„Црните и белите мантили“ во минатото биле неразделни. Свештениците и лекарите не само што соработувале и взаемно се почитувале, туку многу често едни и исти личности биле свештеници и лекари истовремено. Изразот „чисто како во аптека“ во својата заборавена изворна форма гласи: „чисто како во Црква“. Но, што се случува сега? Зошто заедничката борба на едните и на другите денес се чини дека му припаѓа на минатото и заборавот? Од каде тој – во некои ситуации дури и нескриен – анимозитет? Вообичаено сум склон да ја пренесам одговорноста за ваквиот развој на нештата на сопствената страна, на страната на „црните мантили“. Општата медицинска култура е нешто во што сите, па ние свештениците, треба со многу смирение и ревност да се воспитуваме. Уверен сум дека здравствените препораки не треба да ги прифаќаме како нешто наложено од надвор – туку со лично уверување. На тој начин, самите ние придонесуваме во надминувањето на јазот меѓу двата призиви. Со оглед на тоа, пак, дека потекнувам од лекарско семејство и го познавам многу добро лекарскиот крст, секогаш сум давал безрезервна поддршка на лекарите во нивниот подвиг. Секогаш сум бил крајно резервиран кон вообичаените медиумски афери и прозивки на лекарите. На овој блог и претходно имам пишувано, конкретно кога лекарите на скопската гинеколошка клиника беа предмет на потполно неосновани напади. Но, по моето денешно искуство во клиничкиот центар во Скопје – сметам дека за атер на објективноста ќе морам, барем до некаде, да си го премислам, по сѐ изгледа, некритичкиот однос кон лекарската струка.
Случката нема да ја опишувам ниту имам намера било кого да прозивам по име. Сите сме во ред, слава на Бога. Заклучокот од искуството што сакам да го споделам е дека дел од лекарскиот персонал на клиниките (не инфективна) е така избезумен од тековната пандемија, што најмногу би сакале никој да не им се појави на преглед. Тие што ќе дојдат, треба да очекуваат дека е многу веројатно да станат „жежок компир“ што клиниките меѓу себе ќе си го подаваат – само да избегнат контакт со пациентите. Сестрата преку стакло се довикува со пациентот во очигледно ургентна состојба и му објаснува дека „бееез упааат не можеее докторот да гооо видиии!“ – и го препраќа на друга клиника од таму да му издадат упат. На другата клиника се крстат што мајка бара тој пациент со такви симптоми и историја на болести кај нив – кога треба да оди онаму кадешто веќе бил и од кадешто го испратиле тука. Сетоа тоа преку стакло и со многу викање. На првата клиника млад арогантен специјализант на дежурство се кара на големо како тоа воопшто болниот помислил да оди на неговата клиника со тие симптоми (симптомите се апла за на таа клиника)…
И така, додека дел од лекарите се забарикадирале на своите клиники и не пуштаат живо пиле да помине, моите сакани д-р Владимир и д-р Даниела Попоски (е нив со задоволство ќе ги спомнам по име), кои веќе дваесетина години живеат во Барселона и работат како офталмолози – сега по сопствена волја и совест волонтираат на инфективното одделение наменето за заболени од КОВИД-19. Очигледно, си ја разбрале сериозно Хипократовата заклетва што некогаш ја дале. Бездруго, за таквите луѓе не постои јаз меѓу здравствената професија и вредностите врз кои почива општеството, како ни меѓу едната или другата боја на „мантилот“ што го носиме. Посакувам повеќе такви лекари кај нас, во Македонија. Посакувам најдобрите да останат тука, затоа што на тој начин нема да остават место за нивните некадарни и несовесни соученици. Многу добро знам дека тоа е тежок пат и дека е многу потешко човек да се справи со полошите од себе, отколку со подобрите. Но, тоа е крстот што сите го носиме.
За крај, останувам уверен дека двете „лекарски фели“ – едната која се грижи за минливиот живот и за телесното здравје на луѓето и другата која се грижи вечниот живот и за духовното здравје се неразделни една од друга. Мора да постои почит меѓу двата призиви. Намерно не велам „професии“, бидејќи „призивот“ на прво место подразбира служење согласно дадениот збор, согласно положената заклетва што и лекарот и свештеникот ја положуваат пред да влезат во службата. Но – и ова е најважното – „призивот“, „заклетвата“ и „служењето“ остануваат гола форма испразнета од какво и да е подлабоко значење доколку се разберат на позитивистички начин. Тоа е така бидејќи „призивот“, „заклетвата“ и „служењето“ се сакраментални, светотаински категории. Затоа, ако лекарот сака да се спознае себеси и својот призив – тој неминовно треба да изгради здрав и беспредрасуден однос кон таинството на верата, а во идеален случај и самиот да зачекори по тој пат.
Напишете коментар