Feeds:
Написи
Коментари

Archive for Јануари, 2022

Ми текнува на дијалогот со една учителка од основно далечната 1989 година. Таа не беше мојата учителка по одделенска настава, туку друга, дојдена да го надгледува часот. Зборувавме за убавината и јас го употребив изразот „убава како ангел“. Тогаш, комунистичката просветна работничка крвнички ме опули низ дебелите старечки цвикери и окезена ме коригира нагласувајќи го секој збор: „Но, Милане, нели ние сите денес знаеме дека такви нешта како ангели не-по-сто-јат“? Дете како дете, што да ѝ правам, промрморев некакво „па… добро“ и таа, задоволна што во корен ја сосекла „еретичката“ помисла во мојата мала глава, ме остави на мира. Другите деца, вклучително и тие што веруваа во Бога и одеа во Црква (а имаше такви затоа што меѓу часовите разговаравме на тие теми), така добија до знаење дека треба да си седат мирни и да пазат што зборат и што мислат.

Слично инквизиторско поведение гледам и денес, но на едно друго ниво. На пример, се избира некој постар учебник од пензиониран или умрен автор и се покренува брутална кампања против книгата и составувачите. Толку брутална што никој од колегите не се ни осмелува да изусти збор во нивна одбрана, или барем да спомене дека „применетата сила“ е прекумерна. Во серијата вакви јавни линчови, особено грозен беше оној врз почитуваната проф. Олга Шкариќ, една од основачите на Институтот на кој го заврши својот работен стаж. Уште побрутален беше случајот со сега веќе покојниот проф. Благоја Јанаков, кој резултираше и со судски процес против него. При сето тоа, обилно се користи истата стара формулација: „нели сите ние денес знаеме дека…“. Да, вистина е дека и во старите и во новите учебници може да се најдат содржини кои може да бидат предмет на спор, но прикаската „ние сите денес знаеме…“ – не ѝ е местото во една таква дискусија. Тоа е морализирање од највулгарен вид.

Не треба да збунува тоа што новокомпонираните фарисеи не се религиозни и не се традиционални во конвенционалната смисла на зборот. Наместо тоа, тие до непрепознатливост ги унакажуваат самите либерални идеи на кои се повикуваат, со тоа што ги конзервираат и им ги наложуваат на сите. Кој не сака да прифати – ќе биде маргинализиран, исмеан, поплукан и даден на суд. Со секташки фанатизам се спроведуваат идеолошките агенди, при што се користат „класични“ методи за испадување на „еретички мисли и помисли“. На пример, ако некоја жена се чувствува нелагодно во иста соблекувална или гардероба да ѝ се пресоблекуваат мажи што се „декларираат“ како жени – таа треба да се исмее, да и се покаже колку таа е назадна и затуцана. Кога така „убаво ќе и се затне устата“, тогаш или ќе си седи мирна и ќе си трпи, или ќе им се приклучи на „прогресивните“ и „ослободените“. Да, драги „прогресивни“, „ослободени“ и „разбудени“ пријатели – токму тоа го правите без око да ви трепне.

Од времето кога учев основно поминале бајаги години. Од тогаш повеќе пати сум бил почестен со прашањето: „нели ние сите знаеме денес дека…“. Кога човек ќе ги согледа игрите на моќ што стојат зад таквите и слични прашања и коментари гледа малку поинаку на нештата. Ако нешто на светов навистина нема цена – тоа е слободата, тоа е она нешто во што му наликуваме на Бога, кој нѐ создал по својот образ и подобие. Не смееме да ја ускратуваме слободата и подеднакво не смееме да дозволиме некој таа слобода да ни ја ускрати нам. Вистината се достигнува преку аргументи и личен подвиг во доблеста, а не преку кампањи, слогани, манипулирање, оцрнување и заплашување – кои ја суспендираат слободата на личноста. Но, прашање е дали критериумот нѝ е вистината или нешто друго? Тоа прашање треба секој сам да си го постави и чесно да си го одговори.

Read Full Post »

Покрај богослужбениот канон кој е општообврзувачки на ниво на целата православна Црква, постојат и обичаи кои не се задолжителни, но се практикуваат меѓу православните христијани. Овие обичаи може да се поделат на три групи:

1. Црковни литургиски обичаи. Произлегуваат од празникот, символички укажуваат на него и свештенството учествува во нивното извршување. Имаат локален или регионален карактер и затоа не може да бидат општо задолжителни на ниво на целата православна Црква. Преку овие обичаи се согледува слободата и многуобразноста на црковниот живот во светот и времето. Како пример кај нас може да послужат црковните слави или благословувањето на бадниковото дрво по вечерната на Бадник. Во оваа група спаѓаат и различните начини на извршување на некое литургиски задолжително свештенодејствие, како што е осветувањето на водите на Богојавление – можно е свештеникот само да го положи со рака крстот во водата, може да го фрли и да го извлече од водата со јаже, може да го фрли, а верниот народ да му го врати назад. Последниот облик се практикува кај нас и не само што е целосно согласен со преданието на Црквата, туку – доколку се спроведе на достоинствен начин – прекрасно го прикажува содејствието на свештенстовото и народот во црковниот живот.

2. Црковни вон-литургиски обичаи. Поврзани се со празникот, исполнети се со символичка содржина, но свештенството не учествува во неговото извршување. Најчесто станува збор за семејни обреди, извршувани заеднички или од главата на семејството. Како примери може да се наведат семејната бадникова вечера со прекршувањето на бадниковото лепче или прекршувањето на василичарската пита. Референците кон празниците што се празнуваат може да бидат повеќе или помалку директни, па така паричката во лепчето за Бадник се однесува на златото што мудреците му го принеле на Богомладенецот, додека паричката во василичарската пита директно реферира кон настан опишан во житието на св. Василиј Велики. Двете практики не се исклучуваат една со друга, така што ако таткото во едно семејство израснал со едниот обичај, а мајката со другиот – слободно може да се практикуваат двата, секој во своето време. Тука може да се наведе и пеењето божиќни празнични песни, познати и како „календи“, при што се можни најразлични формати во однос на возраста (возрасни или деца), типот на песните и мелодиите (литургиски песни, едноставни детски песнички или компонирани „календи“), како и големината на групите (мали маалски групи или масовни поворки во поново време).

3. Профани фолклорни обичаи. Може да бидат поврзани со некој црковен празник, но тие не произлегуваат од празникот и од литургискиот живот, поради што не постојат ниту црковни обреди за нивно извршување. Може да содржат и алузии кон празникот, но не ја изразуваат неговата подлабока богословска смисла. Токму во тоа се состои разликата меѓу погоре спомнатите божиќни празнични песни и профаните фолклорни коледарски песни. На пример, се чини дека телето во „Коледе леде“ е единствениот православен лик во песничката бидејќи ги потсетува развеселените коледари дека не е време да го колат, туку е подобро „да купат зеле и да јадат сите“ бидејќи сѐ уште се пости. Овие обичаи се вклопуваат во една поширока рамка на фолклорни практики, меѓу кои попознати се свадбарските. Тие често имаат карневалски карактер и основната цел им е да бидат смешни и забавни. Во оваа група би можеле условно да се вбројат и т.н. „коледарски огнови“, иако тие се новововедена практика која се јавува кон крајот на 80-те, главно како профанизирана варијанта на црковно-литургискиот обичај на благословуање на бадниковото дрво по вечерната служба на Бадник (наведено погоре). Друг извор на оваа практика е профаното празнување на Василица кое вклучувало и палење огнови, прескокнување на огнот и сл. И покрај тоа што овие обичаи не соодветствуваат на литургиската логика на настанот што се празнува, сепак сѐ додека со нив отворено не се промовираат суеверни и магиски практики, тие може да се толерираат.

Read Full Post »

Што славиме и што си честитаме денес? Тоа ли што влегуваме во третата пандемиска година и што за тоа време се разделивме од толку многу сакани луѓе? Тоа ли што давачките растат, стандардот опаѓа, а сеопштата апатија и безволност царуваат? Тоа ли што на глобално ниво владее крајна неизвесност во поглед на слободата и мирот? Тоа ли што природата повеќе не може на своите ранети плеќи да го додржи паднатото човештво? Тоа ли што моралната деканденција и сеопшта конфузија стануваат норма на живеењето? Стварно, што славиме и за што си честитаме денес?

Ќе ви кажам што славам јас денес и што им че’ститам на сите што ги сакам. Славам и че’ститам за тоа што времето се движи кон својот благословен крај и нема намера да запре. За тоа што секој предизвик и тежина нѐ воспитуваат и нѐ израснуваат за векот што доаѓа. За тоа што покајанието на малкумина е доволно да го поведе созданието кон неговото избавување и исполнување. За тоа што со разборит презир кон лажните проповеди и погубните обичаи чекориме низ времето сѐ поблиску до Оној, Кој се роди од Дева и Кој вети дека пак ќе дојде во слава и дека Неговото Царство не ќе има крај.

Итајќи кон литургиското прославување на Неговото прво пришествие да се удостоиме за место меѓу достојните на Неговиот страшен и неодминлив Суд, на кој сите ќе бидеме проникнати со огнот на Неговата благодат – и оние што тоа од дното на своето битие го посакуваат, и оние кои во ужас ќе се обидуваат, но нема да можат да се сокријат од сепроникнувачката светлина на неговото Лице. За првите, вели свети Максим Исповедник, таа светлина ќе биде извор на непрестано познание и незгаслива радост, додека за вторите таа ќе биде причина за бескрајно страдание и болка. Тој ден, денот на Судот и на свршетокот на овој век, и истовремено, денот на неискажливата радост и на вечната заедница со човекољубивиот троичен Господ Бог – е денот до кој денес сме поблиску за една година. Тоа е доволна причина за славење и радост на секој што со благоговение и нетрпение го исчекува свршетокот на старото и настапувањето на Новото во сета негова полнота. За многу години!

Read Full Post »