
Постојат два вида сомнеж: еден кој урива и разединува и друг кој гради и обединува. Првиот е сомнежот кој бара оправдание за самодоволноста и оттуѓеноста, за горделивоста и суетата. Тоа е сомнежот на човекот кој бега и се обидува да се сокрие од Бога (1. Мој. 3,8). Тоа е сомнежот кој сака да го испади Бога од светот и животот, да му каже на Бога дека не е негова работа да се меша во земните работи (1. Мој. 4,9). Но, способноста на човека да се сомнева има своја смисла и цел. Всушност, таа способност воопшто не е средство за оправдување на сопствените слабости. Сомнежот е составен дел од личната аскеза и ја вклучува човековата разумна сфера. Таа аскеза е длабоко осмислена од најдлабоката потреба на човека да заедничари на сите планови на своето постоење, вклучително и да ги надмине границите на природната способност за општење. Човекот кој на овој начин се сомнева излегува на мегдан со Бога и бара од Него да му го открие Неговото Име и да го благослови (1. Мој. 32,26-30).
Овој, втор вид сомнеж е сомнежот на светиот апостол Тома, за кого си спомнуваме денес. Прекорот што Господ му го упатува на „сомнежливиот“ апостол не е прекор за грев (како што е случајот со светиот апостол Петар, кој трипати откажал од Христа), туку е укажување дека сомнежот не е самоцел, дека тој е упатен отаде границата на човековата спознајна способност, а е придвижен и раководен од љубовта и неискажливата желба за заедичарење (Јован 20,24-29). Кога Тома би го имал првиот вид сомнеж, тој би ја напуштил заедницата на апостолите, тој едноставно не би останал со нив цели осум дена по Воскресението. Уште првиот ден би ги презрел останатите ученици, би им кажал дека измислуваат, дека страдаат од посттрауматски халуцинации, дека она што го виделе е само проекција на нивниот страв и беспомошност, израз на неспособноста да се помират со тоа дека се оставени и сами, дека Исус не бил Христос, дека Бога едноставо – Го нема.
Но, Тома воопшто не постапува така. Неговиот сомнеж не го разделува од заедницата на љубовта, туку го поттикнува во подвигот на искреното исчекување и измолување на средбата со Воскреснатиот Господ. „Блажени се оние, кои не виделе, а поверувале“ (Јован 20,29) – со овие зборови Господ го повикува Тома од ученик да стане благовестител и мартир на Словото. Тоа е повикот кон светоста кон која секој човек е повикан.