Можеби ова што сега ќе го напишам ќе изгледа противречно на напишаното во претходниот текст. Сепак, го прземем тој ризик, за да не се случи некои работи да останат недоречени. „Човекот е она што го јаде“ – и колку да не би му се бендисала на Фоербах веќе широко распространетата православна интерпретација на овие негови зборови, сепак истата останува применлива како во контекстот на литургијата, така и во контекст на подвижништвото во целина. Пренесено во нашиов контекст – човекот станува она што го чита, т.е. она што интелектуално го восприема, со што интелектуално се храни (меѓу другото оваа форма на богопричестување – која отец Александар Шмеман ја нарекува „света тајна на словото“ – особено бива нагласена кај свети Никола Кавасила).
Таа храна понатаму следува да се преработи. Со други зборови, потребно е време и подвиг на постојано и молитвено „прежвакување и варење“ на восприменото, како човек тоа навистина лично би го воспримил. Дел од тоа „преџвакување и варење“ е систематизирањето на восприменото и негово изразување со јазикот на „современото систематско богословие“. Но тоа не е целта и крајот на подвигот. Мислам дека дури после години вакво работење (повторно подвлекувам – тоа работење не може да биде изолирано од комплетниот литургиско-аскетски ангажман на целиот човек) настапува „ослободување од цитатите, фуснотите и академизмот воопшто“…
Тоа ниту значи дека „цитатите, фуснотите и академизмот“ се нешто лошо, ниту дека после таквото „ослободување“ повеќе никогаш нема да ни затребаат. Напротив, тоа значи дека ваквиот степен на сопствено имплантирање во преданието на Црквата отвара нови димензии за изразување и разгрнување на истото. Се преминува од степен на интерпретација и систематизација – во степен на мултидимензионално ангажирање на истото во секој можен план на човечкото суштествување. И тука станува збор за слободно творештво, кое „не ги укинува законитостите на систематското богословие“ – туку „ги исполнува“. Акедемската форма може подеднакво да биде заменета со друга, но може и да остане, бидејќи формата тогаш нема да биде од пресудно значење за изкажаното.
Ова што го пишувам, се разбира, не го пишувам од сопствено искуство. Го пишувам имајќи пред себеси еден куп најразлични студии и текстови кои се занимаваат со проблематика која е во суштина богословска. Контрастот помеѓу „стерилниот академизам“ и „живото предание“ дефинитивно не може да се согледа од формата во која овие текстови се напишани. Формата е поовеќе или помалку истата. Но духот кој е содржан во овие текстови и кој произлегува од нив е различен. Повторно ќе го спомнам Флоровски – академската рамка ни најмалну не ја намалува живоста на неговите текстови. Тој човек е творечки совршено слободен – независно дали станува збор за беседа или студија, напишаното од него просто дише со духот на светите отци. Тоа не е случај со текстови на други автори, кои со философијата на светите отци се занимаваат како да прават хемиски експерименти или да коват железни алатки. Она што е невозможно во природните науки или во занаетите – имено соединувањето со предметот на своето занимание – во теологијата е императив! И тука буквално станува збор за причестување и за едно светотаинско содејствување на Бога и човекот, во кое човекот успева да ги погледне нештата од божествената („обратна“) перспектива и совршено автентично да прозбори за нив.
Напишете коментар