
Да ги сакаш своите непријатели не значи да се убедуваш себеси дека непријателот ти е пријател. Напротив, заповедта за љубовта кон непријателите означува дека треба да имаме многу јасна претстава за тоа кој ни мисли добро, а кој ни мисли лошо. Понатаму, треба да се погрижиме и како да се заштитиме себеси и своите блиски од таквите. Но, борејќи се со злото во другите, не смееме да дозволиме да бидеме совладани од злото во себеси – и тоа е смислата на оваа заповед. Залудно сме го победиле видливиот непријател ако невидливиот непријател нѐ поробил преку омразата. Вториот непријател, пак, ни е непријател на двајцата. Љубовта кон луѓето што нѐ мразат не прави од нас пасивни трпители на неправдата, туку нешто сосема спротивно на тоа. Љубовта ни помага активно да се соочиме со злото на двата фронта истовремено: давајќи им шанса на непријателите со кои се бориме да станат наши пријатели – ги победуваме не само нив, туку ги поразуваме и оние „поднебесни духови на злобата“ (Ефес. 6,12) од кои доаѓа лошотијата и во нив и во нас.
Напишете коментар