Тоа што Digital Areopagus е во основа конципиран како богословски и философски блог, не значи дека темата на која пишувам последниве два дена е вон контекстот. Напротив – прашањата за животот е смртта, за младоста и успехот, за тагата и радоста – се фундаментални философски и аскетско-богословски прашања. Ако ние знаеме само да теоретизираме, но истовремено кога ќе се соочиме со реалноста на теоретизираното пред самите наши очи не знаеме што да правиме – тогаш нашата теорија е напразна. Христијанската философија и теологија извираат од самиот живот, на него се изградуваат со цел на самиот живот да му служат, да го објаснат, да го преобразат, да го облагородат и да го осветат. Затоа сакам и понатаму да пишувам за настанот кој деновиве сите силно нè потресе – затоа што сега, кога сме далеку поранливи и почувствителни отколку претходно, сме многу поспособни согледаме некои нешта кои постојано сме ги имале пред очи, но нашиот поглед просто поминувал низ нив, без вистински да ги допре.
Уникатноста на Тоше Проевски на македонската и балканската популарна музичка сцена се состоеше во неговата неверојатна „нормалност“. Имиџот на Тоше е неспоредлив со повеќето „дејци“ од таа сцена. Тој беше „од другата страна“ на ексцесите, бунтовништвото, болната сексуалност, травестијата, силиконите – и сè останато кое обично се користи како магнет за привлекување на публиката, особено за привлекување на градските снобовски кругови. Тој го победи балканскиот поп-кич со неговиот nice-guy имиџ. Но не е само имиџот во прашање – Тоше успеа да остане искрен со себеси: вкусувајќи ја славата (која за нашите балкански простори, искрено кажано, беше огромна), тој не го поплука своето детство, своето семејство, своето Крушево, својата Црква. Тој остана истиот. Сите негови пријатели, како оние од детството, така и оние од подоцнежните денови го сведочат тоа.
Сите овие нешта ги пишувам имајќи пред очи една основна вистина на христијанството – злото е неспособно да биде запечатено во овој свет. Злото не може да истрае пред доброто, бидејќи самото нема своја суштина. Тоа настанува како негација на доброто, како отсуство на доброто. Смртта е зло и како такво – таа е отсуство на животот. Но, како такво злото и смртта немаат своја одржливост, тие не можат да се одржат. Оттука и мојот оптимизам. Оттука и оптимизмот на христијанството воопшто. Христос умира – и тоа е трагедија – но потоа воскреснува, воскреснувајќи го преку своето воскресение сиот свет.
На мислење сум дека трагедијата која се случи во огромна мерка ќе ја определи иднината на македонската, па во голема мерка и на балканската поп музичка сцена. Тоше стана легенда. Врз она што тој го направил – сега допрва ќе се твори. Тој ќе биде основата за понатаму. Неговиот имиџ ќе стане норма за успех. Тоше покажа дека може да се биде cool – и тогаш кога ќе си ги почитуваш семејството, традицијата, верата, личностите на другите, кога ќе бидеш секогаш решен да помогнеш на оние во неволја. Уште повеќе (нешто што за многумина во Македонија сè уште изгледа невозможно), докажа дека со сопствениот квалитет – со сопствениот труд и подвиг во умножувањето на од Бога дадените дарби – е можно да се достигне врвот.
Упокој ја, Господи, душата на починатиот слуга Твој.
Напишете коментар