Пред некое време на еден православен портал беа објавени ехо снимки, на кои беше прикажано што се случува со зачнатото дете додека врз него „се извршува абортус“. Искрено немав нерви да ги изгледам – доволно ми беше што ми ги раскажаа. На кусо, на бебето му се откинува дел по дел од телото, при што тоа воопшто не останува пасивно – тоа се придвижува, ја чувствува опасноста и „не стои мирно“ додека го касапат… Мислам дека би било забегано да продолжувам со описот (ако некој е заинтересиран за детаљи – има доволно литература, веб страници, документарци и т.н.).
Мислејќи на сево ова ми помина прилично морничава помисла низ глава – зарем гинеколозите (па и некои од мајките) кои ги извршуваат абортусите не виделе „ехо снимка“ од абортус? Гинеколозите многу јасно знаат што прават, но сепак – продолжуваат да го прават тоа. Следствено, ако тие се свесни дека извршуваат убиство, но сепак го прават, тогаш има ли нешто што би можело да ги одврати од тоа? Морничавоста се состои во фактот што во таквиот човек очигледно повеќе не постои внатрешен (човечки, морален) закон, кој би го спречил во намислата за убиство. Законот на човекот бива целосно определен од надворешниот закон (законот на правото, стапот и морковот, т.е. казната и наградата), кој, пак, сè повеќе и повеќе се адаптира на најбесловесните нагони на поживотинетиот човек. Ако правото се изградува на овој начин, до каде тогаш може да стигне? Знам дека ова (сè уште) може да звучи скандалозно, но немам ниту трошка надеж дека, ако тоа биде посакано (а се посакува на големо), педофилијата утре нема да се сведе на секојдневие. Во секое време сум спремен кажаното прилично издржано да го бранам, со очајна надеж дека ќе се најде некој да ме побие.
Врвот на перверзноста се согледува во пропагандата, низ која ваквото формирање на правните закони се извршува – во името на човековите права и слободи! Ова е тотален оксиморон! Гледање на слободата во бесловесноста, гледање на слободата во погазувањето на божествената слобода.
(more…)