Уште пред да се случи прогласувањето на независноста на јужната српска покраина Косово и Метохија – си дадов збор дека барем некои десетина дена по собитието нема да напишам ниту збор по прашањето. Добро е човек малку да земе здив, да остави колку-толку да си легнат работите, па дури тогаш да опсудува и да предлага мислења. Се разбира, она за што ќе пишувам нема да бидат некакви специјални политички, економски и не знам какви анализи – ниту сум јас стручен за тоа, ниту блогов се занимава со наведените области – туку просто ќе се обидам да фрлам малку светлина на неколку клучни сегменти од целата приказна.
Првиот интересен момент, во секој случај, беше солидаризирањето на Римокатоличката црква и Светскиот совет на црквите со Србија. Ватикан јасно и гласно одби да ја признае самопрогласената независност на Косово. И тука може на долго и на широко да се „бистри“ и анализира – но едно е сигурно: Ватикан со ова направи многу битен чекор во насока на подобрување (или барем одржување) на дијалогот со православните (а особено со Руската Православна Црква)…
Понатаму, многу важно прашање кое се поставува е – што со православието на Косово? Идејата за можна православна мисија меѓу косовските Албанци е просто претерано утопична. Сè додека проблемот дефинитивно не биде решен (а под дефинитивно решавање на проблемот подразбирам усогласување на српскиот и албанскиот став околу иднината на оваа територија) – на Црквата на Косово, за жал, не и преостанува подобар концепт од веќе познатиот модел од времето на турското владеење со балканските простори. Тоа значи – славјанско-православен „милет“, кој ќе треба или да се „интегрира“ во новото општество (предложениот пат за тоа е секуларизацијата по европски терк), или да остане затворен во своето национално-религиозно гето.
Знам дека последново звучи малку екстремно, па и доста некарактеритично за мојот начин на размислување – но и ситуацијата која ја опсудуваме е самата по себе крајно „некарактеристична“. Косовскиот случај е исклучок на сите можни планови, па затоа и јас би си дозволил еден таков – за мене некарактеристичен – исклучок. На еден американски блог (автор на блогот е американец, ангажиран во повеќе невладини организации, кој веќе три години живее во Белград), целосно посветен на тековните случувања на Балканот, стои апсолутно скандалозната реченица (парафразирам): српскиот народ ќе треба да тргне или по патот на нивниот владетел (свети) Лазар и да го избере небесниот живот и царство пред земните, или конечно да го направи вистинскиот избор и да почне да живее во реалниот свет!
Пазете, за тоа дека станува збор за јасен избор од клучно значење за еден народ зборуваат не само „религиозните водачи на Србија“ – истото (само превртено) јасно и гласно го кажува и другата страна! Сега, кога има и најмала можност работите некако да се изгладат, да се стигне до некаков конструктивен компромис, да се избегнат крајностите – секогаш сум прв! Но кога станува збор за ситуација, која самата по себе е екстремна – тогаш не останува ништо друго освен, како што вели нашиот блогер, да избереме помеѓу едното или другото.
Затоа ми се чини и дека воопшто не треба да нè чуди изборот на Римокатоличката црква и на Светскиот совет на црквите. Колку и да се сериозни разликите и споровите со православието, тука сепак станува збор за заедничка позиција по едно фундаментално егзистенцијално прашање: да се биде или да не се биде христијанин?
Жал ми е што ќе морам да го напишам и следново, но редно е да се остане до крај објективен. Сево ова ич не значи дека српскиот народ веќе го има избрано патот кон небесното царство. Дури и еден од попатриотичните српски епископи признава дека „не се сите Срби за во рајот“. Денес беа организирани протести во ценарот на Келн против отцепувањето на Косово. Извинете, ама со мелосот на Цеца Ражнатовиќ и со хистерично рецитирање поезија од Добрица Ериќ – ниту се стекнува небесното царство, ниту се враќа Косово. Турбо-соц-национализмот од 90-те останува и понатаму на српската сцена – и ако Србија „под хитно“ не се куртули од тоа најголемо внатрешно зло што ја „задесило“ во последниве 200 години – допрва ја чекаат маки. Бог нека не помилува сите.
Ми се допаѓаМи се допаѓа