Црквата и бадникарите
Во денешниот број на Дневник се појави текст кој за прв пат во Македонија на еден поодлучен начин го презентираше негативниот став на Црквата кон бадникарските традиции. Текстот беше насловен како: „МПЦ против прослава со пагански обичаи – Со ракија и огнови не се слави Божик“.
Бадникарските огнови, печењето колбаси и пиењето ракија се во апсолутна спротивност со начинот на кој верниците треба да ги одбележуваат деновите пред Божик, сметаат достоинственици на МПЦ. Митрополитот струмички Наум и митрополитот американско-канадскати Методиј, велат дека гозбите и пиењето околу коледарските огнови е во целосна несогласност со црковното предание и со божикниот пост.
„Бадник го славиме по пагански, а Божик, ако имаме сила да го славиме заради бадниковите теревенки, тоа го правиме по рисјански. Посната бадникова вечера, како претпразненство на големиот празник на Христовото раѓање, кое треба да го сплоти семејството, и полноќната Божествена литургија се заменети со литаниите на маалските огнови и култот на греената ракија. На тој начин се уништува убавината и раскошното предание на нашата празнична култура“ – потенцира епископот Методиј во својата колумна „Реставрација на традиции или реставрација на примитивизам“, објавена на интернет-порталот на МПЦ „Преминпортал“…
Јован Таковски, професор на Теолошкиот факултет „Свети Климент Охридски“, вели дека треба да се прекине со ваквите традиции. „Тоа се само пагански обичаи со кои Бадник се претвора во забава, а се прекинуваат постот и подготовката за празникот. Нема врска меѓу огнот и пештерата во која се родил Исус Христос. Бадник треба да се помине со молитвено бдеење во храмот. Не случајно во таа пригода се читаат најмногу молитви. Постот е неспоив со пиењето ракија и грешка е ако некој мисли дека на тој начин ќе ги привлече луѓето кон Црквата“ – порача Таковски.
Сепак изнесени беа и различни ставови по прашањето:
Свештеникот Драги Костадиновски од Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје вели дека на палењето огнови и пиењето ракија не треба да се гледа толку ригидно. „Огнови во чест на раѓањето на Исус Христос се палеле уште во 3 век, од страна на првите црковни општини. И јас не одобрувам пиење ракија во големи количества, но ако се пие во умерени граници тогаш може да се дозволи. Исто е и со музиката и со играњето ора околу огновите“ – вели Костадиновски.
Пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, утре Здружението „Бадник“ ќе им дели бадникови гранчиња и греена ракија на верниците. „Нема ништо паганско во начинот на кој ние го организираме прославувањето на Бадник и Божик. Само сакаме да добијат бадниково гранче и оние луѓе што немаат можност да го купат. А топлата ракија е тука за да се згреат на студеното време, исто како што делиме и чај. Ова е една народна традиција што сакаме да опстане“ – вели Александар Пановски од Здружението „Бадник“.
Интересно е што и вториот став е на некој начин насочен против предбожиќното теревенчење. Тука акцентот е повеќе поставен врз народната традиција, додека во претходниот врз изворната црковна традиција. Сепак, главниот проблем во вториот став е што тој по правило остава премногу простор за „злоупотреба“ на народниот обичај, т.е. за премин од „опстојување на традицијата“ кон општонародно теревенчење. Делењето на бадникови гранчиња, на начинот на кој е опишано во последниот цитат, во принцип не изгледа проблематично – но праксата, т.е. начинот на кој тоа реално функционира, изгледа неумесена за многумина на кои празникот на Христовото рождество нешто им значи (колку за ислустрација само погледнете го следниов линк).
Дали постои начин за вистинско помирување на народната традиција со црковната во овој случај, или за такво нешто едноставно не може да стане збор – навистина не би можел безрезервно да кажам. Повторно, изгледа дека главниот проблем е во нашиот однос кон нештата околу нас, а не толку во самите нешта. Од друга страна, традициите произлегуваат од самиот наш начин и култура на живеење, од него биваат одобрувани, продолжувани, но и модифицирани и преобразувани. Кога нашата ревност во верата би ни била краен критериум во празнувањето – можеби би успеале да најдеме соодветен начин и коледарскиот оган да го поставиме на вистинското место во овој празничен период. Сепак, според тоа како во моментов нештата стојат, изгледа дека од нив можеме да видиме многу повеќе духовна загуба отколку полза.
Filed under: Христијанска етика и аскетика | 1 Comment
Tags: Божик, Коледе, Рождество Христово, американско-канадски, бадникови гранчиња, греана ракија, злоупотреба, маалски огнови, митрополит Методиј, митрополит Наум, оган, отец Јован Таковски, отец Драги Костадиновски, пагански обичаи, пост, празник, празнување, реставрација на примитивизам, реставрација на традиции, семејство, традиции


Како илустрација за тоа до која мерка се знае да се забега може да послужи следниот „исечок“ од денешниот број на Вест:
“Ој Коледе, Коледе, што ти прави жената…”, така секоја година на Коледе се разлеваат еротски песни во Тиквешијата. Со чашка ракија и со печени колбаси, мажите се собираат околу коледарскиот оган и до доцна во ноќта се натпејуваат кој ќе испее “помрсна” песна. Не дај Боже таа вечер патот да ве одведе покрај некој коледарски оган. Нема да куртулат ниту вашите жена, мајка, сестра. Сите ќе се најдат во песните, кои доколку ви ги испеат во друга пригода, ќе падне ќотек. “На коледе нема лутење, кој не може да слуша – воопшто нека не оди на огнот”, порачуваат коледарите, кои таа вечер дури и на своите деца им дозволуваат да пеат непристојни песни. Адетот е пагански, велат свештените лица и нема никаква врска со убавиот празник со кој се поврзува раѓањето на Исус Христос, но во Кавадаречко, мажите од памтивек се подготвувале за него уште од Митровден, откако ќе го набереле грозјето.