Смртни случаи во државните клиники – протест
По случајност или промисла ја поминав завчерашната ноќ на скопска гинеколгија, додека лекари трчаа на сите страни за да го спасат животот на 38-годишната несреќна жена за која пишуваат весниците деновиве. Недела вечер. Дојде директорката на клиниката, од дома, или од гости, претрча преку холот. Не ја знам жената, но очигледно беше решителна да направи се што е во нејзина моќ да го спаси животот на пациентката. После неа дотрча (ама буквално дотрча) друг лекар, го чекаа на врата и го „брифираа“ други двајца трчајќи заедно со него кон операционата сала. Како во филм. Дежурните лекари беа постојано ангажирани на случајот – и ниту еден од нив не ми личеше на печурка, како што си ги замислува мојот драг Мариглен Демири во неговата погоре цитирана беседа (не знам дали некогаш воошто имал прилика да ги види тие луѓе во очи, можеби тогаш и нему поинаку ќе му се видат). Напротив, станува збор за најдобрите во Македонија, универзитетски професори од Медицинскиот факултет. И покрај се, жената почина. Причините за тоа може да се бараат на различни места, во „случајноста“, во „црната судбина“, или во општата медицинска неписменост на граѓаните – но, не во лекарите од клинички центар.
Уште нешто: универзитетската клиника во Скопје е последната инстанца, каде се препраќаат најтешките случаи – таму каде што има тешки случаи, не може да нема и фатални разврски. Единствените кои профитираат од ваквото медиумско с’скање против државното здравство се приватните болници, кои дебело наплатуваат за своите „услуги“. „Секој ден умираат луѓе во Државна – ќе си одам на приватно“. Тоа ме потсетува на славната реплика Димче Мешковски од „Викенд на Мртовци“:
– „Ијууу, ово нема ни у Београду“.
– „Што, у Београду не умираат?“
Ете така, не умираат затоа што приватните болници се секундарно и терцијално здравство и ако таму нешто загусти ќе ве пратат на клиника (примарно здравство), па нека ви е со среќа и вам и на колегите таму. Да не зборуваме за тоа дека на нашминканите приватни клиники има, вклучително, и кадри, во чии раце, барем јас, ич не би сакал да им го доверам моето здравје. Секако дека има и врвни лекари, но и во овој сегмент на општеството важи општото правило дека секаде има и квалитетни и неквалитетни кадри.
Резимирано, плукањето по државното здравство, освен што во случајов веќе добива бизарни димензии, оди во прилог единствено на капитулацијата на здравството пред налетот на потрошувачкото општество и неговиот систем на вредности. А сигурен сум дека Мариглен не би се застапил за такво нешто.
Еве ја во коментар содржината на цитираниот напис од порталот МКД:
„СЕКОЈ ДЕН ВО ШЕСТ“
На протест пред Влада граѓани порачаа: Доста е!
Трагичните настани по болниците и смртта на родилките, загинатите граѓани по патиштата, лошите искуства и реформи во образованието, длабоката политичка криза… беа дел од причините кои ги понесоа граѓаните да излезат вечерва на протест пред Влада и да побараат правда – одговорност од власта и институциите.
Пред владиниот објект ечеше „Доста беше молк“, „Убијци“, „Оди си Никола“, „Оди си Тодоров“… Дел од луѓето свиреа, викаа „Уааа“, се слушаше и „Секој ден во шест“, а истовремено зградата будно ја чуваа ангажирани полицајци.
Демонстрантите претходно се собираа преку социјалните мрежи. Пред Владата кај „Илинденска“ се споија две групи. Дополнително им се приклучија активисти, луѓе од различни здруженија, граѓани од повеќе генерации незадоволни од актуелните случувања…
Левичарското движење „Солидарност“ повика за протест под мотото „Доста е!“. Од таму потенцираа дека додека еден живот завршува на пешачки премин на зелено, друг од страна на пијан лекар, а десетици други се од дозволени и неказнети грешки. Од движењето прашаа „Уште колку загубени животи треба да се случат за надлежните да понесат одговорност и да ги напуштат функциите како чин на морална одговорност?“
„Јас сум тука и ужаснат сум со тоа што се случува со македонското здравство. За три дена, две родилки умираат со своите новороденчиња. Тоа за мене е ужасно! Ако зборуваме за правда, мора да има некој што ќе ја осигура таа правда, односно да е одговорен за таа правда, институции кои треба да менаџираат со ова општество. Одамна забегаа сите работи, особено со здравството и образованието. Го искасапија образованието, а своите деца ги носат на најелитни факултети. Го искасапија здравството, а се лечат по приватни здравствени институции во странство. Најдобрите студенти по медицина ги испратија надвор од државата, а вработија партиски печурки. Наместо тоа, сакам да добијам ефективна правда – најдобрите студенти по медицина да останат тука и да работат во сервис на граѓаните, а не граѓаните да го сервисираат јавното здравство“, рече пред присутните активистот Мерилен Демири.
Демири му предложи на насобраниот народ да доаѓа тука постојано, секој во шест часот со цел „да дадеме пример како треба да изгледааат оние институции кои тие ги искривоколчија“.
На протестот беа присутни и граѓани кои преку социјалните мрежи се организираа преку иницијативата „Граѓани на нозе“. И тие ја прифатија идејата да се доаѓа секој ден во шест. Побараа одговорност од власта, слободни и функционални институции. Велат, доволно други ја кројат нивната иднина.
„Граѓани на нозе, секој ден во шест! Бидејќи тие преговараат за себе, а не преговараат за нас. Ни го порекнуваат нашето минато, а ја загрозуваат иднината. Нивниот интерес не носи во бездна од која нема враќање. Овде сме бидејќи својата лична слобода ја идентификуваат со поробувањето на целата држава. Овде сме бидејќи не прифаќаме изолација. Овде сме затоа што одговорните се оперирани од одговорност. Затоа не прифаќаме тие да одлучуваат што е добро за нас, да им кажеме дека ни е доста и дека нема да ја преминат црвената линија. Секој ден во шест!“, рече активистот Дарко Малиновски.
Б.Ш.
Ми се допаѓаМи се допаѓа