Feeds:
Написи
Коментари

Archive for Јануари 27th, 2022

Ми текнува на дијалогот со една учителка од основно далечната 1989 година. Таа не беше мојата учителка по одделенска настава, туку друга, дојдена да го надгледува часот. Зборувавме за убавината и јас го употребив изразот „убава како ангел“. Тогаш, комунистичката просветна работничка крвнички ме опули низ дебелите старечки цвикери и окезена ме коригира нагласувајќи го секој збор: „Но, Милане, нели ние сите денес знаеме дека такви нешта како ангели не-по-сто-јат“? Дете како дете, што да ѝ правам, промрморев некакво „па… добро“ и таа, задоволна што во корен ја сосекла „еретичката“ помисла во мојата мала глава, ме остави на мира. Другите деца, вклучително и тие што веруваа во Бога и одеа во Црква (а имаше такви затоа што меѓу часовите разговаравме на тие теми), така добија до знаење дека треба да си седат мирни и да пазат што зборат и што мислат.

Слично инквизиторско поведение гледам и денес, но на едно друго ниво. На пример, се избира некој постар учебник од пензиониран или умрен автор и се покренува брутална кампања против книгата и составувачите. Толку брутална што никој од колегите не се ни осмелува да изусти збор во нивна одбрана, или барем да спомене дека „применетата сила“ е прекумерна. Во серијата вакви јавни линчови, особено грозен беше оној врз почитуваната проф. Олга Шкариќ, една од основачите на Институтот на кој го заврши својот работен стаж. Уште побрутален беше случајот со сега веќе покојниот проф. Благоја Јанаков, кој резултираше и со судски процес против него. При сето тоа, обилно се користи истата стара формулација: „нели сите ние денес знаеме дека…“. Да, вистина е дека и во старите и во новите учебници може да се најдат содржини кои може да бидат предмет на спор, но прикаската „ние сите денес знаеме…“ – не ѝ е местото во една таква дискусија. Тоа е морализирање од највулгарен вид.

Не треба да збунува тоа што новокомпонираните фарисеи не се религиозни и не се традиционални во конвенционалната смисла на зборот. Наместо тоа, тие до непрепознатливост ги унакажуваат самите либерални идеи на кои се повикуваат, со тоа што ги конзервираат и им ги наложуваат на сите. Кој не сака да прифати – ќе биде маргинализиран, исмеан, поплукан и даден на суд. Со секташки фанатизам се спроведуваат идеолошките агенди, при што се користат „класични“ методи за испадување на „еретички мисли и помисли“. На пример, ако некоја жена се чувствува нелагодно во иста соблекувална или гардероба да ѝ се пресоблекуваат мажи што се „декларираат“ како жени – таа треба да се исмее, да и се покаже колку таа е назадна и затуцана. Кога така „убаво ќе и се затне устата“, тогаш или ќе си седи мирна и ќе си трпи, или ќе им се приклучи на „прогресивните“ и „ослободените“. Да, драги „прогресивни“, „ослободени“ и „разбудени“ пријатели – токму тоа го правите без око да ви трепне.

Од времето кога учев основно поминале бајаги години. Од тогаш повеќе пати сум бил почестен со прашањето: „нели ние сите знаеме денес дека…“. Кога човек ќе ги согледа игрите на моќ што стојат зад таквите и слични прашања и коментари гледа малку поинаку на нештата. Ако нешто на светов навистина нема цена – тоа е слободата, тоа е она нешто во што му наликуваме на Бога, кој нѐ создал по својот образ и подобие. Не смееме да ја ускратуваме слободата и подеднакво не смееме да дозволиме некој таа слобода да ни ја ускрати нам. Вистината се достигнува преку аргументи и личен подвиг во доблеста, а не преку кампањи, слогани, манипулирање, оцрнување и заплашување – кои ја суспендираат слободата на личноста. Но, прашање е дали критериумот нѝ е вистината или нешто друго? Тоа прашање треба секој сам да си го постави и чесно да си го одговори.

Read Full Post »