
Што да се прави кога политкоректноста ќе стане средство за фарисејско „фаќање во збор“ на неистомислениците и нивно дискредитирање? Тогаш изборот на човека наликува на изборот пред кој Христос се наоѓал многу пати во Евангелието, на пример, дали да се дава данок на кесарот или не (Матеј 22,15–22). Се чини дека што и да каже ќе згреши, т.е. неговите противници ќе бидат во корист. Слично е и сега. Ако ги прифатите правилата наложени од противниците ќе треба да се извинувате за банални нешта и со тоа да ја потврдите доминацијата на нивниот дискурс (колку и да е бесмислен). Ако се спротиставите ќе изгледате како мало дете што тера инает – и пак ќе загубите. Што да се прави? Реакциите – доколку ги има – би зависеле од ситуација до ситуација. Исто како што различни биле и одговорите на Господа на провокациите на фарисеите. Но, тој ниту им се извинувал и се посипувал со пепел затоа што изговорил „забрането зборче“, ниту се препирал и терал инает со нив – туку со секој свој одговор јасно ја посведочувал Вистината наспроти нивната недостојност, свртувајќи ја на тој начин нивната итрина против нив самите. Таквата мудрост доаѓа од Бога и на верните им е ветена со зборовите „Јас ќе ви дадам уста и мудрост, на која не ќе можат да ѝ противречат ниту да ѝ се противстават сите ваши противници“ (Лука 21,15).