Интервјуто е објавено во бугарскиот весник Дневник на 30. декември 2020 г. со наслов “Проф. Георги Каприев за македонското прашање: Бугарија не треба да се стилизира како непријател”.
Во текот на 2020 г. зборот „историја“ влезе на голема врата во речникот на јавноста во врска со ставеното вето од бугарска страна на почетокот од пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија поради спор со нашата заедничка историја. На таа тема разговараме со проф. Георги Каприев. Интервјуто е направено по писмен пат.
Меѓу зборовите кои ја одбележаа 2020 г. ударно место имаа „историја, бугарската историја“. Кое е вашето „читање“ на зборовите на историчарите?
– Должен сум да започнам со една прелиминарна забелешка. Јас сум историчар, но на философијата. Философ кој дијалогизира со оствареното философско мислење. Кога речникот на бугарката јавност ќе се судри со зборот „историја“, тогаш јас како философ се прашувам – со кое значење на овој збор таа се судира? Со самото протекување на настаните, со расказите за тоа протекување, или со науката историја, која, напомнувам, се дефинира како методолошко истражување на минатото врз основа на критички анализирани извори и која како таква возникната во текот на XIX век и минала низ мноштво парадигми? Се плашам дека не се судира со ниту едно од наведените значења.
„Историјата“ за која прашувате е мито-публицистички конструкт, кој доаѓа повторно од XIX век и кој свесно се поддржува во некои култури, меѓу кои и во бугарската. Тоа е векот во кој се генерираат нациите, под влијание на тогашниот либерален и иновативен национализам.
Во нашиот регион се вкоренува „германската“ формула за тоа што е нација: заедничката крв и заедничката земја. Тоа тука означува разурнување на идејата за едниот род, родот Христов, втемелена во Османската империја преку поимот „Rum millet“: заедница на ромеите, на православните христијани. Национализмот го инфицира источноправославното мислење. Се тежнее кон сепарирање од останатите ромеи, напоредно со стекнувањето на сопствена државно-политичка власт. Бугарските публицисти од тоа време успеваат да наметнат едно поистоветување меѓу „грци“ и „фанариоти“, т.е. Вселенската патријаршија, која, пак, во тоа време е во конфликт со грчката држава и со нејзините претензии – еден пристап што во тоа време се покажал како профитабилен.
За денешниот бугарин од широките маси, ова пропагандно поистоветување се претворило во историски факт. Подметнувањето е присутно дури и во изданието на ферманот од 1860 г. со кој се основа Бугарската егзархија, отпечатено во печатницата на весникот „Македонија“ во 1870 г. Во „Образ на царскыӥ ферманъ за решеніето на Българскый въпросъ“ се забележуваат симптоматични изместувања во преводот. Ако во грчкиот и во турскиот текст пишува за несогласување меѓу Ромејската патријаршија и бугарите кои го исповедаат православието, ние на бугарски читаме за „Грчката патријаршија“ и за „православните бугари“. Впрочем, таму кадешто се вели дека се основа посебно црковно одделување (τμῆμα) или круг (daire), на бугарски стои „посебен духовен округ“.
Сето тоа се примери што ги потврдуваат зборовите на Петко Славејков, кој го „успокоил“ Гаврил Крстевич, загрижен поради промените во нацрт-уставот за Егзархијата: „Без грижа, ,бај-Крстевич’, ние не правиме црква, туку држава“. Сепак, конструирањето на реалната држава се случува во друг формат.
„Македонското прашање“ стана описно име на проблемот. Зошто се јави македонското прашање, ако на берлинскиот конгрес навистина над милион Бугари се оставени надвор од границите на новоутврдената бугарска држава? Да не случајно лордот Дизраели или Горчаков ги мразеле бугарите или, пак, спореле за научнитетолкувања на историјата?
– Македонското прашање се јавува токму околу основањето на Егзархијата. За своето одделување од ромеите, бугарите немаат друг критериум освен јазичниот. Не случајно тогаш се поставуваат неверојатни – и на крај успешни – напори околу конструирањето на литературниот бугарски јазик. Ферманот од 1860 г. скрупулозно – до конкретни села и маала – ги опишува границите на Егзархијата. Не е тешко да се види дека тоа се, имено, јазични граници. Во нив влегуваат Нишката, Пиротската и Велешката епархија.
Член 10 од ферманот овозможува да се додаваат и неспомнати диецези, но со прашување на населението и со најмалку 2/3 од „православните жители“ што ќе побараат „во своите духовни работи да се потчинат на Бугарскиот егзархат“. По таа шема, се додаваат и Скопската, Охридската и Битолската епархија.
Кога прелиминарниот Санстефански договор од 3. март 1878 г. прогласува дека „Бугарија се создава како автономно кнежество во областите во кои мнозинското население е бугарско“, неговите автори немаат друг критериум за „бугарското“ освен егзархиските епархии. Било јасно дека тој прелиминарен документ ќе биде реално-политички коригиран. Тоа и се случува во Берлинскиот договор, потпишан на 13. јули 1879 г., т.е. четири месеци подоцна.
Дипломатите на тогашните „големи сили“ не мислат во етнички категории, не се водат од морални или емоционални побуди, туку применуваат геополитички критериуми, кои, секако, следуваат и од нивните државнички интереси. Перспективата воведена од егзархиската идеологија доведува до парадоксот еден етнос да се разбира воглавно преку некодифицираниот јазик. Од оваа перспектива се реконструира и историјата за етносот, која, имено, ќе го дефинира обемот на бугарската нација, наместо тоа да го прави државната граница. Во продолжение на тоа, колективната свест како свои составни делови ги препознава и Вардарска Македонија, и т.н. Западни покраини, при што заборава на настаните по 1878 г. и на основањето на Југославија во 1918 г. Затоа, се заговара наративот за „над милион бугари оставени надвор од пределите на новооснованата бугарска држава“ и се настојува на заедничка историја до 1944 г.
Зошто е важно во официјалните документи да не се користи поимот „македонски јазик“?
– Токму поради тоа е важно. Затоа што пред сѐ на тој начин може да се храни сфаќањето за источноправославните граѓани на Република Северна Македонија како за припадници на модерната бугарска нација. Независно од тоа што патриотите на ваквата идеја – доколку воопшто можат да читаат течно бугарски – не би можеле без речници да се ориентираат во современиот македонски литературен јазик, на начинот на кој е конституиран во текот на изминатите 75 години. Спомнатиот парадокс е присутен и тука: гледајќи преку јазикот, се мисли на територија, која не е населена само од источноправославни и на култура, која не е правена само од нив.
„Историјата се пишува од победниците“. Тврдат дека овие зборови му припаѓаат на Черчил. Истовремено, историјата претендира да биде наука, како што и вие забележавте. Како доаѓа до вакво нешто? Билатералната бугарско-македонска комисија составена од историчари исто се нарекува научна…
– Зборовите се многу постари од Черчил и се појавуваат во времиња кога историјата премкнува во едно селективно (и затоа идеологизирано) раскажување. Оние членови на Комисијата што ги познавам се добри професионалци. Но, поставени се во позиција која е гротескна за еден академски научник.
Кога се затегнува јазолот на македонското прашање, кои се грешките на Бугарија, а кои на меѓународните фактори? Прашувам бидејќи странски дипломати мошне смело ја посочуваат бугарската вина. Притоа, тие оценуваат настани од пред повеќе од еден век, од епохата на националните држави, од гледна точка на современите европски принципи и вредности.
– Затегнувањето започнува со основањето на новата бугарска држава во 1879 г. Со оглед на тоа дека прашувате за политика и дипломатија, ќе кажам: не може да станува збор за вина, туку за адекватна или неадекватна перспектива и, следствено, позиција. Во секој случај, денешните официјалните бугарски приговори и барања се дефинирани според модел, кој е неадекватен уште во XX век.
Дали е прашање на професионална некомпетентност тоа што грчката дипломатија успеа да ја наметне својата визија, на пр. за името на Република Северна Македонија, а бугарската не?
– Тоа што грчките дипломати и политичари се неспоредливо поподготвени од бугарските е очигледно. Најмалку еден век, таму се формира општествен слој, кој се образува и се подготвува специјално за таква кариера. Република Грција има неколку јасно формулирани цели од кои не се отклонува ниту една влада.
Што направи грчката држава во однос на македонското прашање? Таа формулира една политичко административна претензија: Μακεδονία (западна, централна и источна) е административен регион, кој ја покрива речиси цела северна Грција. За секој нормален политичар е јасно дека такво дуплирање на името е неприфатливо.
Во однос на прашањето за националното знаме, грчките дипломати успеаја денешниот ретрограден грчки национализам (кој не е попримерен од нашиот бугарски национализам) да го облечат во прифатлива облека. Како сите други, така и грците немаа слушнато за ѕвездата од Вергина сѐ до 1978 г., кога беше откриена гробница, за која се претпоставува дека била на Филип II. Врз еднен погребен ковчег, врз штитови и неколку монети може да се види тој знак, кој се толкува како владетелски грб. Од 1978 г. тој, поставен врз сина основа, е знаме на грчка Македонија. Денешните грци ги ставаат во својот „трезор“ Филип и Александар, макар што токму тие биле оние што го разурнале она што го образувало нивниот историски ореол – полисната Хелада.
Но, тие не го претставија тоа „присвојување“ како крадење историја, туку повторно на прво место како административен проблем. Грците на политички писмен начин формулираа два искази, не отстапуваа од нив, не ги менуваа со текот на времето и го добија она што го бараа.
Што направи бугарската држава? Се внесе во контрадикторни и сентиментални поплаки за кражба на историја и јазик. Тие – а особено не во XXI век – не може да се изразат на разумен начин. Вклучително, ни на современ бугарски јазик, како што може да се забележи.
Зарем според вас, нема ништо рационално во бугарската позиција?
– Она што сѐ уште ѝ дава некаква убедливост на бугарската позиција е присутниот „јазик на омраза“ кон Бугарија и кон бугарите. И тука се направи грешка. Не се направи разлика меѓу непријателството присутно во личните изблици на кафанските јуначишта и на медиумските гласноговорници и, од друга страна, во официјалните државни и партиски документи заедно со јавните изјави на соодветните лидери, независно од тоа дали во моментов се на власт или не се.
Ефективно би било да се инсистира на тоа стилизацијата на Бугарија како непријател дефинитивно да отпадне од втората група: таков однос е неприфатлив во една политичка унија како што е Европската. Тогаш би добиле на валидност и голем дел од барањата за ревидирање на учебниците во Република Северна Македонија. Дилетантското зборување ја прекри со кал и оваа, инаку суштинска, тема.
Навистина е компулсивно сатанизирањето на бугарите во Република Северна Македонија. Дали тој говор на омраза е психолошки феномен кој служи за градење на свој идентитет преку оградување од другиот, од лошиот, или е чисто политичко средство?
– Сепак, меѓу грчкиот национализам и бугарскиот или македонскиот има разлика. Грчкиот се формулира себеси на следниот начин: „Ние сме подобри од сите можни други“. Нашиот, пак, се изјавува вака: „Добри сме затоа што другиот е поникаков“. Тука „другиот“ треба да се се посочи.
Поради краткорочните мотиви во политичката пропаганда во Северна Македонија, местото на „другиот“ го заземаат Бугарија и бугарите. Тотална невистина е дека омразата кон бугарите таму е масовна. Ја познавам интелектуалната ситуација и тврдам дека тоа е оптичка илузија или едноставно лага. Плакатната доктрина за македонскиот национален идентитет се базира врз истиот вид национализам врз кој се основа и произведувањето на бугарската, ама во XIX век. Тие го прават тоа со задоцнување од 120-150 години и затоа изгледа неадекватно – затоа што е анахроно. Но, зарем реакцијата на денешните бугарски „патриотџии“ кон македонската пропаганда не е од истата матрица?
Две тези за решавањето на „македонското прашање“ меѓусебно си противречат: да гледаме напред и да ја оставиме историјата на историчарите; и другата – гледањето напред е продолжеток на историјата. Што треба да направи бугарската дипломатија, за да се испочитуваат историските факти и истовремено да се забрзаат преговорите за членство на РСМ во ЕУ, околу што нема спор?
– Не сакам да сум на местото на бугарските дипломати – не знам како ќе испливаат од кашата во која самите си влегоа.
На првиот дел од прашањето ќе се обидам да одговорам вака: Фамилијата на татко ми е од Анхиало (по 1930 г. – Поморие). На крајот на јули 1906 г. градот станува жртва на бранот антигрчки погроми: жителите успеваат да се спротистават, но избувнува пожар и изгорува речиси целиот град. Има околу сто непосредни жртви, следуваат репресии, се затвора митрополијата, емигрираат десетици фамилии.
И сега што? Треба ли нивните потомци да се втренчат во таа трагедија, да се самоопределуваат преку неа, да сакаат да црпат симболичен капитал, авторитет, или дури и привилегии оттаму? Ништо од тој вид. Тие се сосредоточени врз својата сегашност и иднина и сакаат да бидат оценувани преку она пто го прават и го планираат.
Бугарските и македонските национал-идеолози не се такви. Неспособни да создаваат достојна сегашност и да градат стратегии што придвижуваат, тие црпат ресурси единствено од историското минато – едно митологизирано и изманипулирано минато, треба да признаеме. Да беа поинакви, работите ќе си дојдеа на свое место. Историската наука мирно ќе си ја вршеше сопствената академска работа, централната димензија на политиката немаше да биде историјата, а поедини сегменти на историјата ќе беа поставени како основа на една перспективно насочена традиција или како коректив за таа традиција. Камо среќа да беше така!
Но, дали споровите за историјата му стојат на патот на денешното самоопределување на населението на Република Северна Македонија? Ако претците на денешното население на РСМ од времето на Берлинскиот конгрес и на војните за национално обединување се самоопределувале како бугари, пречи ли тоа денешното население да се самоопределува како што сака?
– Ми се чини дека веќе одговорив на овие прашања, но повторно ќе појаснам. Неопходно е да се прави разлика меѓу етничка и национална припадност, при што ниту едно од двете нема карактер на природен закон. Денешното идеолошко самоопределување на словенското население во Република Северна Македонија минува низ историско обосновање на националниот идентитет проследено со свесно зближување на двата поими.
Ова не е само анахронично, туку е и непродуктивно. Истото треба да се рече и за бугарското националистичко мислење. „Претците“, т.е. оние од пред три-четири генерации, сигурно имале причини да се декларираат како припадници на одредена културна или државно-политичка заедница. Нивниот избор не е некакво фаталистичко преодпределување. Да не заборавиме дека по I–II век провинцијалните граѓани на Рим биле десетици илјади на број. Некои од нив живееле и во овие земји. Една ваква промена на перспективата, може да нѐ потсети дека поимот „нација“ и неговите флуктуации се неодамна структурирани.
Како прогнозирате дека ќе се развие овој проблем, кој е мачен и за двете држави, за да може РСМ да ги отпочне преговорите за присоединување кон ЕУ, што не е предмет на спор?
– Отворањето на процедурата за присоединување е суштински важно и за ЕУ, и за регионот, и за Бугарија. Сакам да станеме сведоци на неинфантилни, ладнокрвни и професионални дејствија од страна на дипломатите на двете страни, со цел итно изработување на формула и програма, што ќе го решат тековниот проблем.
Проф. Георги Каприев (1960, Бургас) завршува философија на Софискиот универзитет и предава таму од 1992 г. Специјализира во Келн и Париз. Основач е на философската византологија во Бугарија. Ја раководел комисијата „Византиска философија“ (2002-2012) при Меѓународната асоцијација за истражување на средновековната философија (S.I.E.P.M.). Автор е на 27 книги на бугарски и германски јазик. Носител е на националната награда „Питагора“ во категоријата „Хуманитарни и општествени науки“ за 2020 г.
Напишете коментар