„Дали ќе се наложи младите во Бугарија да ја изучуваат трансцеденталната медитација“? – е прашање кое деновиве беше поставено на еден бугарски православен портал. Искрено, немаше ни да го прочитам текстот да не се случеше меѓу првите редови да го забележам звучното име на големиот режисер Дејвид Линч. Имено, Линч е член на меѓународната делегација пристигната во Софија на 09.11.2007, дојдена „со цел да пропагира обука по трансцедентална медитација, како дел од образовниот процес на младите“. Програмата ќе биде воведена на експериментално ниво и ќе вклучи „300 студенти, кои се доволни да ја променат државата – кон просперитет и кон ликвидирање на деликвенцијата и агресијата“, вели Линч.
Текстот понатаму на долго и широко објаснува како ќе изгледа програмата, при што на крајот – и тоа е тоа што ми падна во очи и ме кандиса да го напишам постов – се дава ставот на редакцијата по прашањето. Без да цитирам специјално – во напишаното е видливо едно преувеличување на целата работа. Веднаш се започнува со апокалиптичниот „филм“ дека децата во училиштата утре ќе мораат да го учат тоа, дека „од образованието треба да се спаси она што останало од него“, дека треба да се започне света војна (или што веќе беше) против неранимајковците кои пошле да ни ја трујат младината…
И не малку содржини со слични „бууу(рни)“ наслови можат да се прочитаат по православните веб презентации. Нагласениот став од типот „ние православните од едната страна и блудниот свет, кој на секој начин гледа да ни ја разнебити верата, од другата страна“ – прилично е индикативен. Од каде таа потреба секогаш да се бара вината во некој друг? Дали трансцеденталната медитација, „глобалистичките вештици“ и „индиските стапчиња“ се виновни што ние не си ја знаеме верата? Дали можеби ние не си бараме надворешни оправдувања за сопствената млакост и мрзливост? Зошто огромното мнозинство на православните кои живеат во западниот „глобализиран“, „секуларизиран“ и „пост-христијанизиран“ свет – не се опседнуваат (подвлекувам – „опседнуваат“ – а не просто „ангажираат“) со ваквата „проблематика“? Тие се пораснати во тој свет, го живеат и гледаат дека тој не е просто црн или бел. Самите ние ги нанесуваме боите на светот во кој живееме. Самите ние ја имаме задачата да го „пресоздаваме“ светот, да го облагородуваме, да го обожуваме.
Кога младите луѓе (кои се цел на дејностите на хетеродоксните религиознии и псевдорелигиозни организации и групи) би знаеле дека во Црквата е сè што им е потребно, кога Црквата и животот во неа би им биле блиски – воопшто не би ни помислиле на трансцедентални медитации, скиентологии, саи-баби, дедовци и други дрн-дрн-будалаштини. „Подобро е да се спречи отколку да се лечи“ – затоа и не е поентата во тоа луѓето да се испоплашат од „стравотиите на овој свет“, туку благовремено да им се помогне да го познаат животот на Црквата и да земат учество во него. И ако веќе треба да се даде став, тој став не бива да биде произнесен во некаков дефанзивно-апокалиптичен тон, туку од него да звучи неикажливата сила на љубовта на Црквата кон сето создание. Кога стравот ќе биде заменет со здрава загриженост, а омразата со искрено сожалување – тогаш Христовата сила навистина станува познатлива во нашите зборови и дела – и силно привлекува кон себеси. И тогаш, кога човек вистински ќе заживее во Христа, кога ќе ја вкуси полнотата на љубовта и радоста на таквиот живот – тогаш далеку потешко ќе може да биде залажан и завлечен од стихиите на овој свет. Тие просто нема да го интересираат.
Напишете коментар