
Од најрани времиња човек се мачи со поривот да си го присвои она што му е доверено, но не е негово. Во Едемската градина Бог им го дава светот на прародителите – да се грижат за него и со благодарност да му го принесуваат на Бога. Тие постапуваат спротивно на оваа заповед и наместо тоа, си го принесуваат светот самите на себеси. Така се случува големиот пад. Понатаму, образецот се повторува низ целата гревовна историја на човештвото. Она што ќе го добиеме од некој друг – родител, семејство, пријатели, заедница, општество – ние си го присвојуваме и веќе не ни е грижа за оној или оние од кои сме го добиле дарот. Кога дарот веќе не се разбира како дар туку како „личен посед“ – тогаш се губи и одговорноста кон оние од кои дарот доаѓа. Неодговорноста ја раѓа ароганцијата, која, кога ќе се измеша со умислено чувство на моќ, дегенерира во отворена лошотија…
Прикаскава е стара колку што е стар и светов – ниту е нова, ниту некогаш ќе можеме да ја завршиме. Имено, таа не може да заврши сѐ додека човек си мисли дека може со сопствени сили да изгради „подобар свет“ и „подобро општество“. Проблемот не е акутен, туку е хроничен и не се однесува само на општеството, туку на секој можен аспект на човековото постоење. Секој човечки атом е проникнат од разрушувачката моќ на гордоста – првиот грев од кој произлегуваат сите останати. Токму поради тоа, човек не може да се смири пред ближниот, додека прво не се смири пред Бога; човек не може да му заблагодари на ближниот, додека прво не му заблагодари на Бога; човек не може да си стои на зборот пред ближниот, додека не склучи Завет со Бога и не го запази тој Завет како најголемо богатство.
Со ова не ја оспорувам моќта на човековиот природен морал, туку укажувам дека дури и тој – прирдниот морал – е нешто што го примаме на дар, нешто за што треба да Му заблагодариме на Оној што ни го дарувал. Со тоа ја потврдуваме доследноста на вредносното кредо што го исповедаме, а личната доблест ја трансформираме во начин на постоење кој има сила да не само да донесе „промена“, туку да приведе кон битијна преобразба на светот и стварноста во кои живееме.