Feeds:
Написи
Коментари

Archive for Март, 2021

Со оглед на тоа дека изминатиов период повеќе луѓе ме прашаа што мислам за имунизацијата против КОВИД-19, еве неколку лични и необврзувачки размислувања:

1. Сметам дека треба да се водиме од медицинските препораки, а не од некопмпетентните и понекогаш многу опасни објави од таблоидите и социјалните мрежи. Конкретно, тоа значи дека треба да се искористи првата соодветна можност за вакцинација. Притоа, особено треба да се следат насоките како да се постапува по вакцинацијата, со оглед на тоа дека е потребно време да се развијат антитела и дека заштитата не започнува веднаш, туку најмалку три седмици по вакцинацијата.

2. Едниственото етичко прашање на кое би обрнал внимание е прашањето околу тоа дали вакцините содржат клетки од пометнати (абортирани) човечки фетуси? Според релевантните податоци што ги имаме на располагање, ниту една од достапните вакцини против КОВИД-19 не содржи такво нешто. Сепак, во процесот на истражување е употребен материјал кој води потекло од пометнати фетуси (од 1973 г. и 1985 г.), и тоа само кај вакцините на Pfizer, Moderna и Johnson&Johnson. Моралната одговорност за ваквиот вид истражувања им припаѓа на оние што ги извршиле, односно ги одобриле истражувањата, но не и на оние што ја примаат вакцината.

3. Понатаму, солидарноста е еден од темелите на европската христијанска цивилизација. Затоа, секоја (сегашна и идна) помош околу имунизацијата треба да се испочитува и да се запомни како светла точка и пример за тоа како народите од југоистокот на европскиот континент треба меѓусебно да си помагаат. Патем, не е момент за бистрење политика и за офтопик дискусии. Дај Боже да стигнат вакцини за сите луѓе што ќе решат да се вакцинираат.

4. Слободата е друг темелен цивилизациски принцип. Волјата на оној што поради која било причина (издржана или неиздржана) нема да сака да се вакцинира треба да се испочитува. Секоја форма на притисок (како ограничување на движењето за невакцинирани лица и сл.) само ги подрива универзалните вредности врз кои се темели општеството. Наместо тоа, потребно е градење на јавна свест и одговорност, која ќе се темели врз трпеливо објаснување и изнесување на фактите околу актуелната здравствена ситуација.

5. Во врска со последното, одбивни ми се кампањите од „маркетиншки“ тип. Едноставно, на луѓето им се потребни аргументи и образложенија, а не „реклами“ и билборди. И покрај мојот категоричен став ЗА вакцинацијата, не би сакал да учествувам во таков вид кампања. Секако, во секое време сум тука за да го споделам моите ставови и размислувања по ова прашање.

Read Full Post »

24. март 1999. Бев трета година средно во Скопје. Вечерта имавме проба на хорот Мирче Ацев во просториите под музичкото училиште чиј влез беше веднаш лево по скалите кон подземниот паркинг на МНТ. Само што почна пробата, еден од хористите што доцнеше влезе и нѐ прекина: „Почнаа!“. „Кој почнал? Што почнал?“, го прашавме. „Почнаа да бомбардираат“. Пробата се прекина и сите пополека си заминавме дома. Сѐ уште не ни се веруваше дека е можно.

*

Два-три дена потоа, откако си дојдовме на себе по првите случувања, се собравме големото хипи-друштво во градски парк. Небаре е 1968. Тргнавме од фонтана, преку школка и лунапарк и потоа свртевме низ сокачето кон моето средно училиште Орце Николов и кон американската Амбасада. Пред Амбасадата стоеше полициски кордон кој кога нѐ забележа тргна кон нас. Нѐ извадија од памет – ние 20-30 деца со хипи знамиња и гитари на рамо. За среќа, кога тргнавме назад, се повлекоа и тие. До вечерта останавме во паркот, свиревме и пеевме. Деца.

*

Наставата во Орце продолжи. Од прозорците училниците што гледаа кон Амбасадата, можеше да се видат вооружени американски војници на покривот, скриени зад вреќи со песок. Некои од нив, со оружјето в раце, беа свртени и кон школото. Добивме заповед никако да не ги „провоцираме“. Што им требаше… Секој ден И. блесавиот застануваше на прозорот и му мавташе на „другарот“ во маскирно одело од спротива, му покажуваше среден прст, му пееше од отворениот прозорец и „пукаше“ кон кего со замислен шмајзер. Ние се газевме од смеење. Директорот и наставниците панично доаѓаа во училницата и ни кажуваа дека им јавиле од Амбасадата учениците да не го прават тоа, бидејќи можело да припукаат… Не припукаа.

*

Со истото хипи друштво ги пречекавме Први и Втори мај. Со скара во викендица, како што си е ред. Авионите надлетуваа, се слушаа детонации зад Скопска Црна Гора, а ние пеевме и свиревме. Тоа знаевме да го правиме. Тогаш се сретнавме со Ана, мојата добра попадија. Пред точно 22 години. Колку тешко време, а какви светли спомени: потсетување дека и во најтешките мигови Бог нема да нѐ остави.

*

Не ги видовме бомбите, освен на телевизија. Гледавме кадри со распаметени луѓе кои ги загубиле блиските во експлозиите, деца што си ги бараат родителите, автобуси и возови во пламен, рушевини… Бевме „на безбедно“, како што беше „на безбедно“ и М. од Лесковац, девојче од нашето друштво, која родителите ја пратија кај роднините во Македонија да се засолни од бомбардирањето. Но, и покрај физичката дистанца, страданието на луѓето во скривниците и под рушевините беше и наше страдание, проживеано и доживеано.

Бог да ги упокои душите на жртвите

Read Full Post »

Не сум меѓу оние што сметаат дека феминистичкото движење е сушто зло или дека либерализмот е a priori спротивен на европсаката христијанска култура. Напротив, уверен сум дека и двете произлегуваат токму од оваа култура и се нејзин неоттуѓив дел. Но, облиците до кои овие две движења буквално дегенерираат во последните децении е со еден збор – јадна. Феминизмот од икс-та генерација станува алатка на консумеризмот, кој сосема има раскрстено со идеалите на хуманизмот. Човештината веќе не е ниту доблест, ниту цел. На нејзино место застанува еден исконски порив за нагрдување на човечкото до непрепознатливост.  

Христијанската аскетско-литургиска култура го гледа човекот како суштество кое е создадено за да се трансцендира себеси, на тој начин што ќе му стане слично на Бога, ќе се „богоуподоби“. Од таа позиција, таа го оспорува хуманистичкиот светоглед како редуктивен, како светоглед кој го сведува човекот на неговите природни дадености, ускратувајќи му ја можноста за битијно себенадминување. Од таа перспектива следува да се толкува и христијанската критика на либерализмот и феминизмот – тие не се сметаат за сами по себе погрешни, туку едноставно за парцијални, недоволни да го приведат човека кон крајните предели на неговото битисување и да му дадат конечна, онтолошка смисла.

Но, современиот стадуим подразбира темелна негација на двата светогледи: Човекот, онаков каков што е, е достоен за презир. Човечкото (премногу човечкото) треба не само да се надмине, туку и да се укине, да се презре, да се понижи. Новиот „човек“ ќе гледа кон стариот, хуманистички разбраниот човек на сличен начин како што овој гледал на животните. Проектот „Übermensch 2.0“ се разликува од својата демо-верзија од пред неполн век единствено во тоа што не ја бара супериорноста во генетиката (па и генот е човечка работа, која треба да биде модификувана, променета, разнебитена). Нагонот за разнебитување е движечката сила на новиот „натчовек“. Конечното разнебитување е смртта – веројатно и таа ќе се прегрне, кога некое утро на билбордите ќе осамнат реклами за „трансфер на свеста од биолошки систем во алгоритамски“. Ќе се ветува „бесмртност“, а цената за неа ќе биде самиот живот; ќе се ветува „божественост“, но она што ќе се добие ќе бидат беспомошноста и агонијата – нешто веќе видено, многу, многу одамна… Можеби ова некому ќе му звучи како некое мрачно пророштво? Но, не ме читајте мене, читајте ги современите постхуманисти кои со неверојатен ентузијазам и страст на сектантски гуруа говорат за „неминовниот upgrade“ на човештвото.

(more…)

Read Full Post »