Денес добив е-mail од пријателка од Србија, со кој ме извести за една иницијатива на српските екологисти – спречување на илегална изградба на бродоградилиште лоцирано до самата граница на еден од најголемите резервати на птици на Балканот „Стари Бечеј – Царска Бара“. Заводот за заштита на животната средина на Србија предупредува дека изградбата на објектот може да има фатални последици по животната средина и иднината на резерватот. Со таа цел, покрената е, меѓу другото, и електронска петиција, која може да биде потпишана на адресата:
http://www.petitiononline.com/strepera/petition.html.
Повеќе информации може да се најдат на веб-страницата:
http://www.blic.co.yu/drustvo.php?id=17446.
Неспорно е дека грижата за животната средина е органски дел од животот и подвигот на секој православен христијанин. Сепак, тука треба да се биде внимателен: во еко-активизмот, сам по себе, не се содржи ниту смислата ниту крајната цел на тој подвиг…
Според православното разбирање на светот и на улогата на човекот во него – наша задача навистина е да се грижиме за светот и неговиот опстанок, но и нешто многу-многу повеќе од тоа. Она што е најважно е таквиот грижливо сочуван и облагороден од нас свет – да Му го принесеме на Бога. Со други зборови, сета грижа која ние ја полагаме за светот кој не опкружува – својата смисла ја има единствено во неговото крајното соединување со Христа. Во Христа е вистинскиот живот на светот. Она што ние, како луѓе, го имаме како задача – е не просто да го „опстојуваме“, да го одржуваме светот, туку да му ја овозможиме полнотата на животот. Тоа, пак, е можно да се случи единствено преку нас луѓето, преку нашиот подвиг на љубовта кон Богочовекот.
Единствено во љубовта кон Творецот, ќе можеме да се здобиеме со вистинска љубов кон светот, кој Тој го создал. А таа љубов далеку го надминува секој „активизам“. При тоа не го укинува, туку напротив, му дава смисла и насока. Поимот со латинско потекло „активност“, на јазикот на светите отци од Исток се именува како „енергија“. Кога нашите човечки енергии ќе се причестат со божествените нетварни енергии (т.е. со Божјата благодат и љубов) – преку нашиот живот во Телото Христово, Црквата – тогаш тие навистина ќе ја добијат својата благословена насока и исполнување. Само на тој начин вистински се оспособуваме за исполнување на благословената задача да се грижиме за Божјото творение.
Напишете коментар