8. Следниот чекор е помирувањето „со Бога… и со брата своего“, како најважен услов за учество во Светата евхаристија. Самото тоа помирување, реализирано во покајанието и исповедта пред духовникот, подразбира принесување во љубов, при што ќе бидеме подготвени „самите себе и сиот живот на Христа Бога да го предадеме“. „Да се исповедамо на духовника… и на велиј ден можеш достојно да се причестиш, достојно да празнуеш, достојно да се веселиш, достојно и духовно да се радуеш“.
Ова принесување подразбира континуиран процес на постојан подвиг во верата. Тоа бара покајание во кое љубота кон Бога ја надвисува и сотира секоја помисла за повторно богоотпаѓање. Божјата љубов е неизмерна. Затоа ниту една апостазија не може да биде посилна од неа и од можноста за повторно враќање во заедницата со Него – „Илјада кабаети да имал чоек, најпосле ако се покаил, шубе учинил, за греот плакал, со све срдце пришол при Бога, духовник што му заповедал держал… спасение наоѓат“ – но тоа враќање нема никаква важност без понатамошниот подвиг, кој ја изградува и продлабочува љубовната врска помеѓу покајаниот блуден син и Отецот, помеѓу невестата и Женихот.
Затоа непрестаната молитва претставува императив во изградувањето на овој љубовен однос. Отец Кирил нè повикува да бидеме „дајма (постојано) на богомолство“. На тој начин непрестано ќе ја обновуваме љубовта кон Бога и, испитувајќи се себеси, ќе се зачуваме од замките на лукавиот – „Чоек кога дајма спомиња Бога и молит Му се често, тој имат оружие на дјавола“. Едно од моќните оружја во овој подвиг е и помислата на смртта: „Господ не ни каза смертта, салт ни рече да сме готови“.
Напишете коментар