Feeds:
Написи
Коментари

Archive for Декември, 2021

Што да се прави кога политкоректноста ќе стане средство за фарисејско „фаќање во збор“ на неистомислениците и нивно дискредитирање? Тогаш изборот на човека наликува на изборот пред кој Христос се наоѓал многу пати во Евангелието, на пример, дали да се дава данок на кесарот или не (Матеј 22,15–22). Се чини дека што и да каже ќе згреши, т.е. неговите противници ќе бидат во корист. Слично е и сега. Ако ги прифатите правилата наложени од противниците ќе треба да се извинувате за банални нешта и со тоа да ја потврдите доминацијата на нивниот дискурс (колку и да е бесмислен). Ако се спротиставите ќе изгледате како мало дете што тера инает – и пак ќе загубите. Што да се прави? Реакциите – доколку ги има – би зависеле од ситуација до ситуација. Исто како што различни биле и одговорите на Господа на провокациите на фарисеите. Но, тој ниту им се извинувал и се посипувал со пепел затоа што изговорил „забрането зборче“, ниту се препирал и терал инает со нив – туку со секој свој одговор јасно ја посведочувал Вистината наспроти нивната недостојност, свртувајќи ја на тој начин нивната итрина против нив самите. Таквата мудрост доаѓа од Бога и на верните им е ветена со зборовите „Јас ќе ви дадам уста и мудрост, на која не ќе можат да ѝ противречат ниту да ѝ се противстават сите ваши противници“ (Лука 21,15).

Read Full Post »

Десеттемина лепрозни од Лука 17,11-19 беспоговорно ги почитувале здравствените мерки на своето време – кога го сретнале Исуса „застанале подалеку“, па морале да викаат за да може Учителот да ги слушне. Освен тоа, тие имале беспрекорна вера, слична на онаа на стотникот од Матеј 8,5-13. Како што стотникот немал потреба Христос да дојде во неговиот дом (што би рекле денес со „физичко присуство“) за да го исцели неговиот сакан слуга, така ни лепрозните немале потреба од допир за да поверуваат и да се исцелат. Како што стотникот поверувал и тргнал кон својот дом, знаејќи дека неговиот слуга ќе оздрави, така и овие пошле кај првосвештениците да им се покажат и одејќи – се очистиле. Но, иако верата на десеттемина лепрозни воопшто не е спорна, само еден од нив го добива ветувањето на спасението – оној што се вратил да заблагодари.

Многу често ни се чини дека верата нѐ спасува, но тука гледаме дека верата сама по себе не е доволна. Животот во Христа не може да се сведе на гола вера. Причината за тоа е што „животот“ е динамичен и претставвуа нешто многу повеќе од исполнување на една или друга религиозна норма, макар тоа била и нормата на „личната вера“ во Бога и неговата власт над стихиите на светов. Дури ни чудата не може да се сметаат како недвосмислен знак за тоа дека човек е жив во Христа. Животот подразбира дијалог, а дијалогот значи да се оди секогаш чекор понатаму, подалеку во заедничарењето, подлабоко во откривањето и познанието на тајната на општењето. Затоа, она што ја заокружува верата и она кон што верата приведува е „тајната на благодарењето“. Благодарењето произлегува од љубовта, која е највисоката и најбожествената добродетел. Само еден од лепрозните имал љубов. Се вратил да заблагодари и се стекнал со многу поголем дар од обновеното телесното здравје – спасението во Христа.

Не случајно второто име за Литургијата и за светата тајна Причест е „Евхаристија“ што буквално значи „благодарење“. Тоа е „трпезата на љубовта“ на која сите сме повикани, но на која не сите учествуваме. Не сакам ова да звучи како прекор. Но, вистина е дека сме сведоци на неброени чудеса во нашите животи, сведоци сме на десетици услишени прозби кон Бога, делникот ни е проникнат со Неговата грижа како за малите така и за големите работи што ни се случуваат. Каде сме тогаш на неделната Литургија да Му заблагодариме? Можеби некој ќе си рече – можеме ние и „од далеку“ да Му заблагодариме. „Од далеку“ може да се функционира во вонредни услови и во исклучителни ситуации. Но, литургиското Благодарење е „заедничко дело“ на верните, Благодарењето е соборен настан, тоа е средба на Црквата со нејзиниот Христос. Затоа, лепрозните добиваат исцеление без да се доближат, но спасението го добива само оној што пристапува кон Господа и паѓа ничкум пред нозете Негови. Животот во Христа е живот на целиот човек и на сите верни заедно. Од него не може да се изземе ниту еден аспект на нашето живеење – ниту разумниот, ниту чувствениот, ниту волевиот, ниту телесниот. Заедницата се остварува на сите планови на личното и соборното постоење на личноста. Затоа, Господовото прашање: „Каде се деветмината? Како не се најдоа да се вратат и другите и да Му заблагодарат на Бога“, треба длабоко да нѐ замисли. Дали можеби не ни е упатено и нам денес?

Read Full Post »

Да ги сакаш своите непријатели не значи да се убедуваш себеси дека непријателот ти е пријател. Напротив, заповедта за љубовта кон непријателите означува дека треба да имаме многу јасна претстава за тоа кој ни мисли добро, а кој ни мисли лошо. Понатаму, треба да се погрижиме и како да се заштитиме себеси и своите блиски од таквите. Но, борејќи се со злото во другите, не смееме да дозволиме да бидеме совладани од злото во себеси – и тоа е смислата на оваа заповед. Залудно сме го победиле видливиот непријател ако невидливиот непријател нѐ поробил преку омразата. Вториот непријател, пак, ни е непријател на двајцата. Љубовта кон луѓето што нѐ мразат не прави од нас пасивни трпители на неправдата, туку нешто сосема спротивно на тоа. Љубовта ни помага активно да се соочиме со злото на двата фронта истовремено: давајќи им шанса на непријателите со кои се бориме да станат наши пријатели – ги победуваме не само нив, туку ги поразуваме и оние „поднебесни духови на злобата“ (Ефес. 6,12) од кои доаѓа лошотијата и во нив и во нас.

Read Full Post »