lestvica1.jpg

Ако е точно тврдењето на многубројните православни отци дека Хростос е над Истокот и Западот, од каде тогаш толку често сретнуваната безрезервна самоидентификација на православието со идејата за Истокот, доживеан како своевиден негатив на Западот? Како да постои некаква пубертетска зависност од христијанскиот Запад. Пубертетска – затоа што е по правило „контрашка“. Формулата за „пресметување“ на православниот став по определено богословско прашање доста често знае да гласи отприлика вака: за што и да се застапи Западот се множи со „минус еден“ и се добива православната вредност! Многу убаво!

Римокатолиците имаат филиокве, а ние немаме филиокве! Римокатолиците немаат епиклеза, ние имаме епиклеза! Они имаат папа, ние немаме! Они имаат чистилиште, ние немаме! Они имаат бесквасен леб, ние – квасен! Сега, да не се разбереме погрешно, ништо од сево ова не е неточно, ама духот на ваквата „контра-генерализација“ е длабоко навлезен во начинот на размислување на „источно-православниот“ богословски стил…

Затоа, по инерција, сега воопшто нема да биде тешко списокот да продолжи да се надополнува. Па така, ако римокатоличката црква (во првата половина на 20. век) почне да се застапува за редовен евхаристиски живот на верниците, тогаш и оние православни кои го прават тоа од памтивек, од „источно-православните“ биваат најкомотно прогласени за жртви на Западот. Уште подраматична е историјата на современиот екуменски дијалог. На западното „за“, „источњаците“, без многу да му ја мислат, а користејќи се со веќе добро испробаната формула, одговараат со категорично „против“! Ваквиот стил е забележлив и во веќе надминатите, по потекло западни, генерализации од типот: западната мисла тежи кон рационалното, а источната кон мистичното, или западната е аристотеловска, источната платоновска (што е веќе сосема бесмислено – најнамразениот антички философ во историјата на Византија е без конкуренција Платон, чие учење не еднаш, туку дури три пати бива осудено од византиската Црква)!

(Продолжува…)