Каде е местото на празнувањето на новата година во животот на православните христијани? Ова е прашање на кое деновиве можеше да се слушнат најразлични коментари. Не би можел да кажам дека православието има некој конечно утврден „официјален“ став по прашањето. Токму поради тоа и самиот не би си дозволил да предложам ништо повеќе од едно лично видување.
Во принцип се јавуваат две бариери кои предизвикуваат во најмала рака резервираност на верните кон празнувањето на првиот ден од календарската година. Првата е определена од световниот карактер на празникот, а втората од календарот поред кој тој се празнува. Ми се чини дека втората бариера произлегува од проблемот со првата – како да недостасува јасно разликување на световното од духовното. Нели, логиката е – зошто еден наполно световен празник би требал да претставува проблем за верата? И следствено, ако тој празник е нешто тотално неповрзано со нашата вера – тогаш зошто би ни пречела неговата календарска лоцираност?
Но тука самото од себе се поставува прашањето – дали за еден православен христијанин такво отсечно разликување на световното и духовното може да биде воведено? Дали може световниот празник да се празнува потполно независно од црковниот? За секој кому религиозноста во принцип не му е блиска одговорот е јасен – да, се разбира дека може! Дури и да се најде некаква поврзаност – таа поврзаност во никој случај не би подразбирала подредување на световното празнување под духовното. Напротив – празнувањето на најлудата ноќ продолжува уште неколку дена – низ кулминацијата на лудоста на „Коледе-леде“, преку бадничкиот chill out, па сè до фајронтот за „Стара нова година“. Но тоа е друга тема…
Верникот во принцип ги поставува нештата на еден поинаков начин. За тоа да се разбере потребно да е се објасни што точно празникот претставува за верникот (конкретно православниот). Празникот има нагласено сакраментална (светотаинска) смисла. Тој е неразделен од Литургијата. Празникот без Литургија и причест ја губи својата „празничност“ – едноставно не е повеќе празник. Оттука и онаа психолошка одбивност на православните кон празнувањето на новата година – први јануари по својата природа не е празник, бидејќи просто нема свое исполнување во Литургијата.
Ако на ова се надоврзе и основаната причина поради која „Нова година“ ја губи својата литургиска димензија – имено дисонансот во календарското сметање на времето – тогаш станува наполно јасно од каде доаѓа ваквото неприфаќање на празничноста на првиот ден од грегоријанската година. Според јулијанскиот календар (кој останал како црковен календар во дел од помесните православни Цркви, меѓу кои и македонската) новата година започнува тринаесет дена покасно – кога во истиот ден се празнуваат празниците на Обрезанието Господово и свети Василиј Велики – додека први јануари според грегоријанскиот календар (т.е. според „новиот календар“) како од никаде изникнува на крајот од претпоследната седмица од божиќниот пост. Ваквата дисонанса помеѓу календарите, морам да признам, е не просто непријатна, туку и крајно бесмислена работа.
Кажав зошто еден празник (доколку „сака“ да биде празник) е неразделен од Литургијата и зошто како таков тој мора да има свое логично место во литургиската година. Во спротивно – тој од празник преминува во „слободен ден“, „неработен ден“, ден за одмор, ден во кој може да се опуштиме, да се оттргнеме од секојдневните обврски – своевиден световен шабат – но не и празник. И повторно имаме проблем со литургиското разбирање на светот и животот. Повторно се јавува дисонанса. Ние работиме и се уморуваме – не просто да се релаксираме во најлудата ноќ (или било која друга ноќ или ден) – туку токму таа работа литургиски да му ја принесеме на Бога во денот определен за почивка – Господовиот ден. Тука се согледува празничноста – а со тоа и литургичноста – на христијанското поимање на работата и почивката: ние сиот наш труд му го принесуваме на Бога, за потоа да го добиеме самиот Бог во светата Евхаристија.
Очигледно е дека колку и да се трудам – за православието останува невозможно да се направи строго разделување помеѓу световното и духовното. За него животот и светот се Свето таинство. Било какво дуализирање на тварта останува невозможно – бидејќи во Христа се надминува секое раздлување – не само на материјалното и нематеријалното, на световното и духовното, туку и на тварното и нетварното. Христос е Богочовек. Тој во себе неразделно ги обединува сите наведени начела. За секој Христијанин, т.е. за секој кој живее во Христа – ваквите разделувања претставуваат крајно неприродни, противприродни дејствија. Тие воведуваат и разделување на личноста на христијанинот – едниот нејзин дел станува духовен а другиот световен. Но ако се земе предвид дека Христијанинот е Христов образ, Христова слика – тогаш станува јасно дека тој на овој начин самиот Хирстос го разделил. Она што Бог го соединил – тој го разделува.
Ќе го оставам текстот без дефинитивен заклучок во однос на основниот проблем. Не поради некаква претерана претпазливост или нешто слично, туку од проста причина што има уште многу што да се пишува и размислува по прашањето. Не е поентата просто да се каже – грев е да се слави Нова година! Сепак живееме во свет од кој не бива да се изолираме. Христијаните се сепак во овој свет, колку и да не се од него. Колку е правилно или погрешно да се учествува во новогодишното празнување – навистина не би можел да кажам. Можеби многу поважно е да се постави прашањето – на кој начин би можеле да учествуваме во ова „прославување“. Дури и да го прифатиме први јануари за најобичен ден – што е лошото ако во тој „најобичен ден“ излеземе со пријателите, отидеме некаде на гости, ја поминеме вечерта на некој концерт или во некој клуб? Ако за нас навистина и светот и животот и секој миг од животот се една непрекината Литургија – тогаш каде е проблемот во правењето на сите тие нешта во еден обичен ден?
Среќна нова година. 🙂
Грегоријанскиот 1 Јануари (или 31 декември – не знам кога точно се паѓа Нова Година :), веројатно, тоа е момент кој изминал со самиот свој почеток) не е православен празник, но мислам дека не мора да се засегаме некому да му посакаме бериќетна нова година или со половина уста да да одговораме на новогодишниот поздрав. Барем затоа што на „Добар ден”, одговараме со „Добар ден”, независно дали за некој е – да речеме – 3 јануари, а за друг – 21 декември.
Конечно, календарските разлики не беа проблем ни за Рускиот Патријарх Алексиј, на Молебенот одржан на 18/31 декември, наречен дури Новогодишен) да посака „чтобы милость и благословение Божие сопутствовали всем нам на нашем жизненном пути, чтобы Отечество наше укреплялось, чтобы мир и согласие утверждались бы между людьми, чтобы имя Божие прославлялось не только в храмах, но и в сердцах каждого из нас. Я молитвенно желаю помощи Божией всем вам в наступающем году.”
Ми се допаѓаМи се допаѓа
Не само тоа – повеќе православни Цркви, кои го користат новиот календар официјално им ја честитаат на своите верни Новата година. На пример, почетните зборови кои може да се прочитаат на страницата на Православната Црква на Америка се „HAPPY NEW YEAR! We offer up thanksgiving to the Lord for all His blessings in 2007 and fervent prayers for the New Year“ (http://www.oca.org/). И на бугарскиот православен потал Православие.бг беше објавена веста дека „Патриарх Максим се помоли Новата година да бъде благословена“ (http://pravoslavie.bg/content/view/8824/202/). Има уште доста примери.
Нашиот проблем со празнувањето на Новата година се сордржи во: 1. исцело секуларното доживување на празникот кај нас и, поврзано со тоа, 2. неговата потполна разделеност од православната литургичност. И тука се допираат не малку горливи прашања (како она за календарот, на пример). При тоа, ми се чини дека главниот проблем не е самата идеја за празнување на денот во кој започнува новата календарска година, туку начинот на кој ние таа идеја ја перцепираме, ја преживуваме и ја реализираме.
Ми се допаѓаМи се допаѓа