7. „Светата тајна на принесувањето“ (А. Шмеман) е основната тема во контекст на расправата за крвната жртва. „Во наша вера најголем курбан леб и вино и литургија“[1]. Но за да стигне до ваквото преобразено значење на терминот курбан, отец Кирил ги исклучува сите негови хетеродоксни семантички елементи. Тоа го прави постепено. Затоа на почетокот на расправата прецизно ги разграничува поимите: „Курбан остана од Авраама, а просфор и вино остана од Мелхиседека“[2]. Потенцирајќи ја одвратноста на крвната жртва во споредба со бескрвната – „не праат курбан со вино, токо со крв и со месо како пци на касапница“[3] – тој го прочистува значењето на терминот и започнува да го користи во чисто литургиски контекст, со значење на жртва.
Отец Кирил го гледа принесувањето во контекст на самиот чин на Евхаристијата, но и во контекст на литургијата по Литургијата, како подготовка за достојно учествување во чинот. „Курбан пријатен Богу дух строшен и сердце строшено и смирено да отнесеш пред Бога, тоа љубит Бог а ништо друго, никакви курбани, никакви закони. Во наша вера најголем курбан леб и вино и литургија. Ама и литургијата со пизма (непријателство), со фодулско (гордо) срдце, без дух строшен без строшно срдце и без смирение, не ја примат Христос Бог. Затоа велит поп и во литургиа викат: ,вонмем свјатое возношение во мирје приносити’“[4].
Тој знае дека лебот и виното се икона на светот кој човекот како свештеник Му го принесува на Отецот и знае дека без вистинско, потполно себепринесување човекот лицемерно и лажно стои пред Бога. Смирението, духот строшен, е првиот чекор кон богопштењето, кон исполнувањето на првобитното човечко свештеничко назначение. Гордоста, „фодулското срце“, е почеток на гревот – основна причина за секое богоотпаѓање. Почетокот, пак, на подвигот се состои токму во добродетелта на смирението – единствено во смирението е можно вистинско самоиспитување: „да истражиме себе, какви сме, дали сме достојни за причесна или не сме“[5], дали сме во мир со Бога и со ближните или не сме.
[1] Кирил Пејчиновиќ, Собрани текстови, Македонска книга, Скопје 1974, стр. 35[2] Исто, стр. 23
[3] Исто, стр. 23
[4] Исто, стр. 35
[5] Исто, стр. 35
Напишете коментар