
„Жената која ми ја даде Ти, таа ми даде од дрвото, и јас јадев“ (1. Мој. 3,12). Од овој исказ на Адам започнува долгата историја на мизогинијата. Адам имал можност да одговори поинаку, можел веднаш да се покае и на тој начин да ја избави Ева од гревот што го сторила, а со неа и себеси самиот. Наместо тоа, тој со овие зборови го запечатува падот на двајцата. Историјата понатаму непрестано се повторува – со секое обвинување, омаловажување, понижување на жените (и полошо), мажите го отфрлаат заедничкото покајание, а со тоа и на заедничкиот раст во Светиот Дух.
Не ги пишувам овие работи за да им се допаднам за феминист(к)ите. Ги пишувам затоа што ни е потребно преумување, покајание, потребно е мажот и жената да се погледнат со поинакви очи, за да можеме да се одржиме и да растеме како народ Божји. Преминот од т.н. „традиционални општества“ во современото (пост)модерно општество не треба да се разбира како премин од нешто добро кон нешто лошо. Да бидеме реални, животот на христијаните за време на турското ропство воопшто не бил совршен. Тие се приспособувале на многу правила на тоа општество, попримале обрасци на однесување и мислење кои им биле туѓи, но и покрај сите несовршености верата успеала да ги одржи и сочува. И денешното време не е совршено, но за да се сочува верата не треба да се бараат обрасци на однесување од минатото (кои и самите знаат да бидат погрешни), туку да се искористи можноста за враќање кон некои основни принципи на верата, за кои до сега немало услови да дојдат во преден план. Еден таков принцип е еднаквото достоинство меѓу мажите и жените, чие уважување води кон обновување и усовршување на целоста на човековата природа.
Напишете коментар