Во последно време доста често за предмет на повеќе дискусии на тема „православие“ беше поставуван таканаречениот „равенски инцидент“. Би сакал прво да предложам неколку основни податоци и разграничувања во врска со настанот, со цел да се избегнат непотребните недоумици и забуни. На равенските преговори помеѓу православната и римокатоличката комисија во октомври 2007 се случуваат две нешта – инцидентот помеѓу православните делегации на Московската и Цариградската патријаршија и потпишувањето на документ кој основно го обработува прашањето за приматот на римскиот папа. По доаѓањето на претставници на непризнаената од Руската Црква – Естонска Црква (под јуриздикција на Цариградската патријаршија) – руската делегација предводена од епископот Иларион Алфеев, по извршени консултации со Москва, ги напушта преговорите. После тоа како главен претставник на православната Црква на преговорите останува делегацијата на Цариградската Патријаршија предводена од митрополитот Јован Зизиулас. Како резултат на преговорите се потпишува контроверзниот документ во чиј центар на вниманието е прашањето за папскиот примат. Се разбира, руската делегација како отсутна не го потпишува документот.
Во овој контекст, би предложил дел од интервјуто направено со епископот хераклејски Климент, направено после неговата средба со епископот Иларион Алфеев на охридската меѓурелигиска конференција одржана крајот на октомври 2007: (…)
1. Годината што измина ја одбележи и една несекојдневна вест, дека на состанокот во Равена, Италија, делегациите на католичката и на православните цркви, потпишале документ од 46 точки со кои се поставени темелите на соединувањето на црквите? Познати ли ви се решенијата од овој договор, дали се тие добра основа?
Да, добро ми се познати решенијата од равенскиот договор за кои сум и изворно информиран од страна на Епископот Виенски и Австриски г. Иларион (Алфеев), за време на неговата посета во Македонија. Тој ми ги посочи клучните поенти и случувања при последното заседавање на мешовитата православно – католичка богословска комисија во Равена. Тоа ми помогна да го изградам својот став околу овој, како што го нарече италијанскиот весник “Република”, “возен билет” за надминување на православно-католичките проблеми. Ако продолжам во стилот на употребениот журналистички жаргон, би рекол дека никогаш не би патувал со оваа патна карта, затоа што впишаната дестинација на неа е неизвесна. Документот содржи спорни моменти особено во делот за т.н. Универзална Црква. Предложениот нов модел на црковно устројство во овој контроверзен документ е мошне проблематичен. Во своето интервју за “Интерфакс”, споменатиот архиереј, како предводник на делегацијата на Московската патријаршија во Равена веќе ја изрази својата убеденост дека Равенскиот документ не само што нема да нѐ приближи со католиците, туку ќе внесе нова поделба меѓу православните. Искрено ја споделувам неговата грижа која ми се чини мошне оправдана.
2. Можно ли е, според Вас, воопшто обединувањето на христијаните по долговековниот раскол кој датира уште од 1054 г. и има се уште недоволно залечени последици?
Современиот свет се обединува и се интегрира во унија на економски интереси и во алијанса на воено-политички цели. Тие, пак, конституираат општествен амбиент во кој како демократска придобивка на граѓанинот-верник му се загарантирани верските слободи и права. Но, и покрај тоа што живееме во свет кој пред сѐ на економски и воено-политички план интензивно се обединува, сепак, како што барем засега стојат работите меѓу верските неусловени центри, не постои таков тренд на интеграција. Обединување на христијаните би било многу нереално да се очекува, особено кога за тоа не постои здрава основа. Ова, пак, не значи дека не треба да постои дијалог.
3. Вселенскиот патријарх Вартоломеј отворено кажа дека на папата треба да му се признае приматот на Рим, а тоа веќе наиде на отпор, посебно кај Руската православна црква која не сака на Вселенскиот патријарх Вартоломеј да му го признае и “приматот по власт”. Се чини дека еден од проблемите за обединувањето се наоѓа во рамките на православни цркви, во нивните несредени односи, посебно во релациите меѓу Руската православна црква и Цариградската патријаршија. Како тој да се залечи?
Знаете, сите ние на Цариградскиот патријарх му го признаваме приматот по чест со кој од древност се стекнал. Но, кога неговиот најблизок соработник митрополитот Јован (Зизјулас) промовира став дека каноните признаваат само еден примат – примат на реална власт, почнуваме сериозно да се запрашуваме дали во православниот свет на повидок е пирамидалниот проект - конструкција на “православен папа”? Дали на Фанар кој се доживувал и се претставувал како координативен центар меѓу помесните православни цркви, наместо да презема мирни иницијативи му се потребни вакви сомнителни потфати, кои го подриваат неговиот црковен авторитет и морален кредибилитет. Московската Патријаршија чијашто паства е побројна од онаа на сите останати помесни Православни Цркви заедно, е најповикана со Фанар да дискутира за сите исклучително комплексни и реални проблеми и актуелни состојби во православното црковно семејство. Факт е дека Равенскиот инцидент ги заостри односите меѓу Москва и Фанар. По неуспешните преговори по прашањето на трите нови епархии во Бесарабската митрополија, крајна затегнатост во релациите се забележува и меѓу Романската и Московската Патријаршија. Токму затоа, час поскоро, сите теми кои нас како пастири нѐ обременуваат, а современиот човек го соблазнуваат, треба да бидат отворени на Сеправославен собор.
Напишете коментар