Финалниот натпревар на светското првенство во ракомет за жени помеѓу Русија и Норвешка ме стави на мисла за една во принцип доста поразлична работа од ракометот – православната аскетика. Немам некој особен интерес по спортските натпревари, но ова сепак беше финале, па некако ми го привлече вниманието. Признавам дека го изгледав натпреварот од почеток до крај со огромно внимание. Колку и да не се разбирам од спортов, една навистина воодушевувачка работа беше преочигледна – неверојатната подготвеност (како физичка така и психичка) и на едниот и на другиот тим. Тие беа подготвени на сè. Играта беше исклучително напната. Најважното: имаше одделни грешки во играта на двете страни, но немаше суштински промашувања. После секоја направена грешка – тие продолжуваа понатаму. Русија на почетокот на второто полувреме водеше со пет гола разлика, за десетина минути покасно Норвежанките да ја намалат разликата до само еден гол. Но тоа не беше причина професионалниот руски ракометарен тим да си дозволи општо опаѓање на играта. Напротив, контра-нападите се зачестија и разликата повторно се зголеми. Имаше тешки ситуации кога тимовите играа со играч помалку, но не опаѓаа со играта. Точно во моментите на криза и двата тима знаеја со сета сила да возвратат назад…
Мислам дека аналогијата што сакам да ја направан е јасна, но сепак ќе дадам неколку појаснувања. Секој кој активно се труди да живее во Црквата знае дека тој живот е проникнат со силна и постојана духовна борба. Падовите се реалност за секој христијанин. Прашањето е како да постапиме откако падот ќе се случи. Сите свети отци во еден глас одговараат – веднаш стани и продолжи понатаму – продолжи со контра-напад! Нема време за очајанија, кукања и обвинувања. Во тоа се содржи уметноста на православното подвижништво – од една страна најумешно да се избегнува гревот (буквално преведен на македонски јазик, поимот грев значи промашување на целта!), а од друга страна – откако поради опаѓање на внатрешното внимание промашувањето ќе се случи – веднаш да се стане и да се продолжи понатаму. Методот на истрајноста е методот на православниот подвиг. Тој метод е применлив и задолжителен во секоја христијанска средина – независно од тоа дали станува збор за семеен или монашки живот. Двата подвига – и семејниот и монашкиот – се подеднакво благословени од Бога, подеднакво напорни и подеднакво прекрасни. Да, колку и да е напорен, христијанскиот подвиг зари со убавината на божествената благодатна љубов. Таа секогаш може да се види во личностите и делата на Христовите подвижници. Божествената убавина и љубов ја привлекуваат душата на човекот и сите нејзини сили и енергии, правејќи од него бестрашен подвижник Христов.
Затоа, во духовниот живот во Христа нема место ниту време за очајание, мрзливост, префрлање на вината на други и слични отклонувања од теренот на нашиот духовен натпревар (токму старогрчкиот збор аскисис од кој доаѓа во македонскиот јазик примениот поим аскеза, т.е. подвиг – означува спортско натпреварување!). Токму тогаш кога ќе „загусти“ – мотивираноста, подготвеноста и искуството на подвижникот доаѓаат до израз. На тој начин се изградуваме, на тој начин растеме и напредуваме кон крајната цел на нашиот животен натпревар: пехарот на причестувањето со возљубениот Христос и вкусувањето на неговото благословено Царство.
Напишете коментар