Клеветењето, озборувањето и злословењето не само што го подриваат угледот на заедницата во која живееме (семејство, маало, народ), туку нѐ разнебитуваат како морални и мислечки суштества. Кога пред неколку години прашав еден мој драг отец од Германија каков совет ќе ми даде како на новоракоположен свештеник, тој ми одговори со само четири збора: „спасувај си ја душата“. Нема поважен совет од ова за кој било човек, не само за свештениците. Ако човек си го жртвува разумот и моралот, разборитоста и честа – за што тогаш живее? Најлесно е човек да се сокрие во дупка и да биде циник, да каже – ниту една борба не е мојата борба, „никој не е достоен“…
Интересно, последниве зборови потекнуваат од Литургијата – тоа се зборовите што свештеникот ги кажува за себе пред Големиот вход. Овие свештени зборови се сѐ само не оправдување на сопствената индиферентност. Тие нѐ потсетуваат дека први меѓу „недостојните“ – сме самите ние. И како „недостојни“ ние немаме право на луксузот да се дистанцираме од стварноста и од нејзините превирања, не можеме да кажеме – „сите други се недостојни, а ние ќе стоиме по страна и ќе се правиме достојни“. Вистина, христијаните не се „од“ овој свет, но тие се „во“ него и нема бегање од него, од неговите предизвици, противречности, неизвесности, дилеми и колебања.
Мажественото соочување со загатките на животот и мудрото разделување на доброто од злото е егзистенцијален предизвик исправен пред секоја човечка душа. Од прифаќањето или неприфаќањето на тој предизвик зависи дали ќе нѐ биде или нема да нѐ биде – како личности и како заедници на личности, во времето во кое живееме и во вечноста кон која сите без исклучок сме упатени.
1. Што да се прави кога дете на училишна возраст ќе ви се разболи од КОВИД? Па, процедурата е едноставна – така ќе ви кажат во училиштето – ќе си отидете на матичен лекар и тој треба да ви закаже итен термин за ПЦР тест. Детето се ослободува од настава, а со позитивниот резултат се преземаат мерки да се заштитат останатите деца од класот, нивните семејства и наставниците. Сѐ до тука звучи сосема нормално, арно ама – матичниот лекар од еднаш ви соопштува дека среде пик на пандемија нема термини во Скопје следните 10 дена! И тука почнува авантурата…
2. Патем, наставата во основните училишта си тече „најнормално“, со по 30 и кусур деца во училница, по двајца во клупа и без скратени часови. Да, во пик на пандемија, како што веќе спомнав. Да очекувате дека нема да се случи неконтролирано ширење на заразата е како да влезете во казино и да си мислите дека од прва ќе ви се падне џекпот. Ама веројатно е „мајндсет“ во прашање, нема што друго.
3. Како и да е, официјалните статистики се темелат само на потврдени ПЦР тестови. А тоа се оние 32 (да 32!) дневни тестирања во цело Скопје, конкретно во Чаир (7 тестирања дневно), Аеродром (10 тестирања дневно), Ченто (7 тестирања дневно) и Инфективно (8 тестирања дневно), и плус на тоа резултатите од платените тестирања на Скопјани по приватните лаборатории и поликлиники. Што се вели, може да си умрете од мака (или од корона, сѐ едно), ама статистички – вие сте здрави како дрен! Ама, да не помислите дека ми паѓа на ум со ова да ги доведам во прашање податоците што надлежните ги пласираат во медиумите, имено дека процентот на заразени деца во училиштата е помал од 0,3%. Презентираните бројки треба да се прифатат како догма – не заради тоа што се согласувате со нив, туку затоа што исто ви се фаќа дали ќе се согласите или не. Едноставно, никој нема да ве чуе.
4. Е сега, кога ќе се испозаразите сите по дома, тогаш веќе станува понезгодно, оти не можете да функционирате. На пример, „лесните симптоми“ вклучуваат течење нос што не престанува со денови, грозна главоболка, солзење на очи до степен да не можете да ги држите отворени на светло, будење во ноќ од раскашлување, болки во сите мускули и зглобови, и секако, она незаменливо чувство како да сте трчале 10 километри низ скопската магла во декември, а всушност сте станале само за до WC.
5. Тогаш, повторно се јавувате кај матичните и барате термини (оти ова сега веќе не е за деца, туку за возрасни на кои не им поминува баш за 2-3 дена), а од таму целите усрамени ви кажуваат дека стварно нема што да направат и дека термини не-ма! – Можете во Тетово, ако сакате, таму има колку сакате термини… Прекрасно. Човек не може до ќенеф да стане, ама до Тетово за тестирање нема проблем.
6. Оти работава ич не е играчка, многу е важно да ве прегледа лекар. Е, тука станува интересно. За да отидете во КОВИД-амбуланта на Инфективна ви треба упат. А упат за КОВИД-амбуланта нема без позитивен ПЦР-тест. Ха! Тука ве чекаат! Без термини – нема тестирање, без тестирање – нема упат, а без упат – нема ни преглед. Чиста логика! Затоа, лежи си дома, пиј си чаеви и трај си. Ќе помине. А ако не помине, не си зимај многу при срце, оти нема да бидеш ни прв ни последен…
7. Следно, барате домашна посета по приватните здравствени установи (оти во државните такво нешто исто како да не постои). Ви велат – нема проблем, чини 2.900 по човек… ама само да ве прашаме, да не имате КОВИД? Што да им одговорите, сите дома имаат позитивен брз тест од аптека за 300 денари, ама тоа не е оној ПЦР-от што го нема ни под дрво ни под камен во цело Скопје. Им велите убаво – имаме, ама „неофицијално“, а тоа, нели, не се важи. – А не, ви велат тие од таму, кај нас тоа и тоа како се важи! Затоа, за вас следува „домашна посета со специјален КОВИД-пакет“, а тоа ќе ве чини само 4.900 денари по човек. Махинално спуштате слушалка и дишете длабоко за да не го фрлите телефонот низ затворениот прозорец.
8. Пријател ви препорачува двајца млади лекари што имаат своја ПЗУ и одат во домашна посета, но не работат со „КОВИД-тарифи“ и „КОВИД-пакети“, туку за сите наплаќаат исто – по 1000 денари за преглед. Би рекол, фер. Со оглед на целата ситуација – многу фер. Си доаѓаат истиот ден, најнормално, ве прегледуваат, ви препишуваат што треба понатаму да правите и си заминуваат на следно место. Им се јавувате неколку пати кога ќе ви се случи некој „нов настан“, а тие убаво ви даваат совети и препораки. Светла точка.
9. Како-така, по 14 дена бунило нештата почнуваат да се подобруваат. Се свестите дека нема да е лошо сепак да добиете потврди за тоа дека сте прележале КОВИД. Ќе се најдат. Се јавувате на лекар, а од таму ви велат – жалиме, ама бидејќи немате ПЦР тест не може да се евидентирате како прележан… – Па како да имам ПЦР тест кога нема термини бре?! (…) Осеќате како ви се враќа пополека бојата на лицето и вртите право во надлежното Министерство да им ги споделите вашите искуства и емоции. Се вклучува веднаш централа и слушате какофонија од измешан сигнал „тиииит“ (како да ѕвони) и истовремено испрекинат женски глас на оператор кој ви вели да свртите нула. Вртите нула, почнува да ѕвони… и така до бескрај. Времето застанува.
10. Се прашувате што се случува на ова безвремено место каде од билбордите ве гледаат детски очи од реклами за приватни онколошки клиники и каде семејства не можат да си ги земат и да си ги погребаат починатите сѐ додека не ги платат последните неколку илјади евра што ги должат за неупешното лекување во приватна болница? Сфаќате дека во еден надрелен свет во кој јавното и заедничкото буквално се распаѓа – сосема е очекувано луѓе да имаат повеќе доверба во надрилекари и бајачи, во хорор приказни за прскање со отров од авионите и сл. Парадоксално, но за мнозина лудоста останува единствениот начин да се остане нормален.
*
Лично, немам склоност кон ваквите наративи, но сѐ повеќе почнувам да ги разбирам луѓето што ги усвојуваат. Како и да е, многу поважно од сето тоа – верувам дека надежта на човека не може да биде ниту во луѓето, ниту во општеството, ниту во системот, во неговата ефикасност и функционалност. Создадени сме за нешто многу повеќе од она што можеме да го видиме, да го измериме и да го пресметаме. Она за што човек е создаден – на тоа треба и да се надева. Секоја друга надеж останува лажна и сутена. Тоа не значи бегање од проблемите и од историската стварност. Да се надевам на Царството Божјо не значи да ја игнорирам несправедливоста и нечовечноста. Напротив, да се надевам на тоа Царство значи да го посакувам со сето свое битие, да сакам тоа поскоро да дојде, ако може уште сега, во овој миг – да се исполни времето и да настапи невечерниот ден. Тој копнеж не може да се скрие и да се потисне, како што ниту запалена свеќа не може да се стави под капак, па таму да си свети далеку од очите на луѓето (Матеј 5,15). Царството е веќе тука и судот Божји е веќе пристигнат, секирата лежи при коренот на дрвото (Матеј 3,10) – уште од самото воплотување на Бога Словото. Човек што го спознал тоа нема што друго да чини освен да го сведочи тој Суд и тоа Царство, та принесувајќи му го на Бога светот и деновите изминати во него – да измоли од Бога благодатна преобразба на самите себеси и на сѐ што постои. Ништо од ова не се прави за да се постигнат некакви „општествени и политички промени“, туку за да се прослави Бог Кој суди и царува над сите галаксии и еони. Сосема е веројатно со тоа и општеството да стане подобро – но такво нешто не е и не може да биде целта, туку само еден можен и незадолжителен ефект на богољубивиот и вистинољубивиот живот.