Во овој текст би сакал да споделам неколку размислувања во врска со „анархистичките протести“ кои во изминатиот период ја потресоа Грција. Не би се занимавал со социјалната или политичката позадина на овие настани, туку интересот примарно би го насочил кон духовно-психолошкото рамниште. Каква е причината што овие млади луѓе, во потресно голем број, излегуваат на улиците и уништуваат сè пред себеси? Приказната дека убиството на петнаесетгодишното момче во Атина ги натерало да тргнат во уништувачки поход врз сопствените градови некако е претерано штрбава. На видео снимките од протестите ние гледаме цели толпи, кои како едвај да чекале повод за да го излијат сиот свој – очигледно долго време собиран – бес врз светот во кој живеат. Потреба да се уништи секој ред, да се гази по недогорени остатоци од автомобилски делови, гума и искршени стакла од околните излози… „Пеколноста“ на целата атмосфера е премногу очигледна. Тука се поставуваат две прашања: 1) од каде толкав револт? и 2) од каде нагонот токму на еден ваков демоснки-деструктивен начин да се изрази овој револт?
Првото прашање е доста чувствително, бидеќи неизбежно нè приведува кон социјлано-почитичкото рамниште. Единственото што тука би можел да го кажам е дека било каква едностранчива карактеристика нема да биде од голема помош. Коментарите од типот – „вината е на деликвентите, на кои местото им е зад решетки“, „грчкото општество ја снесува целата вина“, или „тоа е дело на задкулисни политички игри и светски заговори“ – самите по себе не можат да нè одведат далеку. Револтот се генерира благодарение на целата духовно-психолошка средина во која тие луѓе се израснати – свое влијание имаат семејството, медиумите, религијата, економијата, динамиката на политичко-општествените теченија, старите и новите идеологии…
Она што е многу позагрижувачко е второто прашање – како е можно да дојде до едно такво неконтролирано сè-уништувачко изливање на насобраниот револт? Дали тука може да се зборува, на крајот на краиштата, просто за револт? Дали можеби покрај револтот нема уште нешто? На станува ли сепак збор за една жед по разурнување разбудена кај овие луѓе, за една желба за враќање на светот кон ништожноста, за која не би можело да се рече дека е само продукт на некакви си надворешни влијанија? Зарем не може да се рече дека надворешниот фактор е само нешто што едноставно ја „активира“ ваквата тежба, присутна како можност во душата на, би се осмелил да кажам, секој човек? (more…)