(…) За жал, постои и втора варијанта, не помалку присутна во современото (па и не толку современото) православие. Наједноставно може да се окарактеризира како безрасудливо имитирање на западното христијанство (присвојување на готови шеми од Западот). Ваквиот пристап се согледува, на пример, во „православниот барок“, хетерофоничното црковно пеење, но и во обредноста и односот кон богословието. Во тој дух е формирано таканареченото „школско богословие“ (воглавно основано на прочуените исподеанија на верата на Кирил Лукарис, Митрофан Критопулос, или Петар Могила) карактеристично по тенденцијата кон табеларно подредување на учењето на Црквата и неговото сведување на дефиниции, цитати, формули и сл. Па така, на пример, таинствата на Црквата се сведени на „седумте свети тајни“, иако такво мистириолошко учење на православието му е тотално непознато сè до 13. век! „Света тајна“ станува технички термин, сосема оттргнат од својата светотаинска суштина – учествувањето на човекот во Христовата тајна на соединувањето на Бога и човекот. Примерите се премногубројни за да се набројуваат. Во суштина станува збор за препишување на цели параграфи од римокатоличките катихизиси и нивно безрезервно усвојување, или просто преформулирање, при што суштината си останува недопрена…
Најпарадоксално од сè е тоа што денес најголемиот дел од „источњаците“ како свое го доживуваат токму ваквото богословие! Истовремено Западот сè повеќе и повеќе го напушта истото и се интересира за православието. Но штом Западот прави такво нешто, следува (по логиката изложена во првиот дел) Истокот да му го отстапи православието на Западот, а своето „православие“ да си го идентификува со претходно изложените шеми! Навистина жално…
Во тукушто изминатиот XX век не малку е зборувано за кризата на идентитетот на современото православие. Мерка на православието не е и не може да биде ниту Истокот, ниту Западот (што и да подразбираат овие два термини). За православието мерката на сè е Христос, Koj e над Истокот и Западот и Кој е неговиот единствен идентитет. Обединувањето – на Истокот и Западот (или на Евреите и Елините, како што се вели во Светото Писмо) во Христа – тоа е вистинското назначение на православната вера.
„За православието мерката на сè е Христос, Koj e над Истокот и Западот и Кој е неговиот единствен идентитет” како Црква. Православната Црква не почнала во некој момент од времето самата по сопствена иницијатива да се нарекува Единствена, Вистинска Црква, туку на Првиот Вселенски Собор, бидејќи и до тогаш Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква, била окарактеризирана како православна. Значи, непосредно по појавувањето на ереста на Ариј, христијаните автоматски се разделиле на верни на Едната, Света Црква, т.е. на православни и на еретици! Онаа пак, Црква, која пред неколку месеци во еден свој документ „авторитетно” се опиша себеси како „Една, Единствена и Вистинска Црква”, а на другите им остави можност да бидат помалку или повеќе дефектни христијански заедници – е папската Црква!
Ми се допаѓаМи се допаѓа