Сè поочигледна ми станува една интелектуална напнатост, која е дел од мисловната традиција на Западниот свет, но е наполно туѓа на православниот начин на размислување (што, пак, само по себе не значи дека во традиционално-православните средини е отсутна). Станува збор за напнатоста помеѓу философијата и богословието. Не можам до крај да го опишам сопственото доживување на ваквата состојба. Можеби нејзиниот најсоодветен опис би можел да се побара во терминот „шизофренија“ (се разбира, во еден поинаков контекст од строго-психијатрискиот).
Богословието и философијата не само што можат да се гледаат како наполно изолирани науки, туку биваат противпоставени една на друга. Се разбира дека ваквата состојба на нештата потекнува уште од средновековието, во кое на Запад се воделе драматични спорови за нивната меѓусебна надреденост или подреденост. На тој начин, историјата на философијата сега веќе внимава да не зборува многу-многу за „божествените и човечките нешта“, таа се претвора во своевиден занает, чија работа е да изолира општи концепти и поими и систематски да ги претстави. Владее потполна опседнатост со прашањето за изворите кај поедини автори, или нивното влијание врз понатамошните, при што „мајсторлакот“ се содржи во тоа да се најде точниот цитат, кој еден автор го преземал од некој друг, без самиот тоа да го наведе…