(…) Една цела редица на свети отци, меѓу кои: свети Григориј Богослов, свети Јован Лествичник, свети Никола Кавасила – расудуваат по прашањето за тоа која е движечката сила во духовниот живот на христијанинот. И сите истакнуваат три – првата и најниската е стравот од Божјата казна, втората и не многу повисока е желбата за награда во вечното Царство и третата – и единствената вистинска, кон која сите треба да се стремат – љубовта. Љубовта е апсолутната причина за сè, бидејќи таа е единствената која самата нема причина. Вистинската љубов не се јавува како последица на некое претходно „поттикнувачко дејствие“ – токму таа е „поттикнувачкото дејствие“, кое ги предизвикува сите други конструктивни човечки дејствија.
Токму моделот кој за водечка сила ја има љубовта е типичен за најголемите меѓу светите отци на Црквата. Тие не знаат за страв, а спомнувањето на награда за нивниот подвиг е навреда за нив – сè што тие сакаат е да Му служат на Љубениот и на љубените. Тоа е врвот на слободата. Слободата без љубов – не е слобода, таа е суета, таа е изговор за нашите слабости, во кои до таа мерка сме се заљубиле што и ѓаволот ќе го наречеме бог само за да си го истераме своето.
Светите отци како свети Василиј Велики, свети Григориј Богослов, свети Јован Златоуст, свети Максим Исповедник – биле совршено слободни луѓе. Истите тие биле луѓето кои го покрстиле европскиот човек, неговата култура и мисловност – премудро избирајќи го сето она што од него можело формално да се прифати, но истовремено да ја промени суштината од паганска во христијанска, без при тоа да претставува опасност по самата христијанска вистина. Отците знаеле што да изберат, ги проучувале паганските философи и од нив „краделе“ сè што можело да се усогласи со христијанскиот светоглед и да биде од полза за растот на Црквата…
Тие ниту се повеле по стихиите на световната мудрост, ниту, пак, преплашено се оградиле од неа. Бестрашно и истовремено крајно претпазливо пошле да го преобразуваат паганскиот свет во кој живееле. Штом тие успеале да го направат првиот и најтежок чекор – зошто тогаш ние да бидеме малодушни. Нашиот свет не е свет кој никогаш не слушнал за христијанското евангелие – тој просто „подзаборавил“ како тоа навистина се живее. Тоа „подзаборавање“ доволно пати до сега се покажало како причина за трагедии со грозоморни размери, кои нашата „подзаборавено-христијанска“ Европа до ден денешен не може да си ги објасни. Но и покрај тоа, Црквата пред себеси има еден веќе изоден пат. Она што нам ни останува е да тргмеме – претпазливо и храбро – „по стапките на отците“ и да и дозволиме на љубовта, кој знае по кој пат, да го направи своето чудесно дело.
Напишете коментар