Туку што го изгледав и по трет пат „Остров“, по што конечно си дозволувам, во пишана форма, да предложам некои од моите размислувања за него. Филмот остава силен впечаток со својата многуслојност, внатрешните аналогии, поврзаности и контрасти, при што ја допира сржта на православното аскетско мислење и дејствување. Сакајќи да зборувам за сето тоа, намерно би избегнал да се вплеткам во општи и генерални кажувања, туку би претпочитал да се фатам директно за еден од моментите, кој силно ми го привлече вниманието: финалниот дијалог помеѓу јуродивиот старец Анатолиј и Тихон. Нешто „не штима“ во целиот тој дијалог, ако се гледа просто како разговор во кој старецот бара прошка од Тихон. Ако човек се вдлабочи во разговорот, може да забележи своевидна двојственост во односот на старецот кон Тихон.
Пред самиот крај на разговорот Тихон му простува на старецот – и тука, по стандардите на веќе тешко метастазираниот во нашата религиозна култура патетичен пиетистичко-религиозен начин на мислење, би следувало да се расплачат, или да се прегрнат, или било што друго во тој дух да направат. Но, се случува нешто сосема поинакво. Разговорот не завршува со Тихоновите зборови: „Јас ти простив“, пропратени со очекуваниот блажен и насолзен поглед на исповеданиот старец во кадарот кој полека се затемнува. Старецот, откако успеа да измоли прошка од човекот кого го уби, го завршува разговорот со зборовите: „Тихон, оди си во мир… Господ е со тебе“!?
Од каде сега овие зборови? Колку за потсетување, оди си во мир – се зборовите кои Христос не еднаш ги упатува, кога по верата и љубовта на луѓето Тој чини чуда: од чудесното упокојување на свети Симеон Богопримец (Лука 2,29), преку простувањето на гревовите на жената блудница (Лука 7,50), до исцелението на крвотечивата жена (8,48). Вторите зборови, Господ е со тебе, се оние кои архангелот ги упатува кон Марија (Лука 1,28) благосвестејќи и го зачнувањето на богомладенецот. И едната и другата фраза бива кажувана како одговор на верата и љубовта на оние кон кои се упатени.
Двојственото однесување на старецот го проникнува целиот филм: покајаниот убиец и светиот јуродив. Едното и другото, пак, се собираат во зборовите кои отец Анатолиј му ги кажува на игуменот – „Едно не разбирам… зошто токму преку мене? Кога за моите гревови е малку (Бог) и да ме удави?“. Тука е и клучот за разбирањето на разгледуваниот разговор помеѓу старецот и Тихон: силата Божја се покажува во човечката немоќ. Затоа немоќниот покајник е истиот оној во кого се прославува Божјата семоќ. И наместо разговорот да заврши со тоа што нему му е простено и што сега може мирно да си умре, тој завршува со благословување на Тихон! А оној кој благословува е над благословениот. Немоќниот, кој бара прошка, е оној кој, правејќи го тоа, го приведува другиот кон Бога.
Тихон можеше да не прости. Старецот му ја даде полната слобода за тоа. Би се рекло – го одбра најлошиот начин да побара прошка од Тихон. Го поведе разговорот „од околу“, па на моменти беше провокативен, на моменти отворено ја покажуваше својата слабост – стравот – поради која и го застрела. Едноставно – му даде доволно можности да стане и да си отиде без да му прости. И на Тихон очигледно не му беше лесно. Од друга страна можеше многу лесно да „изнуди“ прошка. Но старецот тоа не го направи. А тоа беше така затоа што барајќи прошка, самиот тој „го исповедаше“ истиот оној од кого бараше прошка. Простувањето не му беше толку потребно на старецот (самиот тој беше толку радосен кога го виде, што не му требаше ништо повеќе), колку што му беше потребно на Тихона. И кога Тихон на крај собра сили да му прости на човекот што го застрела и со тоа, всушност, да ја исповеда својата вера и љубов кон Бога – старецот го заврши разговорот благословувајќи го: „Тихон, оди си во мир… Господ е со тебе“.
Во една молитва на почетокот на филмот старецот се молеше: „помилуј ја душата на твојот слуга Тихон“. И првото што го бараше беше не самиот тој да се спаси и да добие прошка, туку Тихон да биде помилуван. Затоа исповедта на Тихон е онаа која всушност е во прв план, а не онаа на старецот. По примерот на светите отци, старецот спасението на ближниот го стави пред сопственото, подобно на светиот апостол Павле, кој вели: оти повеќе би сакал да бидам одвоен од Христа за браќата свои (Рим. 9,3). Љубовта на христијаните кон Бога е поголема од љубовта кон себеси. Затоа и нивната радост поради личното стекнување (па дури и на спасението) – не може да се мери со радоста која ја имаат кога Бог го стекнува Своето. Затоа не бива да се поставува прашањето „дали јас ќе го добијам спасението“, но „дали Бог ќе ме добие мене и сè што е мое“. Христијанинот не го бара своето, а го бара Христовото. Низ таквото копнеење со Христовата копнеж и љубење со Христовата љубов се отвора патот кон радувањето со Христовата радост – постојаната и полнотна радост (Филип. 4,4; Сол. 5,16) на оние кои со Христовото име се именуваат.
Многу убаво, Милан, Господ е со тебе 🙂
Ми се допаѓаМи се допаѓа
Ти благодарам Клео. Драго ми е што ти се допаѓа. Добредојде.
Ми се допаѓаМи се допаѓа