Feeds:
Написи
Коментари

Archive for Декември, 2007

Пред некој ден сериозно ме стави на мисла еден настан околу кој се крена врева во повеќе медиуми низ светот. Станува збор за скандалозната послепразнична тепачка помеѓу православните и ориенталните (монофизитите) во рождественскиот храм во Витлеем, која завршила со седуммина повредени од двете страни. Храмот го користат православните, римокатолиците и монофизитите, со тоа што секоја вероисповед има свој дел во него, каде ги извршува своите богослуженија. Секоја година после празнувањето на празникот на Рождеството Христово (Божик) – група на свештеници и волонтери од секоја одделна вероисповед го чистат својот дел на храмот. Причината за тепачката е банална – едните поставиле скали „на територијата“ на другите, на што овие бурно реагирале. За кратко време почнале меѓусебно да се млатат со метлите и останатите предмети кои им се нашле при рака. Како во кафеана. За кратко време интервенирала и полицијата и ги разделила ревносните учесници во тепачката.

Зошто ја објавувам информацијава? Сигурно не поради фамозната „злорадост“, како што сигурно не малкумина едвај чекаат да извикаат. Напротив, настанов е трагичен и може да предизвика само печал и мачнина во стомакот кај секој нормален човек, независно дали тој е верник или не е. Прашањето што најприродно се наметнува е – до кога ќе си дозволуваме така лежерно да го скандализираме светот со себеси и своите непромислени дејствија? Тоа е прашање што навистина мора да си го поставуваме секогаш кога некаде настапуваме како православни и ја претставуваме својата вера. Со нашето недолично однесување плукаме по самата наша вера која наводно сме излегле да ја браниме. Живееме во време во кое стаповите и камењата (ниту во буквална ниту во вербална смисла) не се прифатени како соодветни средства за решавање на меѓусебните конфликти. Не можеме од една страна како православни да учествуваме во меѓуконфесионалниот, меѓурелигискиот и меѓуцивилизацискиот дијалог, а од друга страна да се користиме со методите на стаповите и плукањето – освен ако од некои рационално необјасниви причини имаме за цел да ја згрозиме јавноста со себеси и своето однесување (како што жал и се случи после прикажувањето на приложениот видео клип по вестите ширум светот).

Read Full Post »

rakomet1.jpg

Финалниот натпревар на светското првенство во ракомет за жени помеѓу Русија и Норвешка ме стави на мисла за една во принцип доста поразлична работа од ракометот – православната аскетика. Немам некој особен интерес по спортските натпревари, но ова сепак беше финале, па некако ми го привлече вниманието. Признавам дека го изгледав натпреварот од почеток до крај со огромно внимание. Колку и да не се разбирам од спортов, една навистина воодушевувачка работа беше преочигледна – неверојатната подготвеност (како физичка така и психичка) и на едниот и на другиот тим. Тие беа подготвени на сè. Играта беше исклучително напната. Најважното: имаше одделни грешки во играта на двете страни, но немаше суштински промашувања. После секоја направена грешка – тие продолжуваа понатаму. Русија на почетокот на второто полувреме водеше со пет гола разлика, за десетина минути покасно Норвежанките да ја намалат разликата до само еден гол. Но тоа не беше причина професионалниот руски ракометарен тим да си дозволи општо опаѓање на играта. Напротив, контра-нападите се зачестија и разликата повторно се зголеми. Имаше тешки ситуации кога тимовите играа со играч помалку, но не опаѓаа со играта. Точно во моментите на криза и двата тима знаеја со сета сила да возвратат назад…

(more…)

Read Full Post »

double_eye_small.jpg

Изминативе две седмици имав уникатна можност во сета нејзина сила да ја почувствувам на сопствена кожа компетентноста на македонската современа медицина. Просто налетав на една општо распространета појава: кога високо образованиот лекар ќе утврди дека „нема појма“ што му е на пациентот – тогаш тој убаво на пациентот му го припишува славното „рицино“ од Македонски народни приказни. Со други зборови – вади од ракав веќе претходно спремена и за секој случај чувана „ени-мени-сени-дијагноза“ и препишува соодветно лекарство општоважечко за сите случаи од овој вид. Генијално. Ако за нова година ти залута куршум во градите они се чудат како може да има толку размазени деца што цмиздрат на „ујед од инсект“. Имаш ли инфаркт – ќе ги поминеш сите можни лекари (вклучително и уролог!) – за на крај по грешка некој да примети дека човекот умира и дека можеби и срцето не е лошо да се прегледа. Но ова е доста среќен случај – бидејќи обично ваквите истории завршуваат со дијагнозата дека „им било на нервна база“ (наведениве случаи се 100% вистински). Да не продолжувам – има далеку поморбидни примери.

Друг феномен, кој перфектно се надградува на наведениот би можел да се нарече: „колку лекари – толку дијагнози“. Е дури тука почнува на реалната болест да се накалемува и славната „нервна база“. Ваквата несреќна дијагноза ама-ептен-често претставува психолошка проекција на самиот нејзин дарител – просто различни лекари ти прават различен „филм“ за целата работа. Едни се паничари; други се ноншалантни типови, кои тапкајќи те по рамо ти кажуваат дека „абе гајле немаш бате, терај“; трети се тотални трупови и оооолбааавено ти соопштуваат дека пола живот ќе треба да си го промениш поради утврдената дијагноза – исто како да ти зборат за тоа дека летоска џунџулињата од дворот на баба им не цветале баш најубаво!

За да не ме разбере некој погрешно – тука зборам конкретно за офталмолозите. Неодамна еден пријател ми ја претстави својата теза за тоа дека најголемите садисти на светов се забарите. Жал ми е Горане, ама деновиве тезата ти беше на мртво побиена, и тоа емпириски – твоине со офталмолозиве немаат никакви шанси! Додека траеше еден од прегледите низ глава ми прелетуваше – заедно со убиствениот млаз светлина што штедро ми се изливаше по внатрешноста на очното јаболко преку расчепатената зеница и душмански натиснатата врз неа стаклена призма – гневната помисла: Самуиловите војници – lucky bastards! Дури после прегледот дознав дека анестезијата која се користи во амбулантата „не фаќала убаво“! И сите овие работи ги кажувам тотално свесен за сопствениот статус на „лекарско дете“. Што е со другите пациенти – не би сакал да знам. Lord have mercy!

(more…)

Read Full Post »