Деновиве обрнав малку повеќе внимание на формирањето на листата на врски кон сродни страници и блогови (blogroll) на Дигиталниот Ареопаг. Открив неколку исклучително добри блогови (претежно на американски православни автори). Сега за сега ќе споделам два од нив (за останатите ќе си дозволам уште малку време убаво да ги разгледам): Teologia Pentru Azi на отец Дорин од Романија и Glory to God for All Things на отец Стивен од САД. Блоговите се извонредни и од сè срце ги препорачувам. Првиот блог, за жал, е претежно на романски јазик, што за повеќето македонски читатели сигурно ќе претставува проблем. Вториот е на англиски. Начинот на кој отец Стивен (американец конвертиран од англиканизам во православие) говори за својот живот во Христа и животот на Црквата чијшто член е самиот – исклучително е непосреден, природен, лесен и жив. Со стил лишен од било каков непотребен формализам, тој зборува за тоа како да се живее православието во современиот свет.
Воопшто, православната мисија на Западот (особено интензивирана во 20-ти век) има огромно значење за православието во целина. Нашиот „источно-православен“ свет, кој денес се соочува со турбулентни промени на сите нивоа на живеењето, има огромна потреба да го чуе гласот на оние „од онаа страна на промените“. Тоа се оние, кои за разлика од нас „православните што се соочуваме со западниот свет“ – се „западните кои се соочуваат со православието“. Тие се израснати во светот во кој ние без можност за враќање забрзано влегуваме. Поради тоа, пораката на православниот Запад е особено значајна за нас.
Можеби најважното нешто за „обичниот“ верник е токму „јазикот“ со кој тие зборуваат. Тој е сосема разбирлив, пред сè поради заменувањето на накитената (и за денешниот човек прилично заморна) византиска реторика со говорот на светот во кој живееме. Но, не само тоа – проблемите кои ги разгледуваат се токму оние наши секојдневни проблеми на кои ние, православните „во транзиција“, ги бараме одговорите. Тоа многу често го правиме на сосема несоодветен начин – или запаѓајќи во краен опортунизам во однос на сè современо, или препуштајќи се безгрижно на стихиите на овој свет и век. Но, православието отсекогаш било, е и ќе биде – ем „не од овој свет“, ем „во него“. Затоа, ниту една од двете крајности не е во согласност со живото предание на Црквата. Христос – а со него и ние – сме секогаш „над овој свет“. Ниту сме „против“ него, ниту сме „за“ него. Не сме „против“ бидејќи Бог го створил како добар. Не сме ниту безусловно „за“ – бидејќи она што Бог го подготвил за нас е нешто многу повеќе од овој свет. Да бидеме „за“ овој свет, значи да му се покориме. Напротив, она за што Бог нè направил е далеку поголемо од тоа – ние треба да се издигнеме над светот кон Бога, но истовремено и тој свет, од кој се издигнуваме, треба да го „повлечеме“ зад себеси, да го издигнеме и да му го принесеме на Бога. Осветувајќи се себеси, да го осветиме и светот – а не да го отфрлиме. Тоа осветување на светот означува негово „пренасочување“ – „пренасочување“ на сите негови потенцијали – кон Бога.
Како што светите отци од првите векови успеале да ги преобразат јазикот и мисловноста на античките пагански философи во свештен јазик и мисловност, така истото може да биде направено и денес: јазикот и мисловноста на евро-американската цивилизација (која за разлика од античката има христијански корени) да се преосветат со тоа што преку нив повторно ќе почне да се проповеда православното Евангелие. И како што големите отци од доцната антика потекнувале од самата таа цивилизација која биле преобразена во православна (светите Атанасиј Велики и Кападокијците припаѓале на грчката античка култура, а Августин на латинската), природно е и отците кои денес го прават истото да припаѓаат на западната култура.
Богословието за кое зборувам се одликува со способноста да го преведе православното предание на јазикот на современиот човек, без при тоа ни малку да ја осиромаши живата евангелската порака. Во тоа се содржи силата на богословствувањето на отците како Калистос Вер, Антониј Блум, Александар Шмеман, Томас Хопко и др. Со истата сила се одликува и содржината на погоре препорачаниот блог на отец Стивен.
Напишете коментар