Feeds:
Написи
Коментари

Archive for Јуни, 2008

Низ иглени уши влегоа Германците во полуфиналето на ЕП во фудбал! Турците душата им ја извадија – покажаа страшно добра игра и само малку фалеше да победат…

Очигледно е дека, дури и еден фудбалски аналфабет, како што се доживував самиот до пред неколку дена, ќе се навлече на целата работа кога ќе се најде во Германија – просто воздухот си е таков. Секако, посебен „филм“ е да си тука кога Германците влегуваат во финалето и се на еден чекор од шампионската титула. Сепак, впечатокот кој го стекнав од германското навивање и целата атмосфера (пред сè како одраз на нивната сегашна култура и светоглед) – е жален, многу жален.

На почеток не можев да си ги дефинирам работите. Просто имаше некое непријатно чувство во воздухот, кое изгледа само јас го восприемав. Целата таа еуфорија чадеше од бесмисла, од некаков прикриен очај, кој не можев да си го објаснам. Во толпата влегов насмеан од уво до уво, пола час покасно (кога успеавме некако да се пробиеме низ неа) се чувствував најпросто кажано – многу тажно.

Какво беше целото тоа празнување? Што се празнуваше? Мене ми изгледа многу глупаво да поверувам дека единствената причина за тој собир, за целиот излачен адреналин и за еуфоричната радост на крајот – е просто тоа што дванаесетте растрчани Германци успеаја повеќе пати да ја бутнат топката во спротивниот гол, отколку што тоа можеа да го направат нивните турски колеги. Секако дека популарниот спорт си ја темели популарноста на многу повеќе фактори отколку само спортот, но сега нема да навлегувам во не знам какви психолошки, социјални и философки анализи. Она што тука ме интересира не е просто прашањето „зошто фудбалот е популарен“, туку попрво прашањето: „од каде доаѓа потребата на луѓето за вакво псевдо-празнично доживување на нештата како што е фудбалот“? (more…)

Read Full Post »

Сè поочигледна ми станува една интелектуална напнатост, која е дел од мисловната традиција на Западниот свет, но е наполно туѓа на православниот начин на размислување (што, пак, само по себе не значи дека во традиционално-православните средини е отсутна). Станува збор за напнатоста помеѓу философијата и богословието. Не можам до крај да го опишам сопственото доживување на ваквата состојба. Можеби нејзиниот најсоодветен опис би можел да се побара во терминот „шизофренија“ (се разбира, во еден поинаков контекст од строго-психијатрискиот).

Богословието и философијата не само што можат да се гледаат како наполно изолирани науки, туку биваат противпоставени една на друга. Се разбира дека ваквата состојба на нештата потекнува уште од средновековието, во кое на Запад се воделе драматични спорови за нивната меѓусебна надреденост или подреденост. На тој начин, историјата на философијата сега веќе внимава да не зборува многу-многу за „божествените и човечките нешта“, таа се претвора во своевиден занает, чија работа е да изолира општи концепти и поими и систематски да ги претстави. Владее потполна опседнатост со прашањето за изворите кај поедини автори, или нивното влијание врз понатамошните, при што „мајсторлакот“ се содржи во тоа да се најде точниот цитат, кој еден автор го преземал од некој друг, без самиот тоа да го наведе…

(more…)

Read Full Post »