Кај нас за сè нешто знае да се крене галама. Онака по балкански, полуналудничаво и во некаков занес да се писка на сите страни за ова или за она, а потоа, откако ќе се изнавикаат и изнаплукаат – да влезат во хибернација и да чекаат прилика за некое следно себеизразување од сличен вид. Така се прават дебати, така се прават војни, така се градат и така се уриваат општествени системи (независно дали ќе стане збор за монархија, социјализам или демократија)… И колку македонскиот ѓоа-ми-ти евро-интелектуалец и активист да се „фура“ на Запад, на човекови права и слободи, на цивилизираност, на граѓанско општество – си останува „Балканец“ во душа. При тоа селективноста со која тој ја третира „балканштијата“ е уникатна – буквално сè она што има вредност се отфрла и се третира како „сељачко“, „шабанско“, „ретроградно“, „провинцијално“, додека реалните, особено психолошките „шабанизми“ – како комплексот на пониска вредност, комплексот на повисока вредност (како последица на претходниот), опсесивната склоност кон „модерното“, кон „напредното“ (спротивно на „заостанатото“), кон трендовите (а de facto кон кичот во сите можни и невозможни форми и пакувања) – поминуваат „на широка врата“! И да не набројувам понатаму – последната пројава на балканско-македонскава ни кич-прогресивна-идеологија е спорот (или поточно викотницата) околу псевдо-јуродивиот обид на некој психијатар пред пензија „да лечи хомосексуализам со хормонска терапија“. Што да речам? Соц-реализам VS. турбо фолк! (…)
Не можам а да не реплицирам – и тоа на двете „страни“. Од една страна, аптекарството кај нас е жива алхемија! Има апчиња за сè и за секого! За глава, за срце, за бубрези, за очи, за уво, за грло, за нос, за тенко црево, за дебело црево, за слепо црево… за учење, за растење, за подмладување, за „живци“, за нерви, за смирување, за олабавување, за опуштање… за болни, за здрави (кај и да е ќе се разболат), за студенти, за бизнисмени, за теткици од шалтер, за баби, за дедовци, за внуци, за машки, за женски, за хомо/би/__ /…-сексуалци…
Сега, може да продолжиме со набројувањето, може да се зафатиме и со прашањето за невидената популарност на фармацевтската индустрија кај нас, или со прашањето за старата школа лекари-таблетари, за кои сè се сведува на чиста хемија. Сепак, би избрал еден не толку површен пристап. Би тргнал од сè-присутната алхемичарско-бајачка увереност дека човекот и неговите состојби можат да се менуваат и модифицираат „по нарачка“. Во нашиов случај, тврдењето „хомосексуализмот е болест“ се зема како аксиома, без никакво негово дополнително промислување. Ако е болест, резонира нашиот лекар, тогаш како и секоја друга болест – може или да се „третира“ (со определена терапија), или да се отстрани (со соодветен операциски зафат), или да се прифати како неизлечива. Првата варијанта некако изгледа најсоодветна. Следствено, се препишува хормонска терапија и проблемот е решен. Следен пациент!
Повторно ќе речам, станува збор за конкретен светоглед, за однос кон животот и неговите предизвици. Луѓе имаат мерак да се модифицираат, да се „поправаат“ себеси според сопствената волја и желби, според сопствените критериуми за „нормалното“ и „ненормалното“, за „здравото“ и „нездравото“, но исто така и според сопствените претстави за „слободата“, „правата“ и „природноста“. И сето тоа функционира независно од светогледот кој тие сакајќи или не сакајќи го прифатиле. Единствениот критериум тука е субјективната етичка матрица. Едниот се води според „здравото“ и „нездравото“, а другиот според „правото“ и „ограничувањето на правото“. Едниот верува дека „нездравото“ може да се „излечи“ со волшебно (ст)апче, без никаков човечки подвиг, без мака (во стилот на „симнете 20 килограми без диета“); другиот се обидува, согласно на сопствената турбо-фолк идеологија, да ги релативизира нештата – и повторно, на волшебен начин, да се модифицира себеси. Тука, заедно сосе апчињата, спаѓаат и сите „сексуални права“ кои човек може да си ги дозволи – од силикони до „промена на полот“. Но ваквите „зафати“ не мораат секогаш да бидат хируршки третирани. „Промената на полот“, наречена „хомосексуализам“, т.е. преминувањето од машки/женски во среден (или каков веќе) род, се разликува од хируршки реализираната само според формата. Суштината останува иста – таа е продукт на сопствената волја на човекот да не биде она што очигледно е, и да не го прави она што по очигледност следува да го прави – туку да стане нешто друго и да прави нешто различно од она што по природа му е дадено.
Малку иритира тоа што христијанската етика често се поистоветува со пристапот на лекарите-таблетари. Исказот „хомосексуализмот е болест“ има различно значење во медицинска и духовна смисла. Затоа не треба да се мешаат лончињата. Црковното предание ја смета хомосексуалноста за болест од причина што таа претставува грев. Но и промискуитетот е грев (=болест), и прељубата („швалерисувањето“) е грев (=болест), и блудот („предбрачниот секс“) е грев (=болест). Го споделува ли ваквиот став современата медицина? Тешко.
Во конкретниов случај станува збор за склоност кон конкретен противприроден грев, која личноста, согласно на состојбата во која нејзината природа се наоѓа, може да ја има. Во оваа смисла особено е важно разликувањето помеѓу основните принципи (начела) на човечката природа и состојбите во кои истата може да се најде. Едно е природата сама по себеси, а друго е гревовната склоност. Природата има свои сили, но начинот на кои тие сили ќе се реализираат е друго прашање. Ако некој има склоност кон нешто не значи дека таа склоност е „природна“ (т.е. согласна со принципот на човечката природа).
Гревот тешко дека може да се „излечи“ со таблети. „Излекуваноста“ во нашиов случај настанува тогаш кога човекот, во согласност со сопствениот духовен живот, својата еротична енергија ќе ја усогласи со божествената; тогаш кога ќе ја пронајде од Бога воспоставената смисла и цел на постењето на сопствениот ерос. За тоа е потребен подвиг. Во тоа е смислата на човековиот живот. Не просто лекување од болестите, не просто надминувањето на гревот – туку единството со Бога во Црквата. Тука нема трауматизирање на личноста, нема поставување на граници, нема етикетирање. Во Црквата нема „здрави“ и „излечени“. Во Црквата има само такви кои се лечат од гревот преку слободното подвизување во љубовта Божја. Во Црквата се надминуваат сите граници и ограничувања – и оние на медицинското „здраво“ и „нездраво“, и оние на „природните хомосексуалци“ и борци за turbo-правата и turbo-слободите на хронично „обесправениот“ Volk.
Напишете коментар