми текнува, на пример, на прочуените „партизански имиња“, или на „да-умреш-од-смеење“ експериментите вршени во некои тоталитарни држави, како на пример во комунистичка Албанија. Имено, во времето на Хоџа се распространува неверојатното соц-албанско име Маренглен, кое ги содржи иницијалите на, погодете – Маркс, Енгелс и Ленин! Она што Црквата го правела уште од Адама, сега се краде, се унаказува до непрепознатливост и се раздава како сопствен продукт. Дури и добро познатата, во суштина шалтерска процедура, наречена „регистрација во матично“, има „собрано“ еден куп елементи од црковниот чин венчание и самиот има упадливо ритуален карактер. Не за џабе отците отсекогаш гледале на ѓаволот како безнадежен трансвестит и ужасно недаровит имитатор на Христос.
6. Виртуелниот свет на интернетот ја има можноста да стане подеднакво вистински како и реалниот, но само ако ние изградиме вистински однос кон него. Нема потреба од бесмисленото распнување на личноста помеѓу овие два света, а токму од спротивното – соединување на двата света во човековата личност. Човекот не е створен за да се раскршува не безбројни парченца, од кои секое ќе претендира да се претстави како целиот тој. Името кое Бог му го дал на човекот кога го создал не било шизофреничар, туку свештеник – единственото битие создадено за да обединува… – до бескрај. Не само себеси, не само човештвото, дури ни целото создание – но самото небо и самата земја да ги обедини во себеси – благодатниот Богочовек.
Filed under: Христијанска етика и аскетика | Leave a Comment

No Responses Yet to “Nick-name идентитет или виртуелна травестија”