Ако некој дојде при Мене и не го намрази татка си и мајка си, жена си и децата свои, браќата и сестрите, па дури и душата своја, тој не може да биде Мој ученик (Лука 14, 26)
Што се овие зборови, ако не најдлабоката негација на логиката на психоанализата? На логиката, која ја условува човечката личност и нејзините дејствија со нејзините преживеани искуства, трауми и одлуки. Класичната психоанализа ги нагласува првите пет години од животот на детето како формативни за личноста. Трансакциската анализа го претставува ваквото гледиште на најсликовит начин, зборувајќи за его-состојбите „родител“, „возрасен“ и „дете“, кои се оформени пред се под влијание на односот кој сме го изградиле кон родителите во нашето рано детство. Неодамна дознав и за теорија, според која политичките и идеолошките ставови на една личност се формираат во возраста помеѓу 14 и 24-та година од животот. Проблемот на психоанализата не е во фактот дека го дијагностицирала психолошкиот детерминизам, туку во начинот на кој таа се обидува да се справи со него. Според психоанализата, за да се надминат ваквите дадености – тие прво мора да се осознаат. Овој процес на осознавање знае да потрае долги години, а често и цел живот. Психоанализата е опседната со минатото, со анализирање на даденото, постоечкото… со ровење на обрасци од минатото, кои би можеле да се рециклираат во некоја поприфатлива или пожелна форма.
Патот на Евангелието и крстот е поинаков: стариот човек мора да умре – безостаточно – за да може слободно и вистински да живее. Со стариот човек треба да умре и се што му припаѓа: родителите, браќата, сестрите, семејството, пријателите… Севкупниот симболички поредок изграден од овие личности и односот со нив мора да стане прав и пепел: покајанието (преумувањето, метаноиа) е тотална негација на секоја даденост. Погледот е свртен кон трансцендентното напред, кон есхатонот, кон Царството. Оттука погледот се сосредоточува врз историјата, но не врз мојата лична и општествена историја проникната со тленост и изопаченост, туку кон свештената историја на Црквата на која есхатолошкото и претходи и ја условува. Преданието е вратата преку која излегуваме од детерминираното (скриптното, хабитуалното), тоа е просторот во кој личноста безостаточно се нурнува, се негира себеси, оди спротивно на секој свој рефлекс, на секоја своја желба. Погребението на личната волја е императив без кој ослободувањето на личноста е невозможно: не живеам повеќе јас, туку Христос живее во мене (Гал. 2, 20).
Напишете коментар