Понекогаш навистина е интересно да се пратат статистиките на блогот. Можно е да се видат не само бројот на дневни посетувања, туку и посетеноста на секоја тема поединчено, како и клучните зборчиња кои посетителите на блогот ги користеле во пребарувачите за да стигнат до некој од текстовите објавени на блогот. Така, на пример, често има периоди кога луѓе се интересираат за една или друга тема, во врска со која бараат информации преку Гугл или некој другите пребарувачи. Има теми кои постојано се интересни, како на пример темата за вевчанскиот карневал. Но има и теми кои со седмици и месеци не се отвараат, за од еднаш интересот за нив енормно да порасне. И така, денес забележав дека неколку месеци нечепнатата тема за отец Кирил Пејчиновиќ пак е во центарот на вниманието. Претпоставувам дека тој „сезонски“ интерес за животот и делото на големиот лешочки игумен и просветител се должи на неговото присуство во учебните програми. Токму со таа цел би сакал да допишам неколку дополнителни зборови, кои би можеле да им бидат од полза на читателите при читањето на објавените текстови.
Изборот на темата за отец Кирил Пејчиновиќ воопшто не е случаен. Неговата личност и дело сеуште се интерпретираат во мисловните формати поставени кај нас уште пред неколку децении, кога една група на елитни македонски научници се обиде да ја истакне и протолкува просветителсаката дејност на оваа амблематична фигура од првата половина на македонскиот 19-ти век. Резултатите на нивната научна работа денес претставуваат стандардизиран дел од наставните програми во македонските училишта и факултети.
И покрај тоа што значајот на овие постигнувања е неоспорлив, треба да се земе предвид дека истите се темелат врз едно суштинско парцијализирање и редуцирање на личноста на Кирил Пејчиновиќ. Како да постојат два Кирила – едниот монах, а другиот просветител. Според овој пристап, вториот е во центарот на вниманието, тој е „големиот македонски преродбеник Кирил“. Но првиот изгледа дека постои само за да создава проблеми во нашата научна работа. Зошто? Па затоа што според мисловните матрици на времето во кое овие истражувања биле извршувани монаштвото и просветителството, богословието и науката, Црквата и универзитетот – просто не можеле да одат заедно…
Точно тука стигнуваме до парадокс – органски поврзаните монаштво и просветителство во илјадалетната македонска просветно-духовна таридиција (да ги земеме за пример само светите сесловенски просветители Кирил и Методиј, или свети Климент и Наум Охридски) – биваат просто игнорирани. Но токму тоа толку долго и упорно постоење и опстојување на оваа просветителска традиција – во која духовното и интелектуалното не се гледаат како спротивставени, туку како усогласени и компатибилни – е нешто што треба да нè замисли при проучувањето на Кирил Пејчиновиќ: просветителот Кирил може да биде разбран само преку монахот Кирил; како што и неговото монаштво не може да биде до крај разбрано надвор од врската со неговото просветителство.
Очигледно е дека станува збор за еден поразличен просветителски модел од оној познат од епохата на западното волтеријанско просветителство, врз кој е основан учебниот систем во Македонија од последните 70-тина години. Токму тој просветителски модел ни го дава клучот кон наталожените во македонската просвета проблеми, на пример статусот на теологијата во школското и универзитетското образование, но и многу повеќе од тоа.
Текстовите кои ги објавив во списанието „Премин“ и на блогот се занимаваат во главно со теологијата на отец Кирил Пејчиновиќ. Во неговата исклучително растеретена од богословски формализам мисла се назира едно исклучително богато и високо литургиско и аскетско богословие, кое суштински се надоврзува на богомислието на византиските отци и кое не заостанува по своајта оригиналност зад современите претставници на таканаречената „неопатристика“. Богословието на отец Кирил е фасцинантно и последното што го заслужува е игнорирањето. Токму во тоа богословие се содржи суштината на неговото просветителство, фундирано не врз човекот и природата, туку врз Богочовекот Христос, од Чија перспектива единствено бива да се гледаат и осознаваат човекот и светот кој го опкружува.
Напишете коментар