10. Отец Кирил Пејчиновиќ е исклучително јасен и категоричен во однос на прашањето за достојното и недостојното причестување: „Тежко и горко томуа чоеку, што зема причесна какогодер, не се исповедал, не се простил со гаразлие (непријателите), не се покаил от тоа што чинил и мислит пак да чинит“. За него ова е единственото правилно толкување на текстот од единаесеттата глава од Посланието на светиот апостол Павле до Коринтјаните, во кој е изнесено библиското учење по ова прашање.
Степенот на подготвеноста за достојно пристапување кон светиот путир е определен од човековиот однос кон Богочовекот. Од него произлегува секој друг личносен однос и секој понатамошен чекор во подготвката за причестување. Во тој контекст, отец Кирил го дава најјасниот и најпрецизниот опис на трагичната душевна состојба на личноста која недостојно пристапува кон светата чаша: „а кој јаде и пие недостојно, суд се дејат… зашто не есапит Тело Христово“.
Евхаристијата е искачување во Царстовото Божјо – крајната дестинација на патешествието на Црквата во светот – и негово предвкусување уште во историското време. Неудостоениот за причест не го вкусува Царството ниту во овој живот, во Светата литургија, ниту, пак, во вечноста – во тоа и се состои неговата осуда. Затоа, изедначувајќи ги неподготвените со безбожниците, отец Кирил предупредува дека Бог „во царство Његово, во хубавиња Његова, не ги пуштат зашто не сат достојни“.
До крај верен на автентичното библиско предание, со префинета терминолошка прецизност карактеристична за најбогоозарените теолози на Црквата, отец Кирил радикално ги разграничува поимите лаос, народ Божји, „царское свјаштение“[1] од една страна, и „мирјани“ од друга страна. За Црквата секогаш важи принципот: таа е во овој свет, но не е и од овој свет. Таа есенцијална дистинкција не важи за мирјанинот, бидејќи „мир ќе речет – век овај“, што значи дека тој е човек од овој свет – „ἄνθρωπος κοσμικός“. За таквиот, огорчено заклучува Кирил, нема место во Царството Божјо: „И тија што живат во век овиј, како скоти, тија сат от рај испудени како пци от куќа“.
[1] Впечатливо е користењето библискиот термин „царско свештенство“, сосема заборавен од схоластицизираното и клерикалистички конципираното православно богословие на XIX век, но неизбришан од соборното сеќавање на живата литургиска Црква. Овој поим има клучно значење за правилното разбирање на односот помеѓу свештенството и лаосот, но и на севкупната хрстијанска антропологија и сотириологија.
Напишете коментар