Минатата недела имав можност да го изгледам филмот Животот на другите (Das Leben den Anderen) прикажан во рамките на фестивалот на нови германски филмови, одржан во скопското арт-кино Фросина. Филмот е вистинско ремек-дело на современата филмска уметност, добитник на Оскар за странски филм 2006 година. Не се чувствувам ниту компетентен ниту способен да дадам било каков посериозен критички осврт, но истовремено имам желба да пренесам барем малечок дел од впечатоците од виденото, како би го препорачал на сите оние кои немале можност да го изгледаат до сега.
Дејствието се одвива во осумдесеттите години во Источна Германија и го прикажува животот на тогашните источногермански интелектуални кругови. Силата на филмот се состои во неговата неидеологизираност – во него се прикажани живи вистински личности, во сета нивна природна нееднозначност и динамичност. Чудесната метаморфоза на личноста на главниот јунак во филмот – агентот на државната безбедност, чија задача беше деноноќно да го набљудува и прислушува писателот Георг Дрејман, како би ја докажал неговата нелојалност кон државата – е централното собитие обработено во филмот. На почетокот тој е прикажан како совршено чесен и немилосрден ревнител за редот и поредокот на општеството на кое му служи. Но, набргу нештата радикално се изменуваат – единствениот начин да ја сочува својата чесност и ревност кон правдата и вистината е да стане нечесен кон поредокот на кој до тогаш му служел. Проникнувајќи во сета длабочина на слободољубивата душа на својата жртва – во него се случува болното разделување на самата вистина од нејзиниот ракотворен идол – идеализираното царство на земјата. Тој го запознава најинтимниот живот на уметникот – кој нема никаква претстава за ништо од она што му случува – станувајќи му вистински ангел пазител… Стварно заслужува да се види.
Благодарам за препораката. 🙂
„Животот на другите” е филм во кој со острина се поставуваат проблемите за совеста, за приоритетите на човекот. Тоа е страшна историја која прикажува како се плаќа за своите и за туѓите грешки. Тоа конечно, е филм за суштината на човекот.
Можеби постои определен парадокс; Криста Марија го сакаше Дрејман за себе и без оглед на општествените прилики. На крај таа сепак, го предаде и изврши самоубиство. Агентот Вислер во своето душевно преобраќање се обидуваше да ја спаси нивната среќа. Самиот немаше никаков личен интерес од неговата ризична игра, во која за себе можеше да заработи најстрога казна. Неговата акција не беше ниту осмислен државен удар, тоа е пројава на воскресната човечност, за која другиот веќе не е само граѓанин – лојален на државата или антидржавен елемент, туку жив човек – кој се радува и тагува, кој љуби и страда…
За некого ќе биде неуверлив пресвртот на човек кој учел да ги отфрла своите емоции, да биде машина во служба на државата. Кулминативна точка, според мене, е сцената во која Дрејман ѝ кажува на Криста-Марија дека знае за нејзините средби со функционерот и ја моли да не оди веќе кај него. Тоа со напреганто внимание го слуша Вислер. Мислам дека тој токму тогаш осознава дека не треба да се уништуваат луѓето како Дрејман, т.е. луѓето кои умеат така да љубат и да простуваат. Сфаќа дека не може да биде правилен системот кој на човекот му ја одзема слободата и благородноста…
Филмот покажува дека љубовта и отвореноста можат да стапат во борба со сивилото и суровоста. Победата не е загарантирана, но очигледно, има смисла. Борбата за општествена правда нема свој позитивен идеал, таа секогаш ќе биде повеќе борба „против” темните страни на определени општествени уредувања кои ја деградираат човековата личност, отколку „за” некаков идеален државен систем, кој засекогаш останува утопија.
Ми се допаѓаМи се допаѓа