Денес во изучувањето на странските јазици се користат различни методолошки пристапи. Она што ми паѓа во очи е тоа што повеќето од застапените методи – особено оние на покомерцијалните и, следствено, попознатите програми – наместо да го поедностават патот кон целта, само го усложнуваат и го продолжуваат. Конкретно, едниот пристап е оној на веќе стандардните јазични курсови (на пример, “Headway” курсот по англиски јазик). И не само што ваквите програми ја имаат способноста да траат со години, туку и по изминувањето на годините – сè што е научено се сведува на „навикнатоста“ на изучуваниот јазик. Поточно, целта на овие програми е навикнувањето на јазикот, почнувањето-да-се-мисли на соодветниот јазик, асимилирањето – но не и разбирањето на неговата внатрешна логика; не и разбирањето на логиката на јазиците воопшто. Граматичките правила, на тој начин, стануваат ноќна мора за ученикот – граматиката е нешто одвратно сложено. Владеењето со законитостите на јазикот бива заменето со „добивањето осет“ за истиот. Токму поради тоа – и преминувањето кон изучување на следен јазик (по истиот метод) повторно почнува од самиот почеток. И не само тоа – сум чул многумина како велат: „колку ми пречи претходно научениов јазик, ми се мешаат“. Наместо веќе стекнатото искуство од едниот научен јазик да биде од помош за следниот – тој многу често станува товар, пречка. Резимирано, ваквиот метод во изучувањето на јазиците – ем трае вечно (следствено и плаќањето за курсот има аналогно времетраење), ем те заковува за јазикот кој си се нафатил да го учиш (па дури и те онеспособува за изучување на друг).
Другиот метод, кој од сопствено искуство го препорачувам како исклучително ефикасен е „филолошкиот“. Тоа е оној класичен, „old school“ начин на учење јазици и примарно е сосредоточен врз разбирањето на јазикот и неговите внатрешни законитости воопшто. Еднаш разбраната граматика на индоевропските јазици многу лесно станува применлива на секој друг индоевропски јазик. Така, на пример, со разбирањето на старогрчкиот или латинскиот (или, за да не звучи толку страшно – со германскиот или италијанскиот) – во рака се имаат сите останати европски јазици. За разлика од претходниот “step by step” метод, тука акцентот паѓа врз претставувањето на целосна слика за јазикот. Навистина е грозно да се изучува една изолирана глаголска форма, без да се има никаква претстава за останатите, а што е уште пострашно – без воопшто да се разбира како функционира глаголот како глагол. Табелата во која се претставени еден куп работи – служи, откако ќе се пикира на конкретно нешто од неа, да се разбере контекстот и средината во кои тоа нешто постои во јазикот и функционира во него. Граматиката (како книга) служи за ориентација, за постојани навраќања на неа, за нејзино постојано мислење и премислување, за повторни и повторни преоткривања и осознавања на логичноста и мудрата устроеност на конструкцијата на изучуваниот јазик.
Од друга страна, класичниот метод изгледа доста страшно на прв поглед. Само од едно погледнување врз „безбројните“ табели во граматиката директно те фркнува глава. Ако згора на тоа и самиот наставник не ја разбира многу-многу работата – па те тера да ги учиш табелите напамет, без при тоа да ти ги покаже „финтите“, повторувањата, сличностите, аналогиите, т.е. логичноста на тие законитости – тогаш овој метод станува вистинска ноќна мора. Избегнувањето на овој метод е причинето токму од тоа – од неговата надворешна непривлечност. Денешниот „полиглот“ повеќе сака сликички (по можност во боја), сака да си игра, а покрај играта и да поднаучи нешто (ова важи подеднакво за децата и за возрасните). Изучувањето на јазик е нешто многу повеќе од тоа – тоа самото по себе е игра и тоа исклучително интересна игра. Јазикот треба да се мисли и да се разбере, а не механички да се „дрнка“ со години додека не ти влезе во глава. Учењето на јазик бара подвиг, аскеза – но тој подвиг е сладок (меѓу другото и кога ќе се види дека благодарение на него е постигнато она што обично се постигнува за многу подолго време). Учењето јазик е задоволство. Тоа е уметност (разбрано во широката смисла, како умение, art), како музиката (при изучувањето на различни инструменти – она што се учи се карактеристичностите на секој следен инструмент, но основата, општите правила на музиката остануваат истите), како математиката (со бројните законитости и формули, кои мора да бидат разбрани, а никако набубани, за да бидат на прекрасни начини понатаму применувани) и како останатите уметности на тривиумот и квадривиумот. Ако изучувањето на седумте слободни уметности во средновековието претставувало изучување на различни аспекти хармонијата на создадениот свет, тогаш и изучувањето на јазикот, како прва меѓу нив, е изучување на неговата хармонија, неговата логосност, неговата осмисленост, на неговите законитости како такви. Во аскетичното созерцание на таа хармонија се доближуваме кон вистинското созерцание на нејзината прва Причина, на Оној чија икона е секоја хармонија на тварниот свет, но Кој Самиот е над секоја замислива хармонија. Тоа е, на крајот на краиштата, смислата на секое учење и на секое постигнување. Учењето без обрнатоста кон тоа созерцание, без восхитот и опиеноста од архетипната убавина втисната во изучуваното, се лишува од својата крајна смисла.
Во контекст на главната тема, првиот метод не дава доволна можност за такво нешто – самиот јазик останува недопрен, неговата убавина и хармоничност не се предмет на работата, не се предлага задоволство во самото учење. Задоволство предизвикуваат различните методи на игра и забава кои треба да го привлечат вниманието на по дефиниција расеаниот ученик. Тој учи да го зборува и да го ползува јазикот – но всушност ништо не видел од него, не го разбрал, па да се восхити на него самиот, на неговата хармоничност и убавина. И кога ќе премине кон учење на друг јазик, тој почнува од самиот почеток – бидејќи не разбрал со сопствениот разум (логос), туку просто ја поминал дресурата. Во тоа нема никаква можност за поврзување на нештата, туку само нафрлање на нови и нови работи, кои во суштина се едни и исти, бидејќи правилата на хармонијата на светот се едни и исти – просто јазиците на кои тварта слови за нив се разликуваат.
Напишете коментар