
Клеветењето, озборувањето и злословењето не само што го подриваат угледот на заедницата во која живееме (семејство, маало, народ), туку нѐ разнебитуваат како морални и мислечки суштества. Кога пред неколку години прашав еден мој драг отец од Германија каков совет ќе ми даде како на новоракоположен свештеник, тој ми одговори со само четири збора: „спасувај си ја душата“. Нема поважен совет од ова за кој било човек, не само за свештениците. Ако човек си го жртвува разумот и моралот, разборитоста и честа – за што тогаш живее? Најлесно е човек да се сокрие во дупка и да биде циник, да каже – ниту една борба не е мојата борба, „никој не е достоен“…
Интересно, последниве зборови потекнуваат од Литургијата – тоа се зборовите што свештеникот ги кажува за себе пред Големиот вход. Овие свештени зборови се сѐ само не оправдување на сопствената индиферентност. Тие нѐ потсетуваат дека први меѓу „недостојните“ – сме самите ние. И како „недостојни“ ние немаме право на луксузот да се дистанцираме од стварноста и од нејзините превирања, не можеме да кажеме – „сите други се недостојни, а ние ќе стоиме по страна и ќе се правиме достојни“. Вистина, христијаните не се „од“ овој свет, но тие се „во“ него и нема бегање од него, од неговите предизвици, противречности, неизвесности, дилеми и колебања.
Мажественото соочување со загатките на животот и мудрото разделување на доброто од злото е егзистенцијален предизвик исправен пред секоја човечка душа. Од прифаќањето или неприфаќањето на тој предизвик зависи дали ќе нѐ биде или нема да нѐ биде – како личности и како заедници на личности, во времето во кое живееме и во вечноста кон која сите без исклучок сме упатени.
Напишете коментар