Преземено од Утрински весник
Во епархиите на Македонската православна црква во градба се над 120 цркви кои ќе бидат завршени годинава или најдоцна во почетокот на наредната. Во Архиепископијата немаат вкупни податоци каде и колку се гради, како и колкав е бројот на завршените црковни објекти што се предадени во употреба последните една-две години, бидејќи секоја епархија си има свој буџет, свои верници и ктитори кои директно ја финансираат градбата.
Меѓутоа, впечатливо е дека доста се гради и се настојува да се „покрие“ секоја градска населба или село кое досега немало црква или, пак, била премала за духовните потреби на верниците. Тука не спаѓаат црквичките, параклисите и местата со „света вода“, кои без благослов на надлежните епархиски архијереи ги изградиле „верници“ кои во сон „од горе“ добиле порака дека нешто треба да изградат. Најчесто, самите ја злоупотребуваат недоволната упатеност на луѓето во верата и ваквите нелегални објекти, кои од црковни обележја имаат единствено крст и никаква врска со религијата, најчесто се користат за злоупотреба на туѓата мака и во нив „ординираат“ јасновидци, бајачи и гатачи…
Меѓутоа, впечатливо е дека доста се гради и се настојува да се „покрие“ секоја градска населба или село кое досега немало црква или, пак, била премала за духовните потреби на верниците. Тука не спаѓаат црквичките, параклисите и местата со „света вода“, кои без благослов на надлежните епархиски архијереи ги изградиле „верници“ кои во сон „од горе“ добиле порака дека нешто треба да изградат. Најчесто, самите ја злоупотребуваат недоволната упатеност на луѓето во верата и ваквите нелегални објекти, кои од црковни обележја имаат единствено крст и никаква врска со религијата, најчесто се користат за злоупотреба на туѓата мака и во нив „ординираат“ јасновидци, бајачи и гатачи…
Убедливо најголемо градилиште на нови храмови, легални и со благослов на архијерејот, е во Пелагониско-преспанската епархија, во која само во последните две години се завршени и осветени 61 црква, а 48 се во фаза на градба. Некои од готовите храмови се’ уште чекаат фрескоживопис. Оваа епархија, од осамостојувањето на државата, доби уште близу 200 конаци. Само три-четири цркви во Битола, на Кајмакчалан, Подмочани и во Јанковец имаат свои ктитори, двајца се нашинци од САД и од Канада, додека сите други цркви и околу 15-ина параклиси се прават со средства од верниците, ама во најголема мера градбата ја финансира Митрополијата.
Во Дебарско-кичевската епархија лани беа осветени 6-7 цркви, а во градба, главно во селата, и тоа како втори параклиси, се градат уште 20 објекти. Црквата во Трпејца е пример на храм чија градба верниците долго ја подготвуваа, но таа е завршена само за една година. Една од поскапите инвестиции во епархијата се конаците и капелата во охридски „Св. Наум“, кои имаат над 1.200 квадрати.
Цените на градбата на црквите се различни и главно зависат од тоа дали ќе се работи од делкан камен, со или без скап иконостас и фрескоживопис. Но, се цени дека просечно еден квадратен метар на црква е од 250 до 320 или најмногу до 350 евра, а на цената влијае и тоа дали црквата е лоцирана во градска средина или во некое оддалечено село, каде што транспортот значително ги крева трошоците.
Струмичката епархија од неодамна има уште 23 нови цркви, а 17 се градат, додека во Скопската епархија готови се десет, а во завршна фаза се пет цркви, лоцирани во главниот град или во околината. Најголем и најскап објект од милиони евра е црквата „Пресвета Богородица“, чиј ктитор е градоначалникот Трифун Костовски. Станува збор за црква што го носи името на заштитничката на Скопје, која била запалена и урната во Втората светска војна, а чија обнова неколкупати била започнувана, но градбата секогаш се уривала. Ова импозантно здание, сместено спроти Академијата на науките, велат, скопјани ќе го добијат годинава, исто како што во употреба ќе бидат предадени и црквите „Св. Илија“ во Аеродром, „Св. Злата Мегленска“ кај Матка, „Св. Наум“ во Радишани, каде што се погребани последните двајца поглавари на МПЦ г.г. Гаврил и г.г. Михаил, како и црквата „Св. Никола“ во Скопје – Север.
Брегалничката епархија, во која 20 цркви се во градба, засега е единствена што поведе иницијатива за уривање на сите „оброчишта“ или места на кои се поставени крстови, кои се работени на диво, без благослов од архијерејот и од Македонската православна црква. Интересно е, вели владиката Иларион, кој и го отвори прашањето за расчистување на бајалиштата, што тие, како по правило се направени во непосредна близина на црквите за полесно да може да ги „обработуваат“ потенцијалните клиенти.
Г. Иларион тврди дека во неговата епархија на свештениците не им е дозволено да одат во овие диви градби, бидејќи таму „луѓето му се поклонуваат на ѓаволот, а не на Господ“. И затоа сите што нема да се покаат и нема да го почитуваат Уставот на МПЦ, во кој е пропишано кој и како може да гради параклис или црква, ќе бидат урнати. Тој очекува неговиот пример да го следат и другите владици на Македонската православна црква.
Напишете коментар