Една сè уште актуелна дискусија од блогот „prohora“ деновиве ми го привлече вниманието. Прво сакав да напишам коментар, ама од „коментарот“ излезе цел пост, па решив да го објавам тука. На кратко, станува збор за прашањето на човечкото (конкретно женското) достоинство и театарот, поставени во (или надвор од?) контекстот на христијанското аскетско предание. Дебатата околу прашањето за односот на денешните христијани кон оваа форма на уметничко изразување изгледа дека сè уште не е затворена, па затоа ќе си дозволам да предложам неколку размислувања на оваа тема.
Прашањето за женското (но и воопшто човечкото) достоинство е вистински потресно прашање во денешно време. Обестајнетата (=расхристовената) човечка личност (независно дали станува збор за нејзината телесна или духовна страна, или пак „бљутавиот“ синкретистички mix од двете) е до-очај-перверзно определениот и вредно-собираниот градежен матерјал на under-construction (ќеле)кулата нововавилонска. Театарот е само симптом. Скоро гледав едно… „нешто“ (како ли другачие да го именувам) во „Театар Центар“, во кое сценариото чудесно беше сведено на уникална улично-анатомска терминологија (воглавно однесена кон „членовите“ лоцирани од стомакот па надолу) и тук-там по некој сврзник и заменка. Дадаизам или кретенизам… навистина не можам да кажам. Но, од друга страна, има претстави во кои голотијата и сексуалноста присуствуваат, но на еден генијален (и во никој случај не „недостоинствен“) начин – како, на пример, недостижното Диво Месо во режија на Александар Поповски, или веќе класичното Буре Барут на Дејан Дуковски.
Е сега, според било кое здраворазумно расудување последниве две ремек-дела на современата македонска драма (не повеќе – доста се) не ми стои дека е можно па-ни-со-надчовечки-усулија да се определат како предмет на критиката на некој од касно-античните христијански отци, кои се занимаваат со „театарската проблематика“. „Дистинкциите“ се убава и полезна работа, па затоа – едно е Диво Месо, а друго е Женски Оркестар; како што се едно Анастасиа, а друго turbo-rock-дебилааната наречена Паркети, на чиј мелос (и останато…) завчера лекомислено си дозволив да бидам подложен. И кој не ја согледа разликата – лесно му пресудува… еве на пример – на отец Кипријан Керн, како и на еден куп современи и не-толку-дамнешни православни богослови, кои правеќи ја оваа суштинска дистикција – ги толкуваат контекстуално зборовите на свети Атанасиј Велики, или свети Јован Златоуст (кои, пак, за жал, сè уште не ретко биваат етикетирани како „(прво?)борците на ортодоксијата против театарското зло“).
Напишете коментар