
На денешен ден Црквата литургиски си спомнува за последниот Христов Суд. Всушност, оваа недела точно така се именува – Недела на страшниот суд. Ваквото именување на мнозина може да им изгледа необично – зарем зборувањето за „Страшен Суд Господов“ не е нешто што му припаѓа на минатото, на „средниот век“. Всушност, се чини дека некако незабележително сме ја загубиле свеста за тоа дека светот и времето имаат свој почеток и крај, дека постои време кое се вика „последно време“, или како што меѓу теолозите се именува – „есхатон“. Имено, сме ја загубиле есхатолошката свест, која била доминантна во ранохристијанската Црква и која се пројавувала во поедини критични (пресудни) периоди од историјата на човештвото. Всушност, целиот период по Христовото Воскресение е време на исчекување на крајот. Но, тој крај, согласно видувањето на Христијаните, не е некаква „пропаст“ и „разнебитување“ на творението – туку негово конечно завршување, заокружување, исполнување. Христијанското разбирање на последните времиња не е песимистичко. Тоа, пак, не значи дека патот до крајот е лесен. Евангелието ги споредува овие времиња со родилни маки, низ кои времениот живот преминува во живот вечен. Пресвртна точка на ова сфаќање и доживување на историјата е последниот Суд Христов, на кој доброто ќе се раздели од злото, добрите ќе застанат од десната страна на Бога и навистина ќе влезат во вечниот живот. Лошите, пак, ќе застанат од Божјата лева страна и ќе бидат фрлени во вечна пропаст.
Ако ваквото кажување звучи премногу „средновековно“, тогаш еве едно објаснување на овие зборови кое се темели врз богомислието на свети Максим Исповедник (кој, патем, самиот си е асли средновековен автор од VI-VII век). Имено, Бог никого нема да го присили на тоа како да постои во вечноста – дали во блаженство или во страдание. Но, од друга страна, човек нема да може да го промени начинот на постоење што еднаш веќе го утврдил во времето. Едноставно, ако човек го возљубил Бога во овој живот и живеел согласно Неговите заповеди, тогаш за него постојаното присуство на благодатта во Идниот век ќе биде извор на вечно блаженство. Ако ли, пак, во овој живот својата љубовна сила ја насочил кон други работи и постапувал спротивно од благословеното, тогаш за него истото тоа неодминливо присуство на благодатта ќе претставува извор на бескрајно страдание. Богословско-философскиот аргумент за тоа зошто промената веќе не е можна е очигледен – само во времето може да постои промена. Во мигот кога времето ќе го нема – ќе ја нема ниту можноста за промена на начинот на постоење на човекот.
Токму затоа, по вчерашната Задушница и една седмица пред почетокот на Великиот пост секоја година си спомнуваме за последниот Суд, на кој сите неминовно ќе застанеме: богати и сиромашни, моќни и немоќни, познати и анонимни, цареви и слуги – сите еден до друг, на еднаков суд пред праведниот Судија. Секој што ги минува своите земни денови со оваа помисла – го собира највредното богатство што никогаш нема да му се одземе, се овенчува со силата и славата на Царството што не е од овој свет, а неговото име се запишува во книгата на животот која останува во веки.