Во овој краток текст ќе се позанимавам со знаменитото „Satisfactio“ на Анзелмо Кентербериски. Лишен од било какви претензии од текстов да направам некаква „православна апологија“ на Анзелмовите сотириолошки согледувања, просто ќе се обидам да предложам едно „малку поразлично“ видување за истите. При тоа би ги земал предвид ставовите на современите православни богослови кон нив, како и (се разбира) текстот на Анзелмо „Како Бог стана човек?“ (Cur Deus homo?), во кој тој го презентира своето „спорно“ учење.
Во „Како Бог стана човек?“ Анзелмо се обидува на чисто рационално ниво да докаже дека спасението на човекот е можно единствено на начинот посведочен од Светото писмо и oтците на Црквата. Оваа методолошка забелешка има фундаментално значење за егзегезата на целиот текст (но не ретко бива превидувана од голем број негови коментатори – како од оние кои го критикуваат, така и од оние кои го поддржуваат). Во предговорот на „Како Бог скана човек?“ Анзелмо објаснува:
„На крај таа (првата книга од „Како Бог стана човек“) се обидува, исклучувајќи го Христа (remoto Christo), како ништо да не ни било соопштено од него – преку неопходни разумни аргументи (rationes necessariae) да докаже дека е невозможно човек да се спаси без него.“ (Анзелмо Кентербериски, Како Бог стана човек, предговор)
Пристапот кој Анзелмо го има е нагласено јуридички – со својата непослушност човекот ја навредува Божјата правда. Таквиот чин бара нејзино задоволување (satisfactio), кое (во најкратки црти) е можно единствено преку страданието и смртта на Богочовекот. На рационален план – кон учењето на Анзелмо не можат да се принесат сериозни замерки. Но од гледна точка на интегралното сотириолошко предание на Црквата (и особено она на источните отци) – забелешките се неизбежни: сведувањето на историјата на спасението на своевиден „судски процес“ е невозможно. Смислата на Христовиот домострој далеку ја надминува ограниченоста на ваквиот пристап.
И тука следува една важна забелешка: да, ја надминува, но сепак – не ја укинува. Треба да се има предвид дека „јуридичката“ димензија на Христовото спасително дело не бива доведена во прашање во православната сотириологија. Истовремено, таа на никој начин не се исцрпува со „ослободувањето од вината за гревот“. Целта на Христовиот домострој не е просто оправданието и востановувањето на човековата природа, туку животот во Христа. На тој начин, јуридичката димензија на светото таинство на крштението е неразделна од неговата „егзистенцијална“ или „позитивна“ димензија – почетокот на новиот живот во таинството на Богочовекот. Критиката на современото православно богословие, насочена кон јуридичкиот пристап во сотириологија, принципно цели против неговото пренагласување и апсолутизирање, за сметка на суштината на спасението – новиот живот (cf. Мајендорф Џ., Византијско богословље, Каленић, Крагујевац 1985, стр. 235; Шмеман А., За живота на света, Омофор, София 2004, стр. 99-100).
Она што е исто така многу важно – ни самиот Анзелмо не се обидува да го апсолутизира „јуруидичкиот“ пристап во сотириологијата. Во погоре цитираниот извадок од „Како Бог стана човек?“ тој јасно нагласува дека самиот воопшто не претендира со предложените размислувања да го исцрпи или во целост да го изложи учењето на Црквата за спасението. Во неговиот случај (и самиот тоа многу јасно го знае и го кажува) тоа е просто невозможно бидејќи се ползува само со средствата на својот разум, при тоа намерно исклучувајќи го Откровението. Таквиот пристап самиот по себе доведува до парцијални, сепак не и неминовно неточни заклучоци. Анзелмо не ја спротивставува „помалку совршената точност“ и „повеќе совршената точност“ – напротив, првата има задача да приведува кон втората, при што она што бива да биде осудено е нејзиното самоиздигнување на ниво на апсолутна вистина:
„Ако некако успеам да го задоволам твоето прашање, треба да е јасно, дека некој помудар од мене би можел ова да го направи на посовршен начин. Во секој случај би требало да се знае дека што и да успее некој човек да искаже, секогаш остануваат скриени подлабоките основи на тоа толку возвишено нешто“ (Анзелмо Кентербериски, Како Бог стана човек, книга прва, глава 3).
Рационалното објаснување на Анзелмо, како што реков, не е неисправно. Сепак, тоа е делумно и не само тоа – тоа не ја искажува (не може да ја искаже и воопшто не претендира да ја искаже) суштината на Христовиот домострој – полнотниот живот во Христа. Јуридичката димензија на спасителниот домострој може да биде правилно протолкувана и разбрана единствено преку најдлабоката егзистенцијлана поента на севкупното Божјо дејствување во тварниот свет: Бог стана човек за човекот да стане Бог!
Напишете коментар