Хипократе – колут напред!
Изминативе две седмици имав уникатна можност во сета нејзина сила да ја почувствувам на сопствена кожа компетентноста на македонската современа медицина. Просто налетав на една општо распространета појава: кога високо образованиот лекар ќе утврди дека „нема појма“ што му е на пациентот – тогаш тој убаво на пациентот му го припишува славното „рицино“ од Македонски народни приказни. Со други зборови – вади од ракав веќе претходно спремена и за секој случај чувана „ени-мени-сени-дијагноза“ и препишува соодветно лекарство општоважечко за сите случаи од овој вид. Генијално. Ако за нова година ти залута куршум во градите они се чудат како може да има толку размазени деца што цмиздрат на „ујед од инсект“. Имаш ли инфаркт – ќе ги поминеш сите можни лекари (вклучително и уролог!) – за на крај по грешка некој да примети дека човекот умира и дека можеби и срцето не е лошо да се прегледа. Но ова е доста среќен случај – бидејќи обично ваквите истории завршуваат со дијагнозата дека „им било на нервна база“ (наведениве случаи се 100% вистински). Да не продолжувам – има далеку поморбидни примери.
Друг феномен, кој перфектно се надградува на наведениот би можел да се нарече: „колку лекари – толку дијагнози“. Е дури тука почнува на реалната болест да се накалемува и славната „нервна база“. Ваквата несреќна дијагноза ама-ептен-често претставува психолошка проекција на самиот нејзин дарител – просто различни лекари ти прават различен „филм“ за целата работа. Едни се паничари; други се ноншалантни типови, кои тапкајќи те по рамо ти кажуваат дека „абе гајле немаш бате, терај“; трети се тотални трупови и оооолбааавено ти соопштуваат дека пола живот ќе треба да си го промениш поради утврдената дијагноза – исто како да ти зборат за тоа дека летоска џунџулињата од дворот на баба им не цветале баш најубаво!
За да не ме разбере некој погрешно – тука зборам конкретно за офталмолозите. Неодамна еден пријател ми ја претстави својата теза за тоа дека најголемите садисти на светов се забарите. Жал ми е Горане, ама деновиве тезата ти беше на мртво побиена, и тоа емпириски – твоине со офталмолозиве немаат никакви шанси! Додека траеше еден од прегледите низ глава ми прелетуваше – заедно со убиствениот млаз светлина што штедро ми се изливаше по внатрешноста на очното јаболко преку расчепатената зеница и душмански натиснатата врз неа стаклена призма – гневната помисла: Самуиловите војници – lucky bastards! Дури после прегледот дознав дека анестезијата која се користи во амбулантата „не фаќала убаво“! И сите овие работи ги кажувам тотално свесен за сопствениот статус на „лекарско дете“. Што е со другите пациенти – не би сакал да знам. Lord have mercy!
На крај после повеќедневната тортура конечно имав можност да се сретнам и со „некој нормален“. Седнавме на муабет со една пријателка на мајка ми, професор на меицинскиот факултет, која исто како мене страда од сериозни проблеми со очите. Иако офталмологијата не и е специјалноста – таа беше единствениот човек со кого можеше сериозно да се поразговара за проблемот. Советите од неа како „паталец“, а истовремено и одличен познавач на состојбата во која македонската медицина во моментов се наоѓа – беа единственото нешто од што навистина видов аир после мојата двонеделна „одисеја“ низ Клиничкиот центар во Скопје.
Filed under: Христијанска етика и аскетика | Leave a Comment
Tags: Самуиловите војници, клиника, клинички центар, лекари, македонска современа медицин, медицина, офталмологија, офталмолози, рицино, садизам, садизам и медицина, садисти


No Responses Yet to “Хипократе – колут напред!”