Од беседата на српскиот патријарх Порфириј на востоличувањето (19. февруари 2021)
Првенствена задача на Црквата не е да создава подобри услови за живеење; првенствена задача на Црквата не е да се труди да решава каков било вид социјални, политички, психолошки и други проблеми. Во Црква доаѓаме на Света литургија, за тука да го допреме и да го насетиме што е она што е „единствено потребно“ (Лука 10,42), што е најважно; за тука да го допреме и да го примиме Крстот Христов – но Крстот Христов кој истовремено е и Воскресение. Тоа е основната задача на Црквата, затоа таа постои во светот. А сите овие други нешта што ги спомнавме, самото по себе, како продукт на тоа примарно определување, ќе бидат озарени токму со истиот тој Крст и со Воскресението Христово. Ако сѐ имаме, а тоа го немаме – залудно е. Ако тоа го имаме, тогаш сѐ друго сме добиле.
*
Браќа и сестри, важно е да ја осетиме силата на Црквата да го живее и да го сведочи мирот, благовестејќи им го (мирот) на сите народи и на сите луѓе со добра волја. Повторувам, на сите народи, бидејќи секој човек е создаден како икона Божја и сите сме повикани да бидеме едно во Него, Спасителот. Не можеме да си Го присвоиме Христа и да кажеме – Христос е наш и затоа ние сме подобри од другите. Ако Нему му припаѓаме, тогаш се трудиме преку Него секој во нашето срце да биде наш; срцето наше да биде простор, во кој, токму поради тоа што Он во него престојува, ќе има не само место за сите, туку ќе има место за сите да живеат во љубов и во прегратка со нас.
*
Посланието на Црквата е да го изградува мирот и меѓусебната доверба, со силата на Христовиот мир кој ѝ е подарен на Црквата со зборовите „мирот Свој ви го давам“ (Јован 14,27). Ако го имаме Божјиот мир во себе, ќе се помируваме со другите луѓе, со природата, а ќе бидеме и измирени со себеси. Со еден збор, ќе бидеме благовесници на мирот. Нашиот придонес нема да биде пред сѐ во она што го правиме, туку во она што сме, а од тоа што сме – ќе го правиме и она што треба да го правиме. За една таква цел, отци, браќа и сестри, вреди да се живее, вреди и сопствениот живот да се положи.
Истовремено, свесни сме дека духот на раздорот – или поточно кажано, злодухот на поларизациите, на разните (световни) борби – се пресоблекува во облеката на побожноста, проговорува со лажни зборови на припитомена вера, ширејќи го својот отровен здив меѓу православните христијани во светот, не заобиколувајќи нѐ и нас, било да сме тука, било да сме во дијаспората. Заради тоа, сакам прво самиот себеси, па потоа и сите вас, да ве потсетам уште еднаш на молбата на апостолот и писател на Посланието до Коринтјаните: „Да нема раздори меѓу вас, туку да бидете совршено соединети во еден ум и во една мисла“ (1. Кор. 1,10); (исто така и на) овие Павлови зборови: „Бидете меѓу себе едномислени” (Рим. 12,16) и „Бог на трпението и утехата да ви даде да бидете во едномислие помеѓу себе, според примерот на Христа Исуса, та еднодушно и со една уста да го славите Бога и Отецот на нашиот Господ Исус Христос“ (Рим. 15,5-6). За мене овие зборови ќе бидат една од најважните задачи, на кои сакам да им го посветам времето на патријаршиската служба и скромите сили со кои располагам. За да ја остварам таа задача, цврсто ќе се држам за устројството на Црквата, кое се негува и е сочувано во православието, кое е втемелено на Светото писмо и на учењето на светите отци на Црквата. Црквата е соборен организам, собор на светите, небоземна заедница на сите и на сѐ, која сѐ кон себе повикува и (сѐ) во себе вклучува, не отфрлувајќи ништо и никого однапред заради каков било земен и обичен човечки критериум. Црквата е повикана да собира, да обединува, да спојува и – како што веќе напомнав – да му служи на мирот и на единството.
*
Современите односи во општеството, па и современата политика разбрана како борба на различни партии често носи во себе многу непријатности, па и непримерни односи и активности. Тоа е борба на групи кои понекогаш се здружуваат поради меѓусебното ривалство. Тоа не го гледам како „политика“ во изворната смисла на зборот. Политиката во изворна смисла на зборот, во антиката, кадешто се појавува како поим, се разбирала како грижа за она што е заедничко, како грижа за заедничкиот живот. Во таа грижа учествувале сите граѓани и сите подеднакво ја споделувале одговорноста за општеството, т.е. за она што е заедничко. Не само што сакам да се занимавам со тој вид политика, туку и длабоко чувствувам дека морам да се занимавам со неа, како што и секој човек е должен да го прави тоа во онаа мерка во која тоа му е дадено, со оглед на местото на кое се наоѓа.
*
Отци, браќа и сестри, особено сакам да останеме трезвени и подготвени за секое добро дело и жртва во ова тешко време на општа пандемија, предизвикана со ширењето на вирусот SARS-CoV-2. Минатите месеци бевме сведоци на огромната жртва на лекарите и на сите луѓе кои, несебично положувајќи ги своите животи и сили, ја исполнија најголемата Христова заповед за љубовта. Да бидеме смели, но и трезвени. Стравот да не завладее со нас и да знаеме дека секој телесно здрав човек може да биде многу поголем „вирус“ во овој свет. Ако секој од нас се загледа во своето срце, всушност, може да рече – човекот е единствениот вирус во светот, единствениот кој прави разни дисбаланси во хармонијата што Бог ја создал.
Напишете коментар