Поговорката дека курварлакот е „најстариот занает“ на светот сѐ уште не успева да ме убеди дека истиот е нормално да се третира како професија во денешна смисла на зборот. Замислете само: при крајот на напорниот работен ден ви се „присакува“ и убаво си одите до најблискиот пункт за добивање на „сексуални услуги“. На шалтерот ве пречекува насмеана „мадам“ и љубезно ве поздравува, на што вие на брзина отпоздравувате и нестрпливо прашувате кои оператори и услуги се достапни. Наместо тоа, исклештената мадам од шалтерот ви нуди флаер и почнува да ви раскажува за најновите новогодишни промоции и пакети, на што вие само отсутно климате со главата и цупкате со ногата под шалтерот во надеж дека презентацијата ќе трае што е можно пократко. После неколкуминутниот монолог на извежбаната госпоѓа, вие го земате флаерот, формално се заблагодарувате и велите дека него би сакале дома да го проучите, додека за овој пат би се задоволиле со некоја од постојаните услуги. Госпоѓата од шалтерот воздржано ви климнува со главата, при што не заборава да ви препорача да ја погледнете и нивната веб презентација, како и да обрнете особено внимание на новата опција „онлајн нарачки за дома“. Потоа погледнува во мониторот, кликнува неколку пати со глувчето, на крај решително климнува со главата и со поткренати веѓи во исчекување на вашата позитивна реакција го завртува мониторот кон вас: еве ги нашите слободни работнички за вечерва. Вие жмиркате неколку секунди пред накосо поставениот монитор отаде шалтерското стакло и набргу одговарате: „ве молам, работничка број 4, еден час“. Мадам задоволно и бавно климнува со главата, ја букира четворката за следните 60 минути: „со картичка или во готово“? „Со картичка… повелете“. „Пинот, ве молам“. Го куцате пинот, го стискате зеленото копче, си ја земате фискалната и билетот и брзате низ врата кон кабина број четири. Пред подотворената врата веќе ве чека работничката број 4, љубезно ви посакува добредојде, ве пушта да влезете и ја затвора вратата позди вас.
Можеби некој друг поинаку си ја замислува професионализацијата на проституцијата, не знам. Сепак, имам чувство дека ваквиот чекор е едноставно терање на сериозен мајтап како со општеството во кое живееме така и со жената и нејзиното достоинство. Проблемот е во тоа што системот треба да гарантира достоинствено практикување на секоја регистрирана професија, јас пак, сум убеден дека такво нешто во овој случај едноставно не е можно. Проституцијата е апсолутно недостоинствена практика и нема софизам со кој моите либерал-активистички пријатели ќе ме убедат дека тоа бил личен избор на „работничките“, па дури и нивно право да се реализираат себеси на таков начин. Факт е дека повеќето го прават тоа или од немајкаде (крајна беда, или итна потреба од пари), или од потрошувачка аздисаност (лесна пара што во секое време има за што да се потроши).
Сепак, проституцијата си е факт – и за тоа моите „либерални пријатели“ очигледно се во право. Не можеме да очекуваме дека преку ноќ проститутките сите до една ќе се покаат и ќе си најдат некоја обична работа од 7 до 3. Дури и во општествата со исклучително низок степен на невработеност тоа не е случај. Проституцијата ја имало, ја има, и по се изгледа и понатаму ќе ја има. Прашањето е каков статус ќе има таа во општеството. Неспорно е дека замижувањето пред фактот за нејзиното присуство е едноставно одбегнување на одговорност. Формално илегалната проституција навистина ја ускратува можноста како за соодветна здравствена грижа на проститутките, така и за нивната елементарна безбедност. Всушност, институциите на државата едноставно немаат добар увид во тоа кој, каде, и во какви услови се проституира. А тоа, очигледно, е сериозен проблем.
Од друга страна, ваквиот факт никако не може да ме увери дека прституцијата треба по итна постапка да се прогласи за професија. Едноставно, легализација и регулација на одредена практика е едно, прогласување на истата за професија е нешто сосема друго. Секако, немам претензии тука изнесениот став да го прогласам за готова програма – станува попрво збор за насока во која сметам дека треба да се бара вистинското правно решение на проблемот. На тој начин, општеството ќе се сочува од опасноста да го релативизира елементарниот етички став: проституцијата е девијантна појава, која не може да добие поддршка од општеството – а најмалку да се прогласи за професија, т.е. проститутките да се постават рамо до рамо со програмерите, менаџерите, пекарите, угостителите, лекарите, водоводџиите и т.н.
Напишете коментар