Една сè уште актуелна дискусија од блогот „prohora“ деновиве ми го привлече вниманието. Прво сакав да напишам коментар, ама од „коментарот“ излезе цел пост, па решив да го објавам тука. На кратко, станува збор за прашањето на човечкото (конкретно женското) достоинство и театарот, поставени во (или надвор од?) контекстот на христијанското аскетско предание. Дебатата околу прашањето за односот на денешните христијани кон оваа форма на уметничко изразување изгледа дека сè уште не е затворена, па затоа ќе си дозволам да предложам неколку размислувања на оваа тема.
Прашањето за женското (но и воопшто човечкото) достоинство е вистински потресно прашање во денешно време. Обестајнетата (=расхристовената) човечка личност (независно дали станува збор за нејзината телесна или духовна страна, или пак „бљутавиот“ синкретистички mix од двете) е до-очај-перверзно определениот и вредно-собираниот градежен матерјал на under-construction (ќеле)кулата нововавилонска. Театарот е само симптом. Скоро гледав едно… „нешто“ (како ли другачие да го именувам) во „Театар Центар“, во кое сценариото чудесно беше сведено на уникална улично-анатомска терминологија (воглавно однесена кон „членовите“ лоцирани од стомакот па надолу) и тук-там по некој сврзник и заменка. Дадаизам или кретенизам… навистина не можам да кажам. Но, од друга страна, има претстави во кои голотијата и сексуалноста присуствуваат, но на еден генијален (и во никој случај не „недостоинствен“) начин – како, на пример, недостижното Диво Месо во режија на Александар Поповски, или веќе класичното Буре Барут на Дејан Дуковски.